Утре Европската комисија ќе предложи законска регулатива со која на деца под 13 години нема да им биде дозволено да користат социјални мрежи, додека на возраст од 13 до 15 години нема да им биде дозволено да имаат лични профили, а времето поминато на социјалните мрежи ќе биде ограничено на еден час дневно. За оние на возраст од 15 до 18 години ќе важат многу ограничени правила, меѓу кои и забрана на зависнички алгоритми.

Забраната за користење на социјални мрежи за деца помлади од 13 години ја соопшти денеска претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, во нејзиното обраќање во Стразбур, каде што ги претстави приоритетите на Европската Унија со 27 земји членки за 2027 година. Таа повика на европска солидарност во справувањето со климатските промени, вештачката интелигенција и конкуренцијата од Кина, аргументирајќи дека ниту една земја членка на ЕУ не може сама да се справи со овие предизвици.

Фото: Скриншот од видео обраќањето на Урсула Урсула фон дер Лајен

Предвидено е децата на возраст од 13 и 14 години да користат профили креирани и надгледувани од родители или старатели, со ограничени функции и дневни временски ограничувања. Платформите ќе мора да исполнуваат и посебни безбедносни барања за корисниците на возраст од 15 до 17 години. Урсула фон дер Лајен изјави дека компаниите ќе имаат поголема одговорност да докажат дека нивните услуги ги штитат децата од штетни содржини и функции дизајнирани да ги задржат корисниците онлајн.

„Младите Европејци сега поминуваат од четири до шест часа дневно пред екраните“, рече фон дер Лајен пред Европскиот парламент. Таа додаде дека децата се вовлекуваат во содржини што се прикажуваат во нивните фидови и се дизајнирани да го продолжат нивното користење на платформите.

По обраќањето на Фон дер Лајен, пред присутните се обрати и европратеникот Манфред Вебер, кој ја поздрави одлуката на Урсула Фон Дер Лајен, во насока на заштита на децата.

Фото: Wikimedia commons/Dr. Frank Gaeth

„Децата не се целна група за рекламирање, тие се наша иднина. Треба да ја погледнеме Австралија, нашите колеги таму им овозможуваат на корисниците да ги исклучат алгоритмите. Илон Маск нема да биде воодушевен од тоа, но веројатно токму тоа е причината зошто треба да се направи поинаку“, кажа Вебер.

Би-Би-Си неодамна објави дека Франција се залага за забрана на пристапот до социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, со цел мерката да биде воведена до септември годинава. Во Шпанија, постојат планови за забрана на пристапот до социјалните мрежи за лица помлади од 16 години, со цел да се спречат зависноста, порнографијата и штетните содржини.

Португалската влада претходно годинава усвои закон со кој се бара родителска согласност за корисници на возраст од 13 до 16 години и се заоструваат ограничувањата за лицата помлади од 13 години. Планот предвидува и задолжителна технологија за проверка на возраста.

Германската влада подготвува планови што се фокусираат на потенцијална забрана за деца помлади од 14 години, со ограничувања за тинејџерите до 16 години. Клучните мерки вклучуваат задолжителна строга проверка на возраста, создавање „безбедни“ верзии на платформите за млади и отстранување на алгоритмите што поттикнуваат зависност.

Норвешка планира да воведе строга забрана на социјалните мрежи за лица помлади од 16 години до крајот на 2026 година. Законодавството ќе бара од технолошките компании да воведат системи за проверка на возраста.

Нов Зеланд, Малезија и Индија исто така предложија забрани за користење на социјалните мрежи од страна на деца.

ЕУ во последните години е во судир со платформите на социјалните мрежи околу овие прашања, а Фон дер Лајен јасно стави до знаење дека ограничувањата на возраста нема да значат дека технолошките компании ќе бидат „ослободени од одговорност“.