Фото: Арбнора Мемети

Премиерот Зоран Заев вели дека пописот предвиден за април годинава треба да се одржи и дека нема потреба за негово одложување, како што побара лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Пописот ќе се спроведе од 1 април до 21 април. Во лето никој никаде не прави попис. Во септември веќе се подготовките за локалните избори, а во октомври и ќе се одржат локалните избори. Што ќе се смени ако одложуваме до мај?“, изјави Заев на денешната прес-конференција, коментирајќи ги изјавите на опозицијата.

Тој истакна дека државата има должност да ја спроведе оваа статистичка операција, потсетувајќи дека досега се изминати 20 години од последниот попис.

„Работиме овде во Владата, во општините, градоначалниците, сите јавни државни и локални претпријатија, сите приватни фирми, па дури и целиот наш народ, во магла. Не ги знаеме бројките, не знаеме колку сме, каде сме распоредени, како и дали сме поставени соодветно, кои ни се индустриските параметри, кои ни се основните ресурси и тоа дава сериозни индиции за максимилизација на економскиот раст и развој на државата“, додаде Заев.

Инаку претседателот на опозицијата, Мицкоски кој воедно и собира потписи за поништување на Законот за попис, побара со локалните избори да има и предвремени парламентари избори, со цел формирање нова Влада и одговорност за актуелната власт.

Во меѓувреме, Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес на ВМРО-ДПМНЕ на 28 март во Скопје ќе организира конгрес чиј главни точки ќе бидат отчет за сработеното на Христијан Мицкоски, како и гласање доверба.

„Иницијативниот одбор за свикување на вонреден конгрес по неколку месеци интензивна работа, успеа да обезбеди поддршка и потписи од големо мнозинство на делегати кои учествуваа при изборот на сѐ уште актуелниот претседател Христијан Мицкоски. Делегатите кои пристапија се едногласни дека Мицкоски ги изневерил очекувањата и дека не исполнил ниту едно од дадените ветувања за враќање на партијата на победничките патеки, за зголемување на капацитетите за коалицирање и за обезбедување на меѓународна поддршка“, се наведува во соопштението.

Според нив, партијата на чело со Мицкоски била руинирана до непрепознатливост и затоа истата претрпела редица изборни порази.