fbpx

Немири во Бразил: претседателот Лула вети казни откако поддржувачи на Болсонаро упаднаа во институции

-

Бразилскиот претседател Луис Инсанио Лула да Силва направи обиколка на урнатините во неговата претседателска палата, откако во политички мотивираните нереди во главниот град Бразилија, илјадници десничарски екстремисти се бунтуваа низ демократските институции во земјата, во неуспешен обид да ја соборат новоформираната власт.

Би-би-си јави дека поддржувачите на поранешниот претседател Жаир Болсонаро, вчера, марширајќи од штабот на Армијата, упаднале во срцето на бразилската политика – „Three Powers Plaza“, каде се сместени Врховниот суд, претседателската палата и Конгресот. Милитантите ги пробиле полициските линии околу 15 часот и се упатиле кон рампата што води во конгресната зграда.

Претседателот Лула прогласи итни овластувања, со кои полицијата ја стави во служба на централната власт, а нареди и затворање на 24 часа на центарот во главниот град Бразилија, вклучувајќи ја и главната авенија, каде што се наоѓаат владините згради.

По повеќечасовни судири, полицијата ја врати контролата врз зградите во бразилскиот главен град и уапси над 300 лица.

Лула вети дека ќе ги казни поддржувачите на поранешниот бразилски лидер, нарекувајќи ги оние што учествуваа во нападите „вандали, неофашисти и фанатици“. Тој не бил во Бразилија во моментот на нападот, но одржа лут говор, обвинувајќи го Болсонаро за хаосот и рече дека нема преседан во историјата на земјата за сцените во Бразилија.

Медиумите јавија и дека судијата на Врховниот суд во Бразил, Александре де Мораес наредил гувернерот на федералниот округ Ибанеис Роча, инаку поддржувач на Болсонаро, да биде сменет од функцијата на 90 дена поради нападот кој властите не успеале да го спречат. Тој напиша дека нападите можеле да се случат „само со прифаќање, па дури и директно учество на органите за јавна безбедност и разузнавање“.

Лула рече дека органите за спроведување на законот во главниот град покажале неспособност, лоша волја и злоба.

Масовниот напад од приврзаниците на екстемно десничарскиот лидер Болсонаро, Гардијан го спореди со инвазијата на американскиот Капитол на 6 јануари 2021 година од страна на следбениците на Доналд Трамп.

„Она на што сме сведоци е терористички напад. Трите згради беа нападнати од терористи кои поттикнуваат државен удар“, објави водителот на вести Ерик Бен на бразилската телевизиска мрежа „Глобо Њуз“ додека се ширеше веста за немирите.

Шокантните видео-снимки објавени на социјалните мрежи прикажуваат како милитантите кои го поддржуваат Болсонаро талкаат по ходниците на претседателската палата и го вандализираат Врховниот суд, кој се наоѓа во близина, кршејќи ги прозорците. На дел од видеата може да се забележи и пожар во зградата на Конгресот.

Гардијан пишува дека се кршел и мебел и се фрлале делови, а наводно биле украдени и предмети од претседателската палата и од Врховниот суд.

Министерот за правда Флавио Дино рече дека биле запленети околу 40 автобуси кои биле користени за транспорт на демонстрантите во главниот град, нарекувајќи ја инвазијата „апсурден обид да се наметне волјата на демонстрантите со сила“, јави Би-би-си.

Левичарот Лула положи заклетва како нов претседател на Бразил минатата недела, а на прославата присуствуваа стотици илјади Бразилци. Сепак, илјадници поддржувачи на поранешниот претседател Болсонаро не ја прифатија тесната победа на Лула на изборите во октомври и неколку недели кампуваа пред армиските бази низ целата држава, повикувајќи на државен удар.

Екстремно десничарскиот поранешен претседател Болсонаро, чиј главен меѓународен сојузник беше Доналд Трамп, замина од Бразил во пресрет на инаугурацијата на Лула и во моментов се наоѓа на Флорида во САД.

Гардијан јави дека на настаните во неделата Болсонаро одговори со кратка низа објави на социјалните мрежи, во кои вели дека инвазијата врз јавните згради ја преминува границата. Тој не ја осуди толпатa и наместо тоа, одговорноста ја префрли на Лула.

„Мирните демонстрации, во рамките на законот, се дел од демократијата. Сепак, грабежите и инвазиите на јавни згради како оние што се случија денес, како и оние што ги практикуваше левицата во 2013 и 2017 година, се исклучок од правилото“, напиша Болсонаро на Твитер.

Осуди за немирите стигнаа и од меѓународната заедница. Американскиот претседател Џо Бајден на Твитер напиша дека го осудува нападот врз демократијата и мирниот трансфер на власта во Бразил.

„Демократските институции во Бразил ја имаат нашата целосна поддршка и волјата на бразилскито народ не смее да биде поткопана“, напиша Бајден.

Германскиот канцелар Олаф Шолц напиша дека насилните напади врз демократските институции се напад врз демократијата што не може да се толерираат, додека францускиот претседател Емануел Макрдон рече дека „волјата на бразилскиот народ и на демократските институции мора да се почитува“. И двајцата му ветија поддршка на Лула.

Британскиот премиер Риши Сунак рече дека го осудува секој обид за поткопување на мирниот трансфер на власта во Бразил и рече дека со нетрпение очекува да ги надогради блисктие врски меѓу двете земји во годините што следат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Оживува пропагандата за непостоечка продажба на органи од украински војници

Проверувачи на факти од Украина веќе пишуваат дека ова видео претставува дел од руската пропаганда. Центарот за борба против дезинформации објавува на Фејсбук дека станува збор за невистина. Во...