[Рецензија:  Убава вест за тие што сакаат да работат во Германија – и без виза ќе може да се бара работа 6 месеци ]

Збунувачки напис што ја дезинформира јавноста и на читателската публика ѝ сервира погрешна слика дека е сменета процедурата за тие што сакаат да ја напуштат Македонија и да работат во Германија.

На медиумите што го објавија овој текст извор им е некој наводен нов германски закон, кој стапува во сила од почетокот на годинава. Според овој, всушност, непостоен закон, медиумите тврдат дека квалификувани работници ќе можат без виза шест месеци да престојуваат во Германија.

Линк до оригиналниот напис: Убава вест за тие што сакаат да работат во Германија – и без виза ќе може да се бара работа 6 месеци

Датум и време на објавување: 3.1.2019

Датум на рецензирање: 8.1.2019

Рецензент: Симона Атанасова

Оваа вест не е точна. Во написот нема ни трага ни глас од законот. Нема негови точни цитати, нема извор од каде е добиен законот, линк што води до него, ниту, пак, има изјава од службено лице, кое може да ја потврди автентичноста на информациите.

Доколку тој што ја пласирал информацијата малку се потрудел да ја провери нејзината точност, тогаш ќе дошол до заклучок дека таа е неточна. Тоа најлесно може да се утврди со проверка во германската амбасада во Скопје, од каде што уште истиот ден излегоа со демант.

Информациите за нов закон, кој треба да стапи во сила од 1.1.2019 г. и кој на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ ќе им овозможи престој до 6 месеци без работен договор и без работна дозвола во Германија, не се точни. Ве молиме да се информирате на веб-страницата на германската амбасада за предусловите и времето на чекање за доделување работни визи.

Веб-страницата го објави демантот од германскатс амбасада, но без притоа да напишe дека и тој самиот е дел од медиумите што го објавија ова лажно известување. Се разбира, за објавување ваква тенденциозна вест, медиумот треба да преземе одговорност и, пред сè, да им се извини на своите читатели. Со неточното известување читателите се манипулираат и им се влева лажна надеж на тие што сакаат да заминат во Германија, а немаат виза.

Во време кога голем број граѓани иднината ја гледаат надвор од Македонија, ваквите дезинформации можат да предизвикаат конфузија и хаос. Со ваков текст се прекршуваат повеќе професионални новинарски, но и етички правила.

Новинарскиот кодекс уште во првиот член вели дека „новинарот треба да објавува точни, проверени информации…“, додавајќи на крајот од членот дека „точноста на информацијата треба да се провери колку што е можно“. Овде тоа, бездруго, не е направено. Не е наведено ниту точното име на законот. Оваа вест е проблематична и кога станува збор за нејзиниот извор, односно од каде потекнува. За ова во веста, исто така, не е наведено ништо. Членот 4 од Кодексот вели дека „новинарот ќе го назначи изворот на информациите…“. Во конкретниов случај, со оглед на фактот што се тврди дека станува збор за веќе усвоен, а со тоа и објавен закон, бездруго, требало да се наведе за кој закон станува збор, кога е усвоен и, евентуално, на чија иницијатива. Но, такво нешто во веста нема.