Соединетите Америскански Држави ќе воведат нови рестрикции за издавање визи на странски службеници кои ќе казнуваат американци заради тоа што го користат „правото на слобода на говор“. Ова го соопшти државниот секретар на САД, Марко Рубио, во објава на платформата „Х“ (поранешен Твитер).
For too long, Americans have been fined, harassed, and even charged by foreign authorities for exercising their free speech rights.
Today, I am announcing a new visa restriction policy that will apply to foreign officials and persons who are complicit in censoring Americans.…
— Secretary Marco Rubio (@SecRubio) May 28, 2025
Во официјалнотто соопштение на Стеј Департментот се дообјаснува дека слободата на говор е загарантирана со уставот на САД, и затоа се тие светилник на слободата низ целиот свет:
„Дури и додека преземаме мерки за намалување на цензурата дома, гледаме загрижувачки случаи каде странски влади и странски претставници го [пополнуваат оваа дупка]. Во некои случаи, странски претставници преземаат очигледни мерки на цензура против американските технолошки компании и граѓаните и жителите на САД кога немаат овластување да го сторат тоа“ пишува во соопштението на страницата на Стејт Департментот.
Во вториот дел од соопштението многу јасно се потенцира што е целта на овие нови рестрикции. Имено, таму пишува дека е неприфатливо странски службеници да бараат од американски технолошки компании и платформи да усвојат глобални политики за модерирање на содржината или да цензурираат објави надвор од нивните овластувања, односно во САД.
Со други зборови, не може ниту една друга држава или меѓународен ентитет (на пример ЕУ) да има авторитет над „слободата на говор и изразување“ на најдоминантните и најшироко распространетите онлајн платформи како Фејсбук, Инстаграм, „Х“ (Твитер) итн. Тоа суверено право го има исклучиво САД, односно администрацијата на Доналд Трамп.
Oнлајн „цензурата“ во минатото
Со години наназад, особено американските конзервативни и десничарски членови на Конгресот, политичари и коментатори се жалеа дека тие се прекумерно цензурирани на социјалните мрежи. Ова прашање се актуелизираше дури и на дебатата меѓу тогашните кандидати за потпретседател, Џеј Ди Венс и Тим Волц, кога Венс кажа дека „цензурата е најголемата опасност по демократијата во САД“.
Во анализата на Вашингтон пост, ова прашање на „цензура“ беше дел и од конгресни сослушувања, една од причините зошто Маск го купи Твитер, како и casus belli да се укинат повеќе програми и проекти што ја истражуваат темата на дезинформации. Но, како што покажуваат повеќе истражувања на темата, вистината е малку покомплицирана.
Истражувањето објавено во реномираното списание Нејчр (Nature) потврдува дека поверојатно е објавите на конзервативците и поддржувачите на Трамп на социјалните мрежи да бидат отстранети или нивните сметки да бидат затворени отколку на либералите и поддржувачите на Џо Бајден. Но, тоа не значи дека модерирањето на содржината е пристрасно. Баш напротив, тоа е затоа што, како што пишува во самото истражување, конзервативните сметки почесто биле „казнувани“ затоа што објавувале повеќе дезинформации.

Не само тоа, туку и други истражувања ги потврдуваат овие наоди, каде што се покажува дека поголема е стапката или веројатноста конзервативните корисници да споделуваат објави што содржат дезинформации или говор на омраза. Ова е точно дури и кога им се дозволува на републиканците што учествуваат во истражувањата самите да дефинираат што се смета за лажно или со низок квалитет.
Без разлика, оваа пракса на обвинувања за цензура имаат и поширока, практична намена.
Што стои во позадина?
Еден ден пред почетокот на вториот мандат на Трамп, Марк Закерберг изјави дека при модерирањето на содржината на неговите платформи се правеле премногу грешки што воделе кон цензура и прекршување на правото на говор и слободно изразување. Па затоа Мета (матичната компанија на Фејсбук, Инстаграм, Тредс и Воцап) ја прекина програмата за проверка на факти (во САД).
Закерберг особено го потенцира „проблемот“ со Европа, велејќи дека „Европа има сè поголем број закони што ја институционализираат цензурата и го отежнуваат градењето на било што иновативно таму“.
Од Европската комисија, ретерираа дека Законот за дигитални услуги не ги принудува ниту бара од платформите да отстрануваат законска содржина, туку само да отстрануваат содржина што може да биде штетна, како на пример по децата или за демократиите на ЕУ. „Апсолутно ги побиваме сите тврдења за цензура“, рече портпаролот на Комисијата.
Без разлика која беше мотивацијата на Закерберг да го промени правецот, односно да се приклони кон администрацијата на Трамп со што ќе ја „афримира“ фактички неточната интерпретација на „цензура“, оваа тензија меѓу технолошките компании и регулаторните тела се прелеа и во поширокиот политички свет.
Поточно, Џеј Ди Венс, за време на Конференцијата за безбедност во Минхен, ја искористи приликата не да ја покаже опасноста од Руската инвазија на Украина, туку да ги општужи европските лидери дека потиснуваат спротивни мислења така што ги категоризираат како „дезинформација“ или „мисинформација“. Односно, да каже дека поголема опасност претставува цензурата, отколку руските оружја.
Meѓутоа, според Ројтерс, службениците на ЕУ го бранеа Законот за дигитални услуги (Digital Services Act – DSA). Овој закон има за цел да ја направи онлајн средината побезбедна со тоа што ги задолжува технолошките компании да имаат некаков вид на проверка на факти и модерирање на содржината на нивните платформи. Како и да вложат поголеми напори во справувањето со нелегалната содржина, вклучувајќи го говорот на омраза и сексуално експлицитни материјали.
