„Порталб.мк“ дознава дека Сојузот на средношколци има донесено одлука за прекин на организираните протести против онлајн наставата и учениците ќе ја почитуваат одлуката на Министерството за образование во соработка со Комисијата за инфективни болести, односно за одржување настава од дистанца. Сепак, Ходаи најави дека постојано ќе ја следат епидемиолошката состојба за можноста за враќање во училници, пишува „Порталб.мк“.
Дека ваквата одлука за прекин на протестите и учениците да присуствуваат на онлајн настава е донесена, за „Порталб.мк“ потврди и претседателот на Сојузот на средношколци, Бленди Ходаи.
– Од минатата недела сме во постојан контакт со средношколци од сите градови во земјата. Ги разгледавме сите опции кои се во корист на учениците и во саботата беше донесена едногласна одлука за компромис со институциите. Почитувајќи ги епидемиолозите, учебната година да започне од 1 октомври од далечина – рече Бленди Ходаи.
Сепак, тој најави дека заедно со другите членови и експерти од оваа област, тие постојано ќе ја следат епидемиолошката состојба во земјава и ќе одлучуваат за можноста за враќање на учениците во училишните клупи, врз основа на истата.
– Доколку епидемиолошката состојба во текот на октомври е стабилна, тогаш во ноември учениците треба постепено да започнат да се враќаат во училишните клупи. Ако тоа не се случи, тогаш учениците се согласија да ја бојкотираат наставата од далечина во ноември – додаде Бленди Ходаи.
Инаку, предлогот на Сојузот на средношколци беше комбиниран модел на настава, односно ротација на средношколците во училниците на секои два дена (следење на онлајн настава и физичко присуство) и пристапот да не биде централен, туку секоја општина да организира модел според епидемиолошката состојба, односно бројот на заразени.
Еден месец порано, неколку дена пред протестот организиран од Сојузот на средношколци, членовите на оваа организација се сретнаа со министерот за здравство, Венко Филипче, министерката за образование и наука, Мила Царовска и поранешниот технички премиер, Оливер Спасовски. Веднаш по овој состанок беше одлучено да се одложи почетокот на учебната година за 1 октомври и да се разгледа комбинираниот модел.
Инаку, Сојузот на средношколци има ограноци во 17 градови.