Активистите на „О2 Иницијативата“ во 2018 година беа активен монитор на постапките на локалната и на централната власт поврзани со животната средина, аерозагадувањето, уништувањето на Водно. За тоа што е сработено и дали се квалитетни мерките против загадувањето зборувавме со Невена Георгиевска, претставник на „О2 Иницијативата“.

Бевме сведоци дека Владата калкулираше со алармирање на јавноста за надминат праг на аерозагадување со ПМ10 честички и покрај тоа што имаше обврска.

– Не алармираше, бидејќи се смени временската состојба бидејќи беа најавени временски промени, ветер, и кога задува, се спуштија вредностите. Податоците за ветерот исто така стојат кај другите параметри кои се добиваат од мерните станици, но тие не се прикажуваат, а токму ветерот и температурата се исто така фактори кои влијаат на количеството на штетни материи во воздухот .Сакаме тие податоци за последниве две години да ги споредиме со вредностите на аерозагадувањето и да видиме, дали она за што се фалат дека е помало загадување поради превземените мерки е всушност резултат на природни фактори.

Дали ги имаме вистинските мерки против загадување?

– Потребно е да се стави акцент на субвенционирање на еколошки решенија за загревање, а печките на пелети да се овозможат таму каде што нема можност граѓаните да се приклучат на топловодна мрежа или на гас. Вака, откако ќе купат печки или инвертори, тешко дека за две години ќе сакаат да инвестираат во инсталации за гас. Не се размислува долгорочно. Исто така, два-три дена бесплатен јавен превоз не можат да донесат никакви резултати ако не се врзани со забрана за користење на возила во централното градско подрачје.

Сè уште не знаеме кој точно загадува. Имаше финска студија поради која власта вели – граѓаните загадуваат. Дали можеби и мерките против загадувањето не се вистинските штом не ги знаеме вистинските причини?

– Финската студија на која се повикуваат е резултат на само една и тоа позадинска мерна станица, лоцирана среде зеленило во Карпош и таа треба да го мери квалитетот на воздухот подалеку од автомобили и индустрија. Тие податоци требало да се споредат со оние од некоја локација на која влијаат и тие фактори и верувам дека било планирано да се направат и други такви студии, но се прекинало и во недостаток на други податоци, се потпираме само на овие.

Кој сè загадува?

– Сите загадуваме. Толку е големо загадувањето што не можеме да исклучиме ништо. Затоа и се потребни драстични мерки кои нема да се однесуваат само на домаќинствата, треба исто така и драстично намалување на сообраќајот во деновите на загадување, запирање на одредени технолошки процеси во индустријата, запирање на градежните активности, па да се види тогаш какви се вредностите на аерозагадувањето. Потребно е државата да размисли за комплетно селење на некои гранки на индустријата од Скопје, како и урбанистички развој преку дисперзирани урбани центри подалеку од сегашното градско јадро.

Место такви мерки – да се запрат градилиштата додека е алармантно загадувањето, само препораки: не излегувајте од дома!

– Градежниците се жалат дека тоа ќе им донесе загуби, годинава ја прогласија за „црна година“ поради стопирани ДУП-ови, а всушност не се во загуба, само планираниот профит, кој очекувале да биде голем, сега е намален. Ние бараме и ревизија на ГУП-от на Град Скопје, бидејќи тој поаѓа од многу застарени податоци поради немањето попис и сега им служи на властите и на градежниот бизнис да ја стимулираат прекумерната урбанизација на секоја педа зеленило со тоа дека „ГУП-от така предвидува“. Општините живеат од придонесите од градежништвото и не сакаат да ги стопираат. А, кога сегашните локални власти дојдоа, прво што ветија е дека имаат менаџерски способности да најдат доволно пари за да не мора општините така да се финансираат.

