Новорегистрирани случаи на заболени со корона вирусот нема од саботата, но се тестираат седум пациенти со симптоми на обичен грип, од кои тројца се од Дебар, информираше на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче додавајќи дека двајца од пациентите кои денеска се тестираат се вратиле од патување во Австрија и во Германија. Тој посочи дека првата пациентка кај која беше регистриран вирусот на 26 февруари денеска е пуштена на домашно лекување без „големи последици на белите дробови“.

– Сите кои беа во контакт со неа се тестирани и немаат никакви симптоми. Непроменета е состојбата на другите пациенти. Добра е клиничката слика и на пациентите во Дебар, рече Филипче додавајќи дека во моментов сите пациенти кои се во изолација поради контакти со директорката на Клиниката за кожни болести, кај која вирусот беше откриен на 9 март, немаат развиено симптоми.

Тој ги пофали жителите на Дебар и Центар Жупа, каде е прогласена кризна состојба, дека степенот на дисциплина е исклучително висок и од регионот „можат да излезат само оние со индикации за болничко лекување, со специјална дозвола“. Најави дека на денешната седница на владата закажана во 19 часот ќе се дискутира за повеќе мерки на ниво на држава.

Тој најави проширување на бројката на луѓе кои се тестираат за присуство на вирусот. Ќе се тестираат и лица за кои властите не се сигурни дека биле во контакт со заболени.

Во моментов, според министерот за здравство, на располагање се 400 медицински сестри и 80 анестезиолози, а веќе е подготвен список на лекари и анестезиолози кои по потреба ќе ротираат во институциите каде што тоа ќе биде потребно.

– Апелирам уште еднаш, седете дома, не излегувајте без потреба, самоорганизирајте се во маркетите да нема гужва зашто е тоа единствениот начин да се стави крај на патот на ширење на вирусот – рече тој.

Како одговор на новинарско прашање дали е можно граѓаните сами да прават тестови, Филипче рече дека не постојат брзи тестови за анализа на антителата од корона вирус и дека нема потреба некој да се самостестира или да земе некој алтернативен тест за да се испита.

Тој повтори дека за сите кои продаваат скапи маски за заштита, ракавици или други средства, таа неправилност сериозно ќе се санкционира.

Во Македонија во моментов на располагање се 120 респиратори, од кои 90 се во Скопје. Во тек е набавка на уште 50, се очекува одговор од кинеска амбасада за уште нови 200.

Филипче информира дека нова мерка е тоа што од работа ќе се ослободуваат двајцата родители на деца со цистична фиброза.

Факти за заболените од корона вирусот во Македонија:
  • Во земјава досега се регистрирани вкупно 19 случаи на заболени со корона вирус, од нив активно заболени во моментов се 18.
  • Првиот заболен пациент беше откриен на 26 февруари. Педесетгодишната пациентка се враќала од Италија каде што престојувала еден месец. Таа е пуштена од болница на домашно лекување на 16.03.2020 г.
  • На 6 март беа откриени уште два случаи кај сопружници од Дебар кои допатуваа од Италија.
  • До сега од брачната двојка во Дебар се регистрирани најголемиот број на случаи во земјава.
  • На 9 март беа регистрирани уште тројца позитивни случаи од Дебар кои се во семејна врска на заразените сопружници од Дебар.
  • Истиот ден (9 март) позитивна на тестот за корона вирусот беше и директорката на Клиниката за кожни болести.
  • 193 лица со кои таа била во контакт се во домашна изолација, и засега, според денешните информации (16.03.2020) на министерот за здравство Венко Филипче, ниту еден од нив нема развиено симптоми.
  • На 11 март беа регистрирани уште два позитивни случаи, соседи на заразените од Дебар кои веќе се хоспитализирани.
  • На 13 март, се регистрирани уште четири нови случаи поврзани со сопружниците од Дебар.
  • На 14 март се регистрирани шест нови случаи, петмина од нив од Дебар и една пациентка од Скопје која се вратила од Барселона, Шпанија. Таа во авионот носела маска и ракавици и сама се пријавила кај надлежните. Сите останати 51 патници во авионот потпишале изјави за самоизолација.