„Нетфликс“ губи претплатници за првпат по десет години

фото: @dclmister на Unsplash

За првпат по повеќе од една деценија, бројот на претплатници на „Нетфликс“ опадна, јавува „Би-би-си“, повикувајќи се на соопштение на стриминг платформата.

„Нетфликс“ загубил 200.000 членови во првите три месеци од годинава, а падот на бројот на претплатници доаѓа откако платформата ги зголеми цените на клучните пазари како САД и Велика Британија и истовремено „Нетфликс“ се повлече од Русија.

Во писмо до акционерите, од компанијата појасниле дека порастот на нови корисници за време на пандемијата ја „заматил сликата“ и дека уште два милиона претплатници најверојатно ќе заминат во следните три месеци до крајот на јули.

Од „Нетфликс“ најавија и дека ќе почнат со спречување на споделувањето на корисничките профили. Се проценува дека повеќе од 100 милиони домаќинства ги кршат правилата на „Нетфликс“ со споделување на лозинките, па компанијата продолжува да бара начини како да ги искористи и овие корисници.

Последен пат кога стриминг платформата забележала загуба на претплатници во еден квартал било во октомври 2011 година.

Повлекувањето од Русија по почетокот на војната во Украина, според извештајот, стриминг платформата ја „чинело“ 700.000 претплатници. Уште 600.000 луѓе ја прекинале услугата во САД и Канада по зголемувањето на цените.

Сепак, и покрај падот во бројот на корисници, заработката на Нетфликс пораснала во првиот квартал од годинава. Приходите во овој период биле зголемени за 9,8 отсто во споредба со истиот период минатата година.

Бројот на претплатници на „Нетфликс“ во моментов изнесува над 220 милиони на глобално ниво.