fbpx

Нема упис во прво одделение без примени задолжителни вакцини

-

За упис на прваче во основно училиште, задолжително треба да се достави потврда за примени задолжителни вакцини на детето. Здравствените власти ќе инсистираат да се почитува законот, кој налага покрај другите документи, оваа потврда да се достави задолжително.

Од друга страна, основното образование е задолжително, па она што останува нејасно е – што со оние деца чии родители нема да достават документ за примени вакцини и како тие ќе бидат надвор од образовниот систем, во услови кога основното образование е задолжително.

– Размислуваме да иницираме контрола на потврдите откако ќе завршат уписите, да се прочешлаат документите. Тоа би го правел Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Нема да дозволиме отстапување – вели за „Мета“ министерот за здравство Венко Филипче.

Денеска и владиниот портпарол Миле Бошњаковски рече дека нема да се запишуваат првачиња кои не се вакцинирани. Тој рече дека нема да се отстапува од донесените мерки по прогласената епидимија од морбили и оти од оваа учебна година нема да се запишуваат првачиња за кои нема да биде доставен документ за вакцинација.

Во меѓувреме, во Министерството за здравство соопштија дека здравствените установи не смеат да издаваат потврди ако детето не ги примило сите задолжителни вакцини.

„Усвоени се и измените во Правилникот за водење на педагошката документација и евиденција во детска градинка и центар за ран детски развој, со кој сега се прецизира дека при упис на дете во градинка, задолжително се приложува потврда за неговиот вакцинален статус. Без оваа потврда детето не може да биде запишано во предучилишна установа“, стои во соопштението на министерството.

Потврдите за вакцинација, ако се извадени од поликлиниките во кои се наоѓаат пунктовите за вакцинација, се бесплатни. Матичните доктори, пак, имаат право да ги наплаќаат. Освен оваа, за упис потребна е и потврда од ординација на детска превентивна стоматологија, која исто така е бесплатна. Освен лекарските потврди, потребно е и да се приложи фотокопија од извод на матична книга на родените на детето.

Во училиштата веќе се врши прием на нови деца. Во некои од нив велат дека потребните документи се истите како и минатата година.

– Не сме добиле нови насоки во однос на потребните документи. Кај нас денеска веќе се запишаа околу 15 дечиња – велат во скопското основно училиште „Владо Тасевски“.

Има родители чии деца и покрај тоа што го исполнуваат критериумот за возраст (да наполнат шест години во календарската година), не сакаат да ги запишат децата на училиште, односно сакаат да го одложат уписот. Во таков случај, мора да обезбедат потврда од Центарот за ментално здравје на деца и младинци.

– Преку матичниот педијатар, со „Мој термин“ се закажува преглед кај нас. Тим од педијатар и психолог прават проценка и ако се утврди дека детето не е подготвено за на училиште, се издава потврда – вели Лидија Поповска, раководителка на центарот.

Со реакција денес излезе и првата детска амбасада Меѓаши. Оттаму сметаат дека родителите треба и мора да бидат целосно информирани за значењето на имунизацијата но и за сите позитивни и негативни ефекти од истата.

„Државата треба да преземе одговорност ако има негативни реакции врз здравјето на децата како резултат на вакцинација, воедно да гарантира квалитет што нема да биде проследен со најразлични афери (на пр. вакцини со изминат рок или сомнителен квалитет). Дополнителна конфузија кај родителите/старателите околу важноста или опасноста од имунизацијата создава и неусогласениот став меѓу педијатрите, лекарите и здравствените работници. Затоа, важно е ставовите околку имунизацијата да бидат услогласени и да се земе предвид стравот на родителите, односно да се разгледаат нивните причини кои ги водат во донесувањето на одлука за вакцининирање или невакцинирање на децата. Игнорирањето на случаи каде деца имаа одредени здравствени потешкотии како резултат на вакцинација, нема да го зголеми бројот на имунизирани деца, напротив ќе предизвика уште поголем отпор како резултат на нејаснотии и условување на родителите да ги вакцинираат децата доколку сакаат да го остварат правото на образование кое им е загарантирано со закон“, стои во реакцијата на „Меѓаши“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Средношколски самит за кариерен развој в понеделник во Скопје Сити Мол

Во понеделник, на 22 април, во „Синеплекс“ во трговскиот центар Скопје Сити Мол ќе се одржи Средношколски самит за кариерен развој. Настанот ќе започне во 17 часот, а е...