„Нетфликс“ се здружи со „Мајкрософт“ за поевтина услуга со реклами

фото: @dclmister на Unsplash

Стриминг платформата „Нетфликс“ објави дека се здружила со компанијата „Мајкрософт“ со цел да им понуди поевтин план за претплата на клиентите, кој ќе вклучува и реклами. Ваквата услуга ќе биде дополнување на сегашните постоечки планови кои немаат реклами.

Би-би-си“ пишува дека во април, акциите на „Нетфликс“ паднаа откако компанијата, по повеќе од една деценија, ја пријави првата загуба на претплатници. Поевтината претплата беше највена тогаш, кога од „Нетфликс“ соопштија дека се во разговори со други бизниси за да изнајдат начини да ја привлечат публиката „чувствителна на цени“.

Стриминг гигантот сега соопшти дека ја избрал компанијата „Мајкрософт“ за свој партнер за глобална рекламна технологија и продажба.

„Мајкрософт има докажана способност да ги поддржи сите наши потреби за рекламирање додека работиме заедно за да изградиме нова понуда поддржана од реклами. Што е уште поважно, Мајкрософт, со текот на времето понуди флексибилност за иновации, и на технолошката и на продажната страна, како и силна заштита на приватноста за нашите членови“, соопштија од „Нетфликс“ при објавата на одлуката за здружување на двете компании.

Соработката ја потврдија и од „Мајкрософт“, од каде велат дека ќе помогнат во зајакнувањето на првата претплата на „Нетфликс“ поддржана од реклами.

„При лансирањето, потрошувачите ќе имаат повеќе опции за пристап до наградуваната содржина на Нетфликс. Маркетерите кои се обраќаат до Мајкрософт за нивните потреби за рекламирање, ќе имаат пристап до публиката на Нетфликс и до поврзаниот телевизиски инвентар. Сите реклами сервирани на Нетфликс ќе бидат исклучиво достапни преку платформата на Мајкрософт“, соопштија од „Мајкрософт“.

Засега не е познато колку ќе чини поевтината верзија на услугите на „Нетфликс“ која ќе биде поддржана од реклами.