fbpx

Нема забрана пилотите да работат ако се вакцинирани, поради можност од тромб или срцев удар

-

Од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), која претставува 290 авиокомпании ширум светот, вклучително и најголемата руска авиокомпанија Аерофлот и најголемата шпанска авиокомпанија Ајбериа, за новинската агенција АФП изјавиле дека не се запознаени дека било која авиокомпанија „размислува да не дозволи патување на вакцинирани патници поради ризик од згрутчување на крвта“. ИАТА пишува дека прашањето на превентивност поради ризик од тромбови како нуспојава од вакцината против ковид-19 не е дел од нивната агенда и никогаш не било разгледувано како прашање од ризик, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук каде што се вели дека „авиопревозниците сега ги банират пилотите кои се вакцинирани, поради можност од срцев удар и тромбови“. Оваа објава е невистинита, по неколку основи.

Објавата содржи принтскрин од наслов од новинарски прилог на австралиската телевизија Скај њуз. На Јутјуб каналот на оваа телевизија не може да се најде овој телевизиски прилог, особено не во последниов период (со оглед на тоа што авторот на објавата пишува дека настанот е од „сега“).

Телевизискиот прилог, всушност, не е од сега, туку бил емитуван во јуни 2021 година и истиот бил исклучително вирален на социјалните мрежи. Оваа информација се ширела месеци подоцна, а очигледно сè уште се шири како да е вистинита.

Авиокомпаниите ги советуваат луѓето кои биле вакцинирани да не летаат со авион. Да, добро ме чувте. Авиокомпаниите од Шпанија и од Русија ги советуваат вакцинираните да не патуваат со авион поради можноста од згрутчување на крвта. Сето ова се случува откако пилоти починале по вакцинацијата. Ова е потврдено, дами и господи. Четворица пилоти починале неодамна, се вели во телевизискиот прилог. 

Но, оваа информација не е точна. Краток период по оваа објава, од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), која претставува 290 авиокомпании ширум светот, вклучително и најголемата руска авиокомпанија Аерофлот и најголемата шпанска авиокомпанија Ајбериа, за новинската агенција АФП изјавиле дека не се запознаени дека која било авиокомпанија „размислува да не дозволи патување на вакцинирани патници поради ризик од згрутчување на крвта“.

Нема вистина во овие предлози, изјавиле оттаму за АФП.

Во соопштението за медиумите во јули 2021, ИАТА тврди дека има медицинска советодавна група која се грижи за здравјето на патниците и за сите прашања околу летовите. ИАТА пишува дека прашањето на превентивност поради ризик од тромбови како нуспојава од вакцината против ковид-19 не е дел од нивната агенда и никогаш не било разгледувано како прашање од ризик.

Ние, исто така, не сме свесни за каква било сугестија во медицинската литература дека конкретниот феномен на згрутчување на крвта (познат како имунотромботична тромбоцитопенија – ТТС, индуцирана од вакцина), кој е означен како редок несакан ефект на еден или можеби два типа вакцини против ковид, има какво било влијание врз воздушниот сообраќај, пишуваат од ИАТА.

Портпаролот на Ајбериа (шпанската авио-компанија), за AAP FactCheck тврди дека изјавите дека вакцинираните патници се предупредувани да не го користат авионскиот превоз се „целосно лажни“ и дека тие, како и сите европски авиокомпании, ги следат препораките на Агенцијата за воздухопловна безбедност на Европската унија (EASA) и на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC).

Овој телевизиски прилог, кој воедно е и предмет на оваа рецензија, а потекнува од австралиската Скај Њуз, не е единствен кој бил дебанкиран од голем број странски проверувачи на факти.

Имено, оваа телевизија во август 2021 година отстранила десетици видеа од своите веб-страници, откако Јутјуб го суспендирала каналот поради ширење дезинформации за ковид-19. Конзервативната ТВ мрежа, во сопственост на Руперт Мардок, била критикувана поради промовирање теории на заговор, а ги довела во прашање и препораките за јавното здравје. Само за неколку дена, според Би-Би-Си, во август минатата година, телевизијата отстранила околу 30 видеа.

Во дел од прилогот на австралиски Скај Њуз, се споменува смртта на британски пилоти, нешто што предизвика и наплив на неосновани тврдења за причината за нивната смрт на социјалните мрежи. Ова било причина и за реакција на Бритиш Ервејс на социјалните мрежи во јуни 2021 година.

За жал, четворица членови на нашата заедница неодамна починаа. Нашите мисли се со нивните семејства и пријатели. Како и да е, нема никаква вистина во тврдењата на социјалните мрежи кои шпекулираат за поврзаност во однос на нивната смрт, пишуваат од Бритиш Ервејс. 

Капетан Николас Синот починал на почетокот на јуни 2021 по долга битка со ковид-19. Високиот прв офицер Едвард Брис-Бенет, според Factcheck.org, бил пронајден онесвестен на патека за планински велосипеди. Истрагата на вештакот покажала дека со обдукцијата е утврдено дека Брис-Бенет страдал од „абдоминална траума и хемоперитонеум“, што е еден вид внатрешно абдоминално крварење.

Веб-страницата за проверка на фактите, Сноупс, ја потврдува смртта на високиот прв офицер Грант Мерсер, кој починал на 4 мај 2021.

Неговите најблиски поставија меморијална страница за да помогнат во покривањето на трошоците за погреб. Лице со знаење за околностите околу смртта на Мерсер, недвосмислено изјави дека тоа нема никаква врска со вакцинацијата против ковид-19, пишува Сноупс.

Четвртиот пилот не бил идентификуван од авиокомпанијата или во извештаите на медиумите.

Портпаролот на Бритиш Ервејс за Ројтерс изјавил дека ниту еден од смртните случаи не е поврзан со вакцините. Од авиокомпанијата не соопштиле дали пилотите воопшто биле вакцинирани.

Вистиномер во повеќе наврати има пишувано за дезинформациите поврзани со евентуалното згрутчување на крвта по примањето на вакцина против ковид-19. Тезите за редок несакан ефект наречен тромбоза со синдром на тромбоцитопенија (ТЅЅ), бил пријавен во неколку земји на почетокот на процесот на имунизација против ковид-19 и истите биле поврзувани со вакцината на „АстраЗенека“. Како што објави тогаш Европската агенција за лекови, „само 22 случаи на тромбоза се пријавени меѓу повеќе од три милиони луѓе вакцинирани во зоната што ги вклучува ЕУ, Норвешка и Исланд“. И Светската здравствена организација (СЗО) официјално кажа дека нема потврда дека вакцината предизвикува згрутчување на крвта. Во „Журналот на автоимуност“, пак, автори на студија од август месец 2021 година за вакцината на „Фајзер“, наведуваат дека таа не создава тромбови. Овој труд е цитиран во уште седум други трудови, според Националната американска библиотека за медицина.

До крајот на минатата година, аплицирани биле повеќе од 245 милиони дози од вакцината на „Фајзер“ и ниту ФДА, ниту ЦДЦ, немале издадено предупредување или друг извештај за потенцијални тромбови, или згрутчување на крвта предизвикани од вакцината на „Фајзер“.

Поради сите погоренаведени факти, оценуваме дека објавата на социјалната мрежа Фејсбук каде што се вели дека „авиопревозниците сега ги банират пилотите кои се вакцинирани, поради можност од срцев удар и тромбови“ е невистинита. Оваа изјава е стара повеќе од една година и истата не е поддржана со факти и аргументирани докази и претставува паушално тврдење со цел да се внесе страв кај населението.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...