Нема вонреден распуст или прогласување епидемија, иако активноста на сезонскиот грип расте, досега се регистрирани 5.660 новозаболени лица од сите градови во државата, информираат од Институтот за јавно здравје. Бројот на новозаболени е зголемување за 74 отсто во споредба со минатата недела. Лабораториски е докажано присуство на инфлуенца тип А и Б, а најголем број од заболените лица припаѓаат на возрасната категорија од 15 до 64 годишна возраст.

– Сите индикатори укажуваат на зголемена активност на вирусот на грип. За овој период од годината е очекувано да имаме тренд на пораст на заболени од грип и овој тренд ќе продолжи во наредната недела или две, по што очекуваме да се стабилизира и да почне да опаѓа бројот на новозаболени – вели д-р Гордана Кузмановска од Институтот за јавно здравје.

Досега се регистрирани вкупно три смртни случаи од грип, од кои едно 14 годишно девојче и двајца мажи на возраст од 50 и 85 годишна возраст. Тројцата починати биле невакцинирани, биле лекувани со антиретровирусна терапија и имале бројни коморбидитети.

– Комисијата за заразни болести редовно ја следи состојбата со грип во државата и согласно стручните препораки се забранети посетите на хоспитализирани пациенти во јавните здравствени установи, со цел да се спречи натамошно ширење на грипот. Исто така, Комисијата ја следи состојбата со новозаболени деца во училиштата и во зависност од проценките ќе предлага нови мерки и препораки, согласно состојбата на терен – велат оттаму.

„Мета“ објави дека училиштата се полупразни заради грипот и други вирози кои владеат периодов. Ординациите и болниците се полни, а има многу родители кои превентивно не ги носат своите деца во градинка или на училиште. Освен симптоми на температура и малаксаност, голем број од пациентите имаат и кашлица која преминува во ларингитис или пневмонија.