Објавата очигледно е дека има за цел да ја шири познатата теорија на заговор за Агенда 30 на Обединетите нации. Со оваа Агенда се поврзуваат бројни теории на заговор за кои Вистиномер има претходно пишувано, а едната од нив е и онаа која се обидува да ја протурка објавата, дека некои елити кои управуваат со светот ќе им го одземат земјиштето на луѓето и ќе ги сместат во т.н. паметни градови, пренесува Вистиномер.
Анализираме објава на Фејсбук која вели:
DRZAAVATA GI PPDMETNUVA POZARITE PO SUMITE ISPLANIRANO SO AGENDA 2030. SPORED OTKROVENIETO NABLIZUVA VREME NA GOLEMI ZLOSTORSTVA OD POLITICARITE VLASTITE, NARODOT KE BEGA DA SE SOKRIE OD NIV KE BEGA OD GRADOVITE PO SUMITE, CEL,DA NEMA KADE DA SE SOKRIE
Објавата неосновано и без никакви докази и аргументи тврди дека „државата“ ги подметнува пожарите во земјава за спроведување на некаква Агенда 30. Вакви паушални обвинувања, без да се прецизира конкретно и со докази кој, зошто и како подметнува пожари, не држи вода и служи само за манипулирање на јавноста и ширење теории на заговор.
Македонија како и секое лето, така и ова, се соочува со пожари на отворено. Министерството за внатрешни работи (државата) досега има уапсено неколку лица осомничени дека подметнувале пожари.
Така на пример, МВР на 18 август информираше дека во периодот од 01.04.2025 до 18.08.2025 година, во врска со пожари на отворен простор, биле приведени вкупно 39 лица, а по преземени мерки поднесени се 25 кривични пријави.
Министерството за внатрешни работи ве известува дека од 01.04.2025 до 18.08.2025 година, во врска со пожари на отворен простор приведени се вкупно 39 лица, а по преземени мерки поднесени се 25 кривични пријави. Најголемиот број на настанати пожари е утврдено дека се предизвикани од човечки фактор, со различни мотиви и се преземаат мерки и активности за расчистување на случаите и откривање на нивна евентуална меѓусебна поврзаност. Воедно ве известуваме дека од 01.07.2025 година, откако е воведена забрана за движење во шуми, до 30.07.2025 без писмено одобрение за движење во шума, биле затекнати 22 лица. Против истите ќе бидат поднесени соодветни поднесоци по Закон за шуми. Во насока на рана превенција од пожари, полициските служби употребуваат дронови за мониторирање на шумските појаси на територијата на државата. Со воведувањето на овие оперативни мерки зголемена е ефикасноста во делот на раното предупредување и лоцирање на евентуалните пожари, како и детектирањето на можните причини или причинители на истите, информираше МВР.
Оттука, нема логика државата да подметнува пожари и потоа да апси луѓе и да им поднесува кривични пријави. Ако такво нешто навистина има, како што тврди објавата, за да се спроведе некаква агенда, државата нема да ги лови подметнувачите.
Објавата очигледно е дека има за цел да ја шири познатата теорија на заговор за Агенда 30 на Обединетите нации. Со оваа Агенда се поврзуваат бројни теории на заговор за кои Вистиномер има претходно пишувано, а едната од нив е и онаа која се обидува да ја протурка објавата, дека некои елити кои управуваат со светот ќе им го одземат земјиштето на луѓето и ќе ги сместат во т.н. паметни градови.
Ваквите невистинити тврдења на Интернет почнаа да се шират не само во земјава, туку и во други држави на други јазици, откако воз излета од шините и предизвика пожар на 3 февруари во град во Охајо САД, по што илјадници жители мораа да се евакуираат.
Причината за евакуацијата беше тоа што во возот имало хемикалии, а една од нив винил хлорид, за којашто Агенцијата за заштита на животната средина на САД вели дека е високозапалива и канцерогена, особено при вдишување. Кога истата ќе се запали, се разложува на други токсични состојки вклучително и хидроген хлорид.
Сепак, овој инцидент на ниеден начин не е поврзан со Агенда 2030, а Агенда 2030 не содржи никакви закони и ништо наведено во документот не дозволува владите да ги преземаат загадените земјишта и да ги преселуваат жителите во паметни градови.
Во врска со ваквите на тврдења, проверувачите на факти на Ројтерс пишуваат дека целите за одржлив развој на Обединетите нации, исто така познати и како Агенда 2030 ги определуваат целите и таргетите за да им се помогне на државите да постигнат одржлив развој, но не содржат никакви закони од каков било вид, вклучително и нешто за т.н. паметни градови.
Тврдењето дека Агенда 2030 ќе им дозволи на владите да го преземат загаденото земјиште и дека ќе им биде дозволено да ги преселат во „паметни градови“ се невистинити, а уште повеќе, Обединетите Нации немаат моќ да спроведуваат закони. Агенда 2030 не вклучува никакви закони или правни инструменти, ниту за загадено земјиште ниту за паметни градови. Законите се препуштени на суверените држави и мултилатералните механизми во коишто тие учествуваат, вели портпаролот на ОН за Ројтерс.
Во самиот текст на Агенда 2030 не се споменува никаде ниту терминот „паметни градови“.
Други публикации на Обединетите нации, ги дискутираат улогите за користење на земјиштето, планирањето и градската инфраструктура за да се постигнат целите на Агенда 2030 за одржлив развој. Таков е примерот со извештајот од 2020 година објавен од страна на економската комисија на Обединетите нации за Европа.
Поради сите горенаведени факти, објавата што ја анализираме, ја оценуваме како невистинита.
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар
