Нетфликс ќе воведе и видео-игри на својата платформа

Нетфликс
фото: CardMapr.nl на Unsplash

Нетфликс откри дека напорите за воведување на видео-игри на стриминг платформата ќе бидат насочени кон игри за мобилни телефони и дека игрите ќе бидат вклучени во претплатата на корисниците без дополнителни трошоци.

Веста доаѓа неколку дена откако компанијата соопшти дека го ангажирала поранешниот директор на „ЕА“ и „Окулус“, Мајк Верду, да го предводи одделот за видео-игри.

Во писмото до своите инвеститори, Нетфликс вели дека е во рана фаза на понатамошно проширување во делот на игрите, базирајќи се на досегашното искуство околу интерактивноста, како што беше случајот со епизодата на серијата „Black Mirror: Banderscnatch“ и игрите „Stranger Things“.

„Гледаме на гејмингот како на нова категорија содржини за нас, слична на нашето проширување кон продуцирање оригинални филмови и анимации. Првично, ќе бидеме главно фокусирани на игри за мобилни уреди. Возбудени сме како и секогаш од понудата на наши филмови и ТВ серии и очекуваме зголемување на инвестициите и растот во сите наши постојни категории на содржини, но бидејќи сме веќе речиси една деценија во поттикнувањето на оригинални содржини, сметаме дека е вистинско време да научиме повеќе за тоа како нашите членови ги ценат игрите“, стои во писмото на Нетфликс.

Компанијата соопшти и дека очекува стриминг-платформата да добие 3,5 милиони нови корисници до крајот на септември.

Во моментов Нетфликс брои повеќе од 209 милиони претплатници вкупно, откако минатата година забележа наплив на регистрации откако луѓето почнаа повеќе време да поминуваат дома поради пандемијата.