Нетфликс ќе снима реално „Squid Game“ шоу со награда од 4,56 милиони долари

фото: Исечок од „Squid Game“, принтскрин од видео на Јутјуб

Нетфликс објави повик за учесници за реално ТВ шоу инспирирано од неговата најпопуларна серија на сите времиња – „Squid Game”, пренесува Би-би-си.

Во реалните игри, сепак, нема да станува збор за прашање на живот или смрт, како што е прикажано во познатата јужнокорејска дистописка драма. Наместо тоа, 456 регрути од целиот свет ќе играат игри инспирирани од оние во серијата, а најлошото што може да им се случи е да си заминат дома со „празни раце“.

Претходно, Нетфликс потврди дека популарната серија „Squid Game“ ќе биде обновена со втора сезона.

Реалното шоу „Squid Game: The Challenge“ ќе брои десет епизоди и како што вели Нетфликс, ќе ја понуди „најголемата актерска екипа и еднократна парична награда во историјата на реалните ТВ шоуа“.

Учесниците треба да имаат најмалку 21 година, да зборуваат англиски јазик и да бидат достапни до четири недели на почетокот од 2023 година за време на снимањето.

Јужнокорејската трилер серија ја раскажува приказната за луѓе оптоварени со долгови, кои се натпреваруваат за огромна парична награда во смртоносна серија од детски игри. Серијата го држи рекордот како најпопуларна серија на Нетфликс на сите времиња, а ја изгледале 111 милиони корисници во првите 28 дена од нејзиното лансирање.

 

Јужнокорејската „Squid Game“ може да стане најгледана серија на Нетфликс досега