Невистинит пост агитира против вакцинација на бебињата

УНИЦЕФ во 2018 година објави дека имунизацијата претставува едно од најзначајните и најисплатливите достигнувања на јавното здравство во денешницата, затоа што кога најголем број деца од една заедница се вакцинирани, поединечните случаи на заболувања ретко прераснуваат во епидемија.

-

Токму благодарение на вакцините, некои болести, како што се големите сипаници, целосно се искоренети. Некои се на прагот да бидат искоренети, како, на пример полио, а многу други се ставени под контрола и се наоѓаат на патот до целосно искоренување – дифтерија, пертусис (голема кашлица), мали сипаници, тетанус, итн. Во постот тенденциозно и сосема произволно се тврди: „Една вакцина за бебе е како 80 вакцини на возрасен човек. Вакцината е тивок убиец на човековата интелигенција и здравје“. Ова нема никаква врска со реалноста, чиста измислица. Вакцините кои им се даваат на децата, ретко им се даваат на возрасните, на пример БСЖ вакцината исклучително ретко се дава над 16 години зашто после таа возраст нема ефект, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се вели:

18.04.2023

Не ги вакцинирајте вашите бебиња во породилиштата. Една вакцина за бебе е како 80 вакцини на возрасен човек. Вакцината е тивок убиец на човековата интелигенција и здравје. Дело на длабоката држава и сатанистите кои не владеат глобално, повеќе од 2020 години.

Наспроти невистините изнесени во постот што го рецензираме, токму благодарение на вакцините, некои болести, како што се големите сипаници, целосно се искоренети. Некои се на прагот да бидат искоренети, како на пример полио, а многу други се ставени под контрола и се наоѓаат на патот до целосно искоренување – дифтерија, пертусис (голема кашлица), мали сипаници, тетанус, итн.

УНИЦЕФ во 2018 година објави дека имунизацијата претставува едно од најзначајните и најисплатливите достигнувања на јавното здравство во денешницата, затоа што кога најголем број деца од една заедница се вакцинирани, поединечните случаи на заболувања ретко прераснуваат во епидемија. Меѓутоа, доколку некои од децата не ги добијат потребните вакцини, зголемен е ризикот од заболувања за сите.

Вакцините го спасуваат животот на децата и може да го запрат ширењето на болестите. И покрај овој факт, во 2017, повеќе од половина од најранливите деца во светот сѐ уште не ги добиваат основните вакцини кои се потребни за здрав живот. Освен тоа, сѐ поголем број деца не ги добиваат вакцините кои може да го заштитат нивниот живот заради зголеменото влијание кое се врши со кампањите против вакцините и гласините кои се шират за безбедноста и квалитетот на вакцините. Научен факт е дека вакцините дејствуваат и дека тие се безбедни. Всушност, тие се повеќе од безбедни — со нив може да се спаси живот!, се вели во објавата на УНИЦЕФ.

Вакцинирањето во С. Македонија е задолжително, вакцинацијата е бесплатна, а вакцинирањето и ревакцинирањето се вршат согласно календарот за вакцинација. Право на секое дете е да биде вакцинирано, должност на секој родител е редовно да го носи своето дете на вакцинација, а обврска на здравствените лица е редовно да ја извршуваат вакцинацијата кај децата.

Во С. Македонија се предвидени 11 задолжителни вакцини, од кои повеќето се поливалентни вакцини против поголем број болести како што се: туберкулоза, полиомелитис, морбили, рубеола, хепатитис Б, паротитис епидемика (заушки), хемофилус инфлуенца тип Б, човечки папиломен вирус, дифтерија, тетанус и пертусис.

Со вакцинација детето се заштитува од повеќе опасни  детски заболувања, а ревакцинацијата ги освежува одбранбените сили  на детето. Вакцинацијата го зајакнува имунитетот. Детето кое редовно ќе ги прими сите вакцини ќе стане отпорно на најтешките детски  заразни болести. Само  со редовна и целосна вакцинација се обезбедува сигурна заштита.

