Ниските водостои на реките и езерата во Европа не претставуваат ризик за сигурноста на домашното производство на електрична енергија, уверуваат од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. Посочуваат дека состојбата со акумулациите во земјава во моментов е стабилна, хидропотенцијалот е со вкупна исполнетост на акумулациите од околу 70 проценти, што овозможува да се одговори на актуелните потреби во рамките на планираното производство.

„Показателите за домашното производство се охрабрувачки. Според податоците на Државниот завод за статистика, во мај годинава во Македонија се произведени 462.653 MWh електрична енергија, со што се покриени 96,5 проценти од домашната потрошувачка што претставува значително повисоко учество на домашното производство во обезбедувањето на потребите на државата. Во исто време, податоците од АД ЕСМ покажуваат значително зголемување на производството од хидроелектраните – за 76 проценти во однос на истиот период минатата година, како и раст од околу 10 проценти кај ветерните електрани“, велат од министерството.
Од таму посочуваат дека се инвестира и во нови капацитети за производство од обновливи извори, во
модернизација на електроенергетската инфраструктура, во развој на батериски системи за складирање на електрична енергија, како и во проекти што ќе овозможат поголема флексибилност и побрзо прилагодување на системот во услови на климатски и пазарни промени.
Во тек е изградбата на втората фаза од ветерниот парк „Богданци“, со што неговиот инсталиран капацитет ќе достигне 50 MW, а започнуваат и активностите за реализација на фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“, додека подготовките за „Битола 2“ и „Битола 3“ се во напредна фаза. Истовремено, се создаваат услови за поширока примена на системи за складирање на електрична енергија, кои ќе овозможат поефикасно искористување на обновливите извори и поголема стабилност на системот.
Се реализира и проектот за гасниот интерконектор со Грција, кој ќе овозможи пристап до нови извори на природен гас, а паралелно се подготвува и реализацијата на интерконекторот со Србија. Истовремено, Македонија обезбеди покана за приклучување кон Вертикалниот гасен коридор – една од најзначајните европски иницијативи за диверзификација на снабдувањето со природен гас и зајакнување на енергетската стабилност во Југоисточна, Централна и Источна Европа.
„Последните глобални енергетски кризи уште еднаш потврдија дека енергетската независност денес претставува едно од најважните мерила за отпорноста на секоја современа држава. Државите кои инвестираат во сопствено производство и во диверзифицирани енергетски врски се поотпорни на надворешни шокови, поконкурентни и поуспешно ги штитат интересите на своите граѓани и економија. Климатските промени претставуваат сериозен фактор што мора да биде земен предвид при планирањето на
националните енергетски политики“, велат од Енергетика.