Нема договор за справување со загадувањето со пластика. Преговорите во Обединетите Нации не завршија со консензус за првиот правно обврзувачки договор во светот за справување со загадувањето со пластика. Државите што се залагаа за амбициозен договор рекоа дека најновиот текст, објавен преку ноќ, не ги исполни нивните очекувања.
Претседавачот со преговорите, Луис Вајас Валдивиесо од Еквадор, ја прекина сесијата со ветување дека ќе ги продолжи разговорите но без конкретен датум кога ќе се случи тоа.
Повеќе од 1.000 делегати се собраа во Женева за шестата рунда разговори, откако состанокот на Меѓувладиниот преговарачки комитет (INC) во Јужна Кореја кон крајот на минатата година заврши без договор.
На преговорите земјите се бореа да ги премостат длабоките поделби околу обемот на идните ограничувања. Многумина, вклучувајќи го и данскиот министер за животна средина Магнус Хеунике, кој преговараше во име на ЕУ, беа разочарани што конечниот напор не даде никакви резултати.
„Секако, не можеме да скриеме дека е трагично и длабоко разочарувачки да се види како некои земји се обидуваат да го блокираат договорот“, изјави тој пред новинарите, ветувајќи дека ќе продолжи да работи на договорот неопходен за справување со еден од најголемите проблеми со загадувањето што ги имаме на земјата.
Француската министерка за екологија, Ањес Пание-Рунашер, на завршната сесија на состанокот изјави дека е бесна затоа што и покрај искрените напори на многумина и вистинскиот напредок во дискусиите, не се постигнати опипливи резултати.
Во очигледна референца кон земјите производители на нафта, делегатот од Колумбија, Ендел Родригез, рече дека договорот бил блокиран од мал број држави кои едноставно не сакале договор.
Дел од дипломатите претходно овој месец предупредија дека напорите на Европската Унија и малите островски држави да го ограничат производството на пластика, директно зависно од нафта, јаглен и гас, се соочија со отпор од земјите што произведуваат фосилни горива и САД.
Американскиот делегат Џон Томпсон од Стејт департментот одби да коментира по напуштањето на разговорите.
Официјални лица на ОН и некои земји, вклучувајќи ја и Велика Британија, рекоа дека преговорите треба да продолжат, но други го опишаа како прекинат процес.
„Многу е јасно дека сегашниот процес нема да функционира“, рече делегатот на Јужна Африка.
Ингер Андерсен, извршна директорка на Програмата за животна средина на Обединетите нации, исто така вети дека ќе продолжи да работи.
„Не стигнавме таму каде што сакаме, но луѓето сакаат договор“, рече таа.
Најконтроверзните прашања вклучуваат ограничување на производството, управување со пластичните производи и хемикалиите што предизвикуваат загриженост и финансирање на земјите во развој да го спроведат договорот.
