fbpx

Нема ниту еден извор кој дефинитивно ја определува етничката припадност на браќата Кирил и Методиј

-

Нема ниту еден извор кој дефинитивно и беспоговорно ќе ја определи етничката припадност на Светите браќа Кирил и Методиј, а коишто нема да диктираат еден таков заклучок од политички или етно-центристички позиции, без да го земат предвид духот на времето во кое живееле и мисиите што ги извршиле. Исто така, Скитите ниту зборувале словенски, како што пишува во постот што го рецензираме, ниту, пак, „го добиле своето име затоа што постојано скитале“, што е крајно несериозно и аматерско толкување. Скитите се дел од источно-ирански (или персиски) племиња кои постоеле во рамките на своето кралство на северо-источните и северо-западните брегови на Црно Море од 6 до 3 век пред нашата ера. Името „Скити“ е изведено од старогрчките (главно од историјата на Херодот) и латинските записи кои го транскрибирале како такво името „Сака“, како што се нарекувале припадниците на овој народ и кои некои лингвисти препознаваат дека значи „стрелец“, односно народ кој бил вешт со лак и со стрела. За разлика од Скитите, Хазарите се дел од турските племиња, кои својот врв како држава го имале од 7 до 11 век, односно речиси 1.000 години после Скитите. Единствено што ги поврзува е делумното совпаѓање на нивната територија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува текст под наслов „Светите Кирил и Методија се потомци на античките Македонци“, напишан од проф. Д-р Александар Донски.

Во текстот се тврди дека Светите Кирил и Методиј се антички Македонци врз основа на „доказот“ на авторот дека:

Tаткото на светите браќа Кирил и Методија (како жител на Солун) не можел да биде ништо друго освен крвен потомок на античките Македонци, без разлика на кој јазик тогаш зборувал и без разлика како бил нарекуван од другите.

Ова тврдење се повикува само на еден извор, на записите на хроничарот на градот Солун, Јован Коматијан, кој за градот Солун запишал дека е „првиот и најголем град на Македонците!“.

Следниот аргумент на авторот на текстот што го рецензираме објавен како пост на Фејсбук е неговото категорично тврдење дека:

Повеќе од јасно е дека литературниот јазик на кој светите браќа ги превеле своите први книги бил јазикот на средновековните Македонци. Но, денес овој јазик е наречен со разни имиња: црковнословенски, старословенски и уште како ли не, само за да се избегне неговото македонско детерминирање. Дури и наши историчари и публицисти така го детерминираат овој јазик, небаре се плашат или срамат да го наречат македонски средновековен јазик.

Во однос на првиот „аргумент“ дека „таткото на светите браќа Кирил и Методиј (како жител на Солун) не можел да биде ништо друго освен потомок на античките Македонци“, па следствено на таа аналогија и Светите Кирил и Метод се антички Македонци, е во контрадикторност со вториот дел од така поставената теза дека и таткото и синовите се антички Македонци „без разлика на кој јазик тогаш зборувал(е) и без разлика како бил нарекуван(и) од другите“.

За ова ниту авторот, ниту историската литература и наука немаат потврден и недвосмислен доказ.

Освен тоа, во тоа време Византија била империја во која мнозинството од населението се изјаснувале како Ромеи, а во царството имало и припадници на многу други народи и некои од нив биле и на многу високи државни или воени функции со што отпаѓа и аргументот дека таткото на Константин (Кирил) и Михаил (Методиј), бил Грк, како што тврдат некои грчки историчари, само затоа што постои широко уверување дека такви функции во Византија добивале само Грци.

Всушност, високи државни, воени и црковни функции добивале и личности од другите народи опфатени во Византиската Империја, како што бил и првиот архиепископ на Охридската архиепископија Јован I.

