Нетфликс изгубил речиси еден милион претплатници

фото: @dclmister на Unsplash

Откако уживаше во долгото владеење како крал на стриминг услугите, Нетфликс сега се соочува со тешка борба да ја задржи својата круна – во периодот помеѓу април и јули компанијата изгубила речиси еден милион претплатници, јавува „Би-би-си“.

Спека, оваа бројка на загуба на корисниците е помала од онаа што ја процени стриминг-компанијата претходно. Стриминг платформата во април објави дека за првпат по повеќе од една деценија постоење, бројот на претплатници опаднал, а загубата во првите три месеци од годинава изнесувал 200.000 корисници.

Новото соопштение за загубата на речиси милион претплатници забележува дека најмногу откажувања на претплатите изминатиов квартал имало во САД, Канада и Европа.

Ова е голема промена за Нетфликс, која со години уживаше незапирлив раст, откако го револуционираше начинот на кој луѓето ширум светот ги консумираат забавните содржини.

Нејзината позиција како глобален „џин“ се зацврсти во 2020 година со почетокот на пандемијата, кога луѓето, заглавени дома, се навлекуваа на насловите на сериите на Нетфликс.

Како што почнаа да се враќаат навиките од пред пандемијата, Нетфликс се бореше да привлече нови регистрирани корисници и да ја задржи лојалноста на постојните членови. Компанијата, исто така, се соочува со жестока конкуренција од „Епл ТВ“, „ХБО Макс“, „Амазон Прајм“ и „Дизни Плус“. Дел од корисниците се откажувале и поради потегот на Нетфликс да ја поскапи својата услуга.

Компанијата неодамна соопшти дека развива нова услуга која ќе биде поддржана од реклами и ќе чини помалку, а најави и ограничување на споделувањето на лозинките помеѓу повеќе лица.