Макрадули и Шилегов не пропуштаат можност да изјават дека граѓаните загадуваат во Скопје, а не индустријата, која има еколошки дозволи и е под контрола. Од друга страна, неформално, од повеќе извори во институциите дознаваме дека сè би било поинаку кога контролите на инспекциите за животна средина би се извршувале како што треба.

– Индустријата има А и Б интегрирани еколошки дозволи. Оние со А ги контролира државата, но за нив побаравме да се испита загадувањето не само на непосредниот извор на емисии туку и во околината на објектот, бидејќи често и таму има прашина која загадува. Додека оние со Б дозволи треба да бидат контролирани од општините, а самите општини признаваат дека немаат капацитет да обавуваат контроли, катастари на загадувачи повеќето немаат изготвено иако им е обврска. Летово имаше бројни пријави на граѓани за загадување кое доаѓа од кругот на некогашна Железарница, каде покрај „Макстил“ има многу други помали производни капацитети за кои не знаеме ни дали имаат воопшто дозволи, станицата покажуваше алармантни вредности и веднаш потоа престана да работи, но немаше никаков резултат од тие пријави, барем не се објавени никаде. При таква нетранспарентност и такво работење, ние сме со право недоверливи во работењето на општините во врска со контролата на индустриското загадување.

А што е тогаш улогата на Градот?

– Ингеренциите се поделени, но морам да кажам дека имаме добра соработка со сегашниот директор на градскиот инспекторат кој веднаш реагира на наши пријави и праќа екипи на терен. Сепак, тоа не е доволно, треба построги законски ограничувања на загадувањето и построги казни. За поздравување беше и акцијата со запленување на гуми за горење што ја спроведе општина Гази Баба, но, што е со дивите населби под Кале каде се гори токсичен отпад? Шест месеци властите се фалат дека ќе го решат проблемот, а тие луѓе сè уште се таму.

Шилегов кога дојде на функција навистина делуваше дека е заинтересиран да ги решава еколошките проблеми на градот, Негов предлог беше луѓето кои живеат на дивите депонии и го селектираат отпадот да бидат ставени во системот, каде дел од нив ќе бидат вработени, со решен социјален статус и така тие сиви зони ќе бидат под контрола на државата.

Како е О2 задоволна од исполнувањето на 39те барања за решавање на еколошки проблеми во Скопје од страна на Шилегов?

– Премногу има фалење со сработеното, премалку резултати. ПР-от на градоначалникот е супер, но ние сме построги во оценките и фокусирани на резултатите. Има 19 барања кои се обележени дека се во тек на реализација и мислам дека активностите на градот се делумно резултат и на тоа што постојано ги подбуцнуваме. Некои од обврските од листата се лесни за исполнување и не бараат ресурси, само добра воља, какво што е барањето за вклучување на граѓаните во донесувањето на одлуките на градот кои се однесуваат на загадувањето или објавување на Катастарот на загадувачи, но не се реализираат. Или затрупувањето на троската на Железарница и нејзино пошумување. Има и многу ургентни како уредувањето на Вардариште кое не е почнато бидејќи го кочи донесувањето на ДУП во Гази Баба, како ни покривањето на депониите на линданот што би требало да биде во содејство со Министерство за животна средина општина Кисела Вода. Садењето на по неколку дрвца или хортикултурно уреден тревник не можат да компензираат за тоа што не се зачувува или подига зеленило во форма на паркови, како овие што ги вети Шилегов, покрај Вардар или крај Серава и Лепенец.

Има ли некаква надеж програмата на Владата да ги донесе најавените резултати, од 30 до 50 процентно намалување на загадувањето?

– Тоа би можело да се каже само доколку на секои 3-4 месеци се прави ретроспектива на сработеното за да се види дали мерките се добри и нивната реализација се одвива според планот. Ако нема механизам за контрола на програмата, а ние чекаме две години за нешто да се случи, тогаш, доколку потфрли овој план, кого ќе повикаме на одговорност? Влогот е голем – здравјето на нацијата!