Нема да се одложи почетокот на второто полугодие. Ваква одлука донела Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство. Ова се случува иако многу епидемиолози, неофицијално прогнозираа дека епидемијата на морбили ќе се прошири токму откако децата ќе почнат да одат на училиште.

По завршувањето на состанокот на комисијата, д-р Жарко Караџовски кој е член на Комисијата, соопшти дека бројот на заболени од морбили досега е 58. Караџовски изјави дека имало родители кои оделе во градинките со потврди за контраиндикација од вакцина и кажувале дека имаат потреба да ги носат своите деца во градинка.

– Стручната комисија одлучи стручен тим за спроведување на мерките поврзани со контраиндикација за вакцинација или за алергиските реакции по завршена вакцинација, кој се наоѓа на Клиниката за детски болести и само тие, исклучиво тие, на барање на педијатар или матичен доктор да одредат кое лице има контраиндикација за спроведување вакцинација – рече Караџовски.

Тој истакна дека докторите и медицинските сестри кои не се вакцинирани, а работат на оваа проблематика, задолжително да се вакцинираат.

– Стручните лица кои работат на овие клиники – Детска, Инфективна и болницата во Козле, ќе одредат согласно вакциналниот статус и според потврдите кои ќе ги донесе секој од нив, ќе проверат дали некој од медицинскиот персонал е невакциниран – додаде тој.

Во меѓувреме, „Мета“ објави дека државата ги разгледува сите правни аспекти и законски одредби за вакцинацијата како задолжителен услов за запишување во градинка и училиште. Во Министерството за здравство (МЗ) објаснуваат дека поради одредени отстапки, во моментов и децата што не се вакцинирани се примаат во училиште, но тоа не смее да продолжи како практика.

„Со оглед на фактот дека повеќе години наназад не се почитува условот да се достави вакциналниот картон при упис во градинка и во училиште, се разгледуваат правните можности да се направи законска измена и во моментов е во тек континуирана комуникација со претставници на Министерството за образование и наука (МОН) и Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Невакцинирањето носи сериозни ризици од појава на епидемија, која може да има и фатални последици, а се превенира со вакцинација. Одржани се повеќе работни средби на работна група, со претставници од МЗ, МТСП и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Со тоа што не се бараат вакцинални картони при упис и со севкупниот пад на опфатот на имунизација, се доведува во прашање намалувањето на колективниот имунитет, што е единствен услов за успешна превенција на овие инфективни болести. Во тој случај и вакцинираните деца ги доведуваме во опасност, а уште повеќе оние што поради возраста или здравствената состојба, не се вакцинирани“, рекоа од МЗ.