Како последица на неколкугодишните негативни кампањи против вакцинацијата, во 2018 година во земјава имаше епидемија на морбили.

Непосредно по раѓањето имунитетот на новороденчињата не е доволно силен за сам да се одбрани од заразните болести како туберкулозата, па затоа за развој на клеточниот имунитет за кој се потребни 6 недели, вакцината му се дава на бебето веднаш по раѓањето. Иако туберкулозата кај децата на почетокот не мора да предизвика сериозни последици, сепак последиците можат да се појават во подоцнежните фази од животот. На глобално ниво, околу 2–3 милиони детски животи се спасуваат секоја година благодарение на вакцините.

 

Тенденциозни измислици

Во постот тенденциозно и сосема произволно се тврди:

Една вакцина за бебе е како 80 вакцини на возрасен човек. Вакцината е тивок убиец на човековата интелигенција и здравје.

Ова нема никаква врска со реалноста, чиста измислица. Вакцините кои им се даваат на децата, ретко им се даваат на возрасните. На пример БСЖ вакцината исклучително ретко се дава над 16 години зашто после таа возраст нема ефект. Фактички, некои вакцини се даваат само кога детето е на одредена возраст. Така што, нема компарација што би можела да се направи меѓу вакцина за дете и вакцина за возрасен, а уште помалку да се тврди дека „една вакцина за бебе е како 80 вакцини на возрасен човек“. Има многу видови вакцини за бебиња и сите се компатибилни и дозирани согласно возраста.

Европскиот центар за контрола и превенција на болести пишува дека поради тоа што некои деца може да примат и до 25 вакцини до возраст од 2 години и до пет вакцини при една посета на докторот, многу родители се прашуваат дали е безбедно да им се даваат на децата толку многу вакцини.

Вакцините содржат или многу ослабена форма на вирус или бактерија која предизвикува болест, или мал дел од неа. Кога телото ги детектира состојките од вакцината, неговиот имун систем ќе произведе антитела потребни за да се бори против инфекцијата и да ги елиминира вирусот или бактеријата причинители на болест. Кога подоцна лицето ќе дојде во контакт со вирус или бактерија, имуниот систем ќе го препознае и ќе ја заштити личноста преку креирање на соодветни антитела пред болеста да биде предизвикана, пишуваат од Европскиот центар за контрола и превенција на болести.

Дали децата примаат премногу вакцини прерано?

Не. Новороденчињата често менаџираат многу предизвици на нивниот имун систем во исто време. Во матката на мајката нема бактерии и вируси, така што новороденчињата веднаш по раѓањето се соочуваат со предизвици на нивниот имунолошки систем. Од моментот на раѓањето илјадници различни бактерии почнуваат да живеат на површината на цревата. Со брз имун одговор на овие бактерии, бебињата ги спречуваат истите да влезат во крвотокот и да предизвикаат сериозни болести. Всушност, бебињата се способни да одговорат на милиони различни вируси и бактерии зашто имаат милијарди имунолошки клетки кои циркулираат во нивните тела. Затоа, вакцините дадени во првите две години од животот се само капка во океанот од тоа со коешто имуниот систем на бебето се соочува успешно и кое го менаџира секој ден, додаваат од Европскиот центар за контрола и превенција на болести.

Што се однесува до изнесеното во постот што го рецензираме, дека „вакцините се дело на длабоката држава и сатанистите“, тоа претставува само дел од теоријата на заговор Кју Анон, која безмилосно шири дезинформации со цел да ги демотивира граѓаните да не ги вакцинираат своите деца.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Здружение на инженери: Во буџетот да се предвидат пари за проектот „Чебрен“

Здружението на инженери на Република Македонија, преку соопштение до јавноста, денеска побара во буџетот за 2025 година да се предвидат средства за почеток на изградбата на реверзибилната хидроцентрала Чебрен,...