Фото/Принтскрин видео

Најчесто пријавени нарушувања во известувањата на медиумите за време на пандемијата со ковид-19 се неточното и сензационалистичко известување, недоволна заштита на приватноста и личните податоци, како и отежнатиот пристап до информации.

Ова денеска беше истакнато на онлајн дебата на тема „Медиумска саморегулација – што донесе пандемијата?“ во организација на Советот за етика во медиумите (СЕММ), во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Од февруари до септември лани, 46 проценти од пријавите кои стигнале до Комисијата за жалби при СЕММ се однесувале на неточно известување за пандемијата со ковид-19, а во 30 проценти од пријавите бил детектиран сензационализам во објавите за ковид-19. Во медиумите се пишуваше и за случаи кои се ковид-позитивни а притоа не беа доволно заштитени приватноста и личните податоци. Прес-конференциите кои се одржуваа онлајн го ограничуваа пристапот на новинарите до информации и на функционерите им овозможуваа одредена комоција, поради недостатокот на интеракција,“ истакна Даниел Димитриески, координатор за програми и прием на жалби во СЕММ.

Претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ, Мирче Адамчевски рече дека од почетокот на корона кризата лани од февруари па се до јули 2020 годин имало нагло зголемување на жалбите, односно бројката изнесува 140 што било за 70 отсто повеќе од 2019 година. Според Адамчевски, најголем број од претставките биле за пишувањата за ковид-19.

Во една третина од жалбите било констатирано прекршување на членот 1 од Кодексот за професионално и етичко информирање кој се однесува на точно и правилно информирање. Потоа било регистрирано и прекршување на членот 8 кој се однесува на сензационалистичко известување.

Притоа биле констатирано дека новинарите преку текстовите биле извор на поделби, застапувајќи ставови на една или друга политичка партија, кои меѓу себе си ја префрлаа наводната вина за состојбата со коронавирусот.

За време на ковид-пандемијата состојби кои биле забележани во медиумите се и неточно информирање, едностраност, политизација на здравствениот проблем, сензационализам и плагијаторство.

Според Адамчевски ковид-пандемијата била топ тема во медиумите се до јули лани, кога оваа тема паднала во сенка на изборите. Односно, од тогаш до денес, медиумите пренесуваат само бројки од официјални институции како и ставови од експерти.
Од почетокот на годината пишувањето за пандемијата не е предмет на жалби до Комисијата, односно немало поднесено ниту една жалба за оваа тема.

Според претседателката на СЕММ, Катарина Синадиновска ковид-пандемијата ги потенцирала тешкотиите со кои медиумите и претходно се соочувале односно финансиите и недостатокот на кадар. Оваа пандемија помогнала да се мапираат силните и слабите страни. Синадиновска смета дека почитувањето на новинарските стандарди и професионализмот се покажаа клучни во борбата против ковид-19.

На дебатата беа истакнати неколку примери за неетичко и непрофесионално известување кое беа закана за јавното здравје, а еден од нив е кога одредени медиуми пишуваа дека „сумамедот“ е лек против ковид-19. Тоа придонесе овој лек да го снема од аптеките, а притоа беше ризик граѓаните да си го загрозат здравјето доколку го примаат на своја рака.

Најчести прекршители на Кодексот за професионално и етичко известување за време на ковид-кризата биле онлјан медиумите, па оттука се истакна и потребата од саморегулација, а како прв чекор во тоа беше потенцирано значењето на формирањето на Регистарот на професионални онлјан медиуми.