fbpx

Неточно е тврдењето дека вакцините против ковид-19 се генетски модифицирани

-

Центарот за контрола и превенција на болести на САД, официјално потврдува дека вакцината против ковид-19 не влегува во интеракција со нашата ДНК на било каков начин. И УНИЦЕФ исто така потврди дека вакцините против ковид-19 не можат да ја променат човечката ДНК. Во огромниот број светски институции, кои се релевантни и потврдуваат дека до ваква промена не може да дојде се приклучува и Глобалната алијанса за вакцинација ГАВИ, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Пост на Фејбук неосновано тврди дека вакцините против ковид-19 ја модифицираат човечката ДНК и дека сите што примиле ваква вакцина, сега припаѓаат на нов човечки вид. Ова не е точно.

ДАЛИ Е НА ПОВИДОК, НОВ ЧОВЕЧКИ ВИД???
Џејн Руби, според податоците во светски рамки, 64% од светската популација земале генетски модифицирани инјекции.
Дали секој човек кој земал производ, кој го менува генот, му дава различна генетска структура од онаа со која е роден?
Што вели законот?
Дали генезата на хомо борг со убодот е нов човечки вид?
Можеби инјектираните ќе имаат поголеми проблеми, какви болести ќе развијат после овие инјекции – биооружје C19.
Ова е шоуто на д-р Џејн Руби која ќе ја внесе вистината во медицината, се вели во постот што го анализираме.

Во објавата се користи и терминот „генезата на хомо борг“. Теоретичарите на заговор кои шират дезинформации поврзани со вакцините против ковид-19, му даваат објаснување на овој термин така што посочуваат дека зборот „хомо“ значи „човек“, а „борг“ – суштество со колективна свест што се контролира однадвор. Зборот „генезис“, според нив, значи „создавање“, па така, според оваа неверојатна кованица, хомо борг генезис означува „создаден човеколики борг“.

Теоријата за хомо борг генезис во постот што го анализираме, е застапена во шоуто на д-р Џејн Руби, од кое е споделено и видео.

Руби, самонаречен „здравствен економист и политички експерт од Нова десница“, постојано споделува дезинформации за ковид-19.

Вистиномер досега многупати има пишувано дека мРНК вакцините не претставуваат генетска терапија, односно не влијаат врз човечката ДНК и не ја менуваат. Сето ова е поткрепено со факти и со докази.

мРНК вакцините не ја менуваат вашата ДНК на кој било начин. Вакцините за Messenger РНК (мРНК) ги учат клетките како да создадат протеин што предизвикува имунолошки одговор ако некој се зарази. мРНК што се инјектира во вашето тело не комуницира со вашата ДНК. Откако мРНК ќе ја заврши својата работа, вашите клетки ја распаѓаат и ја расчистуваат од вашето тело. Нема трајни ефекти од мРНК во вакцината, пишува на официјалната веб-страница на Министерството за здравство.

И Центарот за контрола и превенција на болести на САД, официјално потврдува дека вакцината против ковид-19 не влегува во интеракција со нашата ДНК на било каков начин.

мРНК никогаш не влегува во јадрото на клетката каде се чува генетскиот материјал. Клетката го разградува и се ослободува од мРНК веднаш по завршувањето на користењето на инструкциите.

И УНИЦЕФ тврди дека вакцините против ковид-19 не можат да ја променат човечката ДНК.

Вакцините наречени мРНК не ја менуваат, ниту како било содејствуваат со вашата ДНК. Вакцините мРНК им даваат инструкции на нашите клетки како да направат протеин којшто активира имунолошка реакција и потоа веднаш се раствора. Со ова се гради имунитет против вирусот кој предизвикува ковид-19. На тој начин, мРНК (т.е. инструкциите) од вакцината воопшто не влегува во јадрото на клетката, каде што се наоѓа нашата ДНК, пишува на веб-страницата на УНИЦЕФ.

Во огромниот број светски институции, кои се релевантни и потврдуваат дека до ваква промена не може да дојде се приклучува и Глобалната алијанса за вакцинација ГАВИ.

Американската национална библиотека за медицина терминот „генетска терапија“ го дефинира како „техника која може да им дозволи на лекарите да третираат состојба со вметнување ген во клетките на пациентот, наместо да користат медикамент или операција“.

Генот се состои од ДНК и служи како базична физичка и функционална наследна единица. мРНК, пак, е различен од ДНК.

РНК значи рибонуклеидна киселина. ДНК е дезоксирибонуклеинска киселина и служи како библиотека за инструкции за производство на протеини. Кога клетката сака да продуцира протеин, ја користи ДНК за да продуцира копија од мРНК. ДНК се наоѓа во јадрото на клетките. Рибозомите не се. Поради тоа, мРНК од ковид вакцината нема да влезе во јадрото на клетката, туку едноставно ќе оди во рибозомите кои ќе го продуцираат спајк протеинот.

Значи, влезот на мРНК во човековите клетки не го менува ДНК на човековата клетка и доколку овие клетки се множат, тогаш мРНК нема да се инкорпорира во генетските информации на новите клетки.

Понатаму, генската терапија вклучува создавање намерни промени во ДНК на пациентот за да се излекува генетска состојба. мРНК од вакцината не влегува во нуклеусот на клетката и воопшто нема интеракција со ДНК, така што таа не претставува генетска терапија.

Со генетската модификација би се вршело намерно вметнување на туѓа ДНК во јадрото на човечката клетка, а тоа не се прави со вакцините. Вакцините функционираат така што го тренираат имунолошкиот систем да препознае еден патоген кога се обидува да го зарази телото – ова најчесто се прави со инјектирање на вирусни антигени или слаби живи вируси кои стимулираат имунолошки одговор преку производството на антитела.

ДНК [н.з. во ДНК вакцините] не се интегрира во клеточното јадро, така што ова не е генетска модификација, изјавил Марк Линас од групата Алијанса за наука на Универзитетот Корнел.

Генетските терапии можат да имаат долгорочни ефекти бидејќи перманентно ја менуваат ДНК на клетката. Наспроти ова, мРНК клетките се секогаш транзиторни и не се наследени од ќерките-клетки, што ги прави идеални за користење во вакцините, нешто што всушност и се прави.

Имајќи го предвид огромниот број официјални извори, релевантни институции, експерти и медицински професионалци, научници и претставници на компаниите кои ги произведуваат вакцините против ковид-19, кои тврдат дека со мРНА вакцината не може да се промени генетскиот код, го оценуваме како невистинито тврдењето изнесено во постот што го рецензираме – дека вакцините против ковид-19 ја модифицираат човечката ДНК и дека сите што примиле ваква вакцина, сега припаѓаат на нов човечки вид.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...