Неопходна е едукација и посветеност за да се решат проблемите со загадувањето на животната средина

Фото: Арбнора Мемети

Нашата идеја не е да ја заштитиме планетата, туку да создадеме свет каде што планетата нема да има потреба од заштита. Со овие воведни зборови, младиот европски амбасадор, Војдан Узунов го отвори денешниот онлајн настан на WeBalkans насловен „The Youth goes Clean“ на кој, преку две панел дискусии се разговараше за решенијата на младите за аерозагадувањето и за тоа како да се постигне нула отпад.

„Улогата на младите од Западен Балкан во врска со имплементирањето на Зелената агенда е фундаментална. Младите кои во иднина ќе станат лидери се всушност таканаречени агенти на промените. Иако најчесто тие се жртви на загадувањето, сепак се сила која нè тера да направиме промени“ рече Алесандра Сгоби, од Centre of Thematic Expertise on Connectivity, Environment – European Commission, DG Neighbourhood and Enlargement Negotiations.

Анџела Ѓурашковиќ од „Еко Коријен“ се надоврза на Сгоби и истакна дека е важно кога се таргетира одредена група, а на која и е неопходна едукација и информирање за Зелената агенда и животната средина воопшто, тогаш треба да се најде соодветниот начин којшто би бил најсоодветен токму за нив. Таа напомена дека низ годините НВО секторот и натаму е најактивен кога станува збор за упорноста да се имплементира Зелената агенда.

Извршната директорка на „ЕДЕН“, Ермелинда Махмутај додаде дека токму независноста на НВО секторот од политиката е она што го прави моќен.

„Кога зборуваме за влијанијата врз животната средина, најважна е човечката моќ. Токму овој сектор ги едуцира луѓето и ги зајакнува нивните капацитети за подигнување на свеста, со што тие подоцна го користат својот глас подоцна за да ги адресираат проблемите и застапуваат прашањата за животна средина“ рече Махмутај.

Она што како клучно го издвоија панелистите е постојано да се предизивкуваат политичките лидери, сè со цел тие да ја сменат „статус-кво“ ситуацијата. Од нив да се бара поголема вклученост, но и транспарентност за овие прашања.

„Важно е да бидеме реалистични за да ги согледаме чекорите за подобрување на ситуацијата, за да не направиме чекор назад, наместо чекор напред. На крајот од денот, совршеното е непријател на доброто. Затоа е неопходно инвестирање во иднината бидејќи тоа подразбира инвестирање во образованието, во иновациите, во истражувањата“ заклучи Сгоби.

Махмутај додаде дека младите од Западен Балкан не се свесни колку е важен нивниот глас во врска со прашањата за животната средина. Споделувајќи го своето искуство, таа истакна дека за младите е важно да се вмрежуваат и да ги споделуваат своите мислења и искуства за заштита на средината, не само на локално ниво. Освен ова, таа нагласи дека е важно постојаното надоградување на знаењата, но и развивање критичко мислење за проблемите со кои се соочуваме. А како еден од поважните чекори го издвои посветеноста на активно учество во донесувањето одлуки.

Вафире Муареми, програмски координатор за образование за климатски промени и одржлив развој од „Гоу грин“ платформата е децидна дека популацијата во главно во С.Македонија и регионот не е свесна за загадувањето бидејќи секогаш има други приоритети на кои им се дава поголемо значење и внимание.

„Ако ги погледнете истражувањата, сите се загрижени за економијата, за платите и за тоа како ќе преживеат. Па затоа, аерозагадувањето е секогаш во втор план. Треба уште многу да работиме за овој проблем да дојде на едно повисоко ниво, со што и ќе се зголеми свесноста кај луѓето“ заклучи Муареми.

Во врска со постигнувањето нула отпад, панелистите беа согласни дека е комплексно прашање кое во краток рок не би можело да се реши.