Надлежните немаат направено анализи колку ќе ги чини граѓаните најавената промена на државниот грб, односно колку пари ќе бидат издвоени од буџетот за промените во делот на она што значи употреба на грбот.

Наспроти уверувањата од Владата дека граѓаните нема да имаат дополнителни трошоци за замена на личните документи со нови, кои ќе го содржат новото решение на државниот грб, сепак пари на граѓаните ќе се трошат за промена на печатите и на штембилите, меморандумите на државните органи, службените написи на државните институции, јавните установи, служби и на претпријатија кои стојат на објектите во кои се сместени. Ќе треба да се менуваат и делови од интериерот и од екстериерот каде што е поставен државниот грб, како што се собранието, владата, кабинетите, свечените сали, дипломатските претставништва во странство, до официјалните покани, честитки и слични акти што ги користат претседателот, премиерот, претседателот на Собранието и други официјални лица.

Од службата за општи и заеднички работи на Владата, која што е задолжена за овие прашања, за „Мета“ велат дека такви анализи не се направени, но и покрај тоа, нивните процени се дека парите што би се потрошиле за овие промени не би требало да бидат големи.

– Не е направена анализа, но не би требало да стане збор за големи суми – изјави за „Мета“, Васе Донев, директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата.

Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев, викендов изјави дека граѓаните нема да имаат никакви трошоци бидејќи нема да имаат обврска да вадат нови лични документи, односно лични карти, пасош, возачка дозвола со новиот грб, туку тоа ќе оди сукцесивно, како што истекува важноста на личниот документ.

– Граѓаните нема да имаат обврска да вадат нови документи по усвојувањето на законот во Собрание, односно нема да имаат трошок. Доколку некој граѓанин сака самоиницијативно да извади лична карта или пасош, кои би го содржеле новиот грб, тоа ќе може да го направи, но ако нема таква желба, тогаш ќе продолжи да си ги користи личните документи кои во моментов ги поседува, а се со актуелниот грб, додека не им помине рокот на важност на документите – рече Ѓорѓиев.