Низа медиуми од Северна Македонија недоволно професионално известуваа за конференцијата на противниците на вакцинирањето одржана во Скопје на 21 септември, пишува „КриТинк.мк“ во  анализата „Антиваксерите одново во офанзива – медиумите со селектирани информации“.

Анализата посочува дека голем број медиуми го пренеле само соопштението од организаторите на настанот, кое содржи низа дезинформации поврзани со вакцинирањето без да ја обезбедат целосната слика, а особено да ги споредат со научно потврдените сознанија и медицински-заснованата одлука на Министерството за здравство за прогласување епидемија од морбили.

Епидемијата на национално ниво беше прогласена во април 2019 година, а до наредниот месец поради здравствени компликации поврзани со морбили починаа 4 бебиња.

При известувањето за антиваксерската конференција, одредени медиуми пак акцентот го ставаат на фактот дека Владата одвоила 30.000 денари од буџетска сметка за поддршка на овој настан и отсуството на наводно најавените владини претставници на настанот. При тоа не се навлегува подлабоко во здравствените и политичките импликации од антиваксерската пропаганда.

Анализата на „Критинк“ заклучува дека повеќето текстовите не допираат до основните, елементарни одговори во новинарството – каде се одржал тој собир (освен во еден текст), колку траел, колку навистина имало присутни и, конечно, дали авторите на прилозите навистина биле таму.

Најчудно е како во ниту еден од написите го нема бекграундот на настанот: како дојде до забрана за одење на училиште на деца што не ги примиле потребните вакцини, вклучувајќи ја, пред сè, таа против морбили?

Се одбегнува потсетувањето на тој факт како и сето она што во април годинава се случуваше во нашата земја, но и во многу други (Грција, Србија, Косово, Албанија, Бугарија, Хрватска, Италија, Франција, Шпанија, Португалија…). Медиумите пропуштија да потсетат за основа за прогласување на епидемија и правилата за таква сериозна ситуација според закон. А тие се јасни и прецизни и тука нема исклучоци.

Ова како сознание секако не мора да се става во обем што би го обременувал секој прилог одделно, ама јасно е дека мора да се добие комплетната слика за темата: многу е мал и симболичен бројот на невакцинирани деца во мигот и тоа се должи на преземените мерки на власта. Имено, бројот на вакцинираните деца до 14 години по прогласувањето на епидемијата изнесува 30 илјади, при што ригорозниот став на тие што прогласија епидемија со легитимен инструментариум, па и во однос на неможноста на децата да одат невакцинирани во училиште или претшколска установа, како клучен фактор за спречување на ширење на заразата од морбили.