Некои аналитичари ја гледаат поголемата игра. На пример, од Алџезира пишуваат дека:
„Тврдењата за антиконзервативна цензура станаа средство за администрацијата на Трамп да ги зајакне врските со крајно десничарските партии и политичари во Европа и низ целиот свет“.
Затоа Стејт департментот сподели соопштение во кое повикува на сојузници во Европа кои го прифаќаат „заедничкото западно цивилизациско наследство“ и наведува дека владите на континентот „ги користеле политичките институции како оружје против сопствените граѓани“.
Но, ваквите оптужби за репресија на своите граѓани САД ги прават кога и самите имаат слични напори фокусирани на пропалестински студенти и активнисти кои бараат крај на окупацијата во Газа.
Право на слобода на говор и изразување, но само за некои
Зборувајќи со поранешен службеник во Стејст Департментот, Политико пишува дека поради начинот на кој е напишана мерката со толку широка интерпретација, најверојатно е дека нема да има правни последици. Но, тоа не значи дека нема да има поголеми меѓународни импликации:
„Претпоставувам дека прашањето е што оваа администрација смета за негативна последица по надворешната политика? Ако има американски нацист кој објавува работи во Франција, а Франција забранува објавување на пронацистички работи, дали Рубио ќе каже дека на сопствениците на таа француска платформа што ја модерираат содржини ќе им е забранет влез во САД?“ праша поранешниот службеник во Стејт Департментот.
На страна од тоа, како што наведуваат во анализата на Алџезира, новиве рестрикции се воведуваат откако администрацијата на Трамп продолжи со „репресиите врз меѓународните студенти вклучени во пропалестинските протести на американските универзитети“, каков што беше случајот со Румејса Озтур која беше приведена затоа што има напишано колумна со уште неколку студенти во која бараат прекин на поддршката што САД ја дава на Израел. Слични беа случаите и на Махмуд Калил, Мохсен Махдави, Лека Кордија и други проминентни пропалестински студенти.
Не само тоа, туку, како што пишуваат од Гласот на Америка, се прават напори против пропалестинските активисти, со кои се бара: „пронајдете ги, уапсете ги и депортирајте ги овие симпатизери на терористи од нашата земја – за никогаш повеќе да не се вратат“.
Дополнително, администрацијата на Трамп стави пауза на нови интервјуа за добивање на визи за студии во САД, додека Стејт департментот се подготвува за детална проверка на апликантите, односно на нивните профили на социјалните мрежи, според Ен-Би-Си-Њуз. Иако не е јасно како и за што ќе бидат проверувани профилите на социјалните мрежи на потенцијалните студенти, она што е јасно е дека под надзор се јавно искажаните ставови на меѓународните студенти во САД. Слично, минатиот месец на голем број студенти им беа суспендирани визите, односно легалниот статус.
Злоупотреба на слободата на изразување и платформите на кои се користи
Мета и Твитер, своевремено пружаа поголем отпор кон првата администрација на Трамп, барем во аспект на модерирањето на содржината, а во екстремни случаи како обидот за пуч на 6 јануари во Вашингтон, други ја суспендираа неговата сметка. Откако Маск го презема Твитер, случајот е многу појасен, оти неговите политики беа и се многу побилиски до Трамп од оние на Закерберг, па и затоа Маск беше додаден во американската администрација.
Но, нужно треба да се постави прашањето што се семни во меѓувреме за и Закерберг да се приклони кон светогледед на Трамп за „цензурата“.
Во изминатите неколку години, Европскиот совет за заштита на податоци ја казни Мета со вртоглави 1,2 милијарди евра затоа што неовластено пренесувале податоци од ЕУ, т.е. од Ирска во САД. По оваа казна, следуваше уште една од само 200 милиони евра за тоа дали корисниците на Мета дале дозвола нивните податоци да бидат прибирани. Мета ја обвини ЕУ со тоа што рекоа дека Унијата сака да „хендикепира успешни американски бизниси“ со нивните регулации.
„Х“ на Маск, исто така, е во нишанот на ЕУ, со што нив им се спрема казна заради тоа што за, според изворите на Њујорк тајмс, платформата прекршила значаен закон за борба против нелегална содржина и дезинформации. На страна од тоа што платформата „Х“ беше под истрага и минатата година заради наводни објави на нелегални содржини.
Во секој случај, токму заради овие казни, Закерберг „ургираше“ кај Трамп администрацијата да го спречи „цензурирањето“ на големите американски технолошки компании. Токму затоа и на почетокот на годината, како што пренесуваат од Политико, влијателни членови на Европскиот парламент беа загрижени дека Европската комисија ќе потклекне на притисокот и ќе повлече некои од построгите правила што ги регулираат социјалните мрежи, дигиталната конкуренција и вештачката интелигенција затоа што Трамп може да им се свети.
Но, на страна астрономските казни, коишто можеби и не се толку големи имајќи предвид колку е годишната заработка на компаниите, тензијата е во тоа кој и колку ќе може да има влијание врз продуктите што овие платформи ги нудат на европскиот пазар. А, на крајот на денот, „одбегнувањето“ на регулациите под превезот на „правото на изразување“ е моќен наратив затоа што игра на емоциите на обичните граѓани, божем тие се под напад, а не самите компании чии производи ги користат.
