Гигантот Нетфликс го продуцираше документарецот “The Remarkable life of lbelin”, трогателна приказна за норвешкиот гејмер Матс Стин којшто се соочува со попреченост.
Целиот свој живот, поради ретка болест на мускулите, во реалниот свет Стин беше неподвижен, но сепак сите негови пречки ги надмина преку неговите карактери во познатата игра „World of Warcraft“. Така, сè што не можел да прави во секојдневниот живот, можел да го прави во дигиталната сфера.
Пред да почине, Стин им ги оставил информациите за логирање на неговиот профил на неговите родители и пријатели. Со тоа направил неговиот карактер да живее вечно.
Документарецот ја раскажува неговата приказна. Тој речиси секој ден влегувал во играта да ужива со пријателите.
„Во играта моите пречки се скршени и можам да бидам кој и да сакам“, е позната реченица која што ја кажувал често. Пријателите кои што играле со него, дошле до контакт со неговите родители од кои побарале пристап до профилот. Гејмерите изградиле и форум специјално наменет за Стин, каде се објавуваат сите моменти и разговори во кои учествувал тој.
Во документарецот има и снимки од приватната архива на неговите родители, а дополнителните виртуелни анимации се неговиот ин-гејм карактер наречен „Ibelin“.
World of Warcraft оваа година слави 20 години од првото лансирање на серверите. До сега во играта учествувале повеќе милиони луѓе, и до денес е една од најиграните игри во историјата на гејмингот.