Грчкиот лајфстајл портал Greek City Times на англиски јазик вчера објави текст под наслов „Знаете ли кои се најголемите 100 грци од Скопје“, кој е превод на оригиналот на грчки објавен на сајтот „Infognomon Politics“, во кој на списокот на Грци се ставени и Григор Прличев и Коста Абрашевиќ.

Ваквите тврдења не соодветствуваат на вистината, но тоа не е единствената дезинформација што се сретнува во овој текст.

Имено, кога го читаме текстот на англиски го наоѓаме тврдењето дека пописот од 2002 година не ја дава реалноста во поглед на бројот на Грци, како што се вели во текстот, „земјата што сега ја нарекуваме Северна Македонија“ и дека „очигледно бројката е многу повисока од изнесената“. Но во текстот никаде не се дава поткрепа на тоа тврдење, односно не кажува од каде се сознанијата дека бројката не е точна , со што ваквото тврдење можеме да го оквалификуваме како чиста шпекулација.

Зафаќајќи се подетално со овие тврдење, гледаме дека има неточности во наведувањето на пописите правени на територијата на денешна Северна Македонија. Односно, во текстот се тврди дека „Пописот од 1951 година регистрирал 158.000 Грци. Од нив 25.000 Грци, 100.000 Власи и 3.000 Каракачани и 32.000 бегалци од Граѓанската војна во Грција. Односно, тоа изнесува 18 проценти од население од 900.000“.

Во погорниот цитат нема ништо што е точно. Првин, според Државниот завод за статистика на Северна Македонија, немало попис во 1951, туку пописи се правени во 1948, 1953, 1961, 1971, 1981, 1991 и 1994 и 2002 година.

Второ, на пописот најблизок по датум до фиктивниот од грчкиот текст, односно пописот од 1953 година, тогашна Македонија како федерален дел на Југославија немала население од 900.000, туку 1.304.514, се дознава од изнесените историски бројки во Статистичкиот годишник на ДЗС. (стр. 69).

Според овие податоци, во 1953 година регистрирани се 8.668 Власи, 848 Грци, а други неспомнати се 1.950 – и ако ги собереме сите овие, бројката е многу, многу помала од фиктивната бројка на 158.000 Грци што ја изнесува текстот што го анализираме.

Текстот потоа зборува и пописот од 1991 година, и тврди дека медиуми известиле дека 12 до 18% од населението на овој попис имало грчка национална самосвест.

И тука овој текст, што не може да се оквалификува поинаку освен како пропаганда, е далеку од вистината – на истото место, 69-та страница, гледаме дека на тој попис како Грци се определиле 474 луѓе, како Власи 7.764. Повторно, многу, многу помалку отколку што се тврди во грчкиот пропагандистички текст.

Што се однесува до Григор Прличев и Коста Абрашевиќ, нивното сврстување како Грци само според некои елементи од нивниот живот, повторно не одговара на вистината.

Григор Прличев се описменил првин на грчки јазик и се образувал првин на грчки јазик, но неговиот став кон образованието на овој јазик јасно може да се прочита во неговата „Автобиографија“ – тој се чуди како можел да го следи таквото таквото образование, туѓо на народот. Остатокот од неговиот живот, соработката со Димитар Миладинов, неговото дело, без да завлегуваме подетално во нештата што се многу добро познати – на пример дека бил затворен поради борбата против образованието на грчки јазик – зборуваат дека Прличев не се сметал себеси за Грк, а ја оспорувал и „грчкоста“ на многу патријаршисти во Охрид и во остатокот на тогашна Македонија.

Да завршиме тука со неговата песна „В хилјада и седемстотин шездесет и второ лето“, која е јасна и повеќе од доволно!

Што се однесува до Коста Абраш(евиќ), од податоците за него знаеме дека е роден во Охрид во 1879 година, но од деветгодишна возраст со семејството живее во Шабац, Кралството Србија, и генерално од светот е оквалификуван како српски социјалистички писател, иако творел под презимето „Абраш“ и ретко се среќава официјалната форма „Абрашевиќ“

И иако се знае дека татко му Наум бил Македонец, а мајка му Сотира по потекло Гркинка, приготвувачот на списокот на 100-те најголеми Грци требало да има доблест барем да го напише како „половина Грк“, иако е јасно дека со „грчкоста“ немал речиси ништо.

Сè во сè, текстот што го анализиравме, не може да се опише никако поинаку освен како неоснована пропаганда. Дополнително, историчарите треба да се произнесат и за останатите 98 имиња на списокот оквалификувани како Грци.