Многу поголем апсурд е аргументот за наводното „словенско потекло“ на светите браќа и Кирил и Методиј само врз основа на неточното претставување дека името на неговата мајка Марија е словенско, кога е сосема јасно дека тоа име има јудејски или арамејски корени и кое подоцна, го прифаќаат Грците и Латините (Римјаните) и коешто со ширењето на христијанството станува едно од најчестите имиња во западната култура.

Едно е сигурно, со оглед на државната функција на нивниот татко, синовите Константин и Михаил имале можност да се школуваат во тогашните угледни образовни институции и двајцата, пред да ги прифатат мисиите за ширење на христијанството (Хазарската и Моравската). Како угледни личности на високи државни позиции, имале можност да бидат во контакт со повеќе народи во околината на тогашен Солун и во другите градови и научиле повеќе други јазици освен грчкиот, меѓу кои и тогашниот јазик на Словените во провинцијата Македонија.

Во однос на јазикот, според академик Катица Ќулавкова:

Постојат повеќе пристапи во именувањето на јазикот употребуван на македонските простори во средновековниот период. Според некои лингвисти и слависти, соодветен е називот старомакедонски (Old Macedonian, vieux macédonien), по аналогија на називите на другите европски јазици (францускиот, англискиот се нарекуваат старофранцуски, староанглиски, со додавка на атрибутот vieux, ancient, old). (стр.21)

Но, според Ќулавкова, овој пристап не е соодветен затоа што се однесува на античкиот македонски, а тој не спаѓа во групата словенски јазици.

И тука доаѓаме до клучната поента која ги соголува сите обиди да се стави знак на равенство меѓу современиот македонски јазик и неговата генеза со јазикот на античките Македонци, и врз основа на тоа да се извлекува заклучок дека Светите Кирил и Методиј се антички Македонци, односно Македонци во современа смисла на зборот.

Во таа насока, академик Ќулавкова во воведната статија „Предисторија на кодификацијата на македонскиот книжевен јазик“ на монографијата „Македонскиот јазик – континуитет во простор и време“ во издание на МАНУ, пишува дека:

Нема оправдание словенските ракописи пред 1.100 година да се доопределуваат етнички – како македонски црковнословенски, бугарски црковнословенски, српски или руски црковнословенски и дека дека старословенскиот, кој е втемелен врз говорот на македонските Словени не треба да биде покритие за негово ексклузивно присвојување од страна на современите Македонци.

Оттука, од оваа рецензија се наметнува дека нема ниту еден извор кој дефинитивно и беспоговорно ќе ја определи етничката припадност на Светите браќа Кирил и Методиј, а коишто нема да диктираат еден таков заклучок од политички или етно-центристички позиции, без да земат предвид духот на времето во кое живееле и мисиите што ги извршиле.

За разлика од ова прашање, во текстот што го рецензираме има едно тврдење кое секако може да се оцени како неточно, а тоа е дека авторот на текстот поместен во Фејсбук постот ги поистоветува Хазарите со Скитите.

Авторот пишува дека:

Козарите (Хазарите) во 860-861 година живееле на брегот на Црното Море. Тие биле познати и под името Скити (народ познат уште во антиката). Интересна е забелешката дека тие зборувале словенски! Латинскиот историчар Квинтиј Куртиј Руф (Првиот век по Христа) во биографијата за Александар Македонски пишува дека Скитите го добиле своето име затоа што постојано скитале. Очигледно е дека нивното име, исто така, има словенски (венетски) корен.

Ова е апсолутно – неточно. Скитите се дел од источно-ирански (или персиски) племиња кои постоеле во рамките на своето кралство на северо-источните и северо-заадните брегови на Црно Море од 6 до 3 век пред нашата ера. Името „Скити“ е изведено од старогрчките (главно од историјата на Херодот) и латинските записи кои го транскрибирле како такво името „Сака“, како што се нарекувале припадниците на овој народ и кои некои лингвисти препознаваат дека значи „стрелец“, односно народ кој бил вешт со лак и со стрела.

Ниту зборувале словенски, како што пишува авторот на текстот, пренесен во постот што го рецензираме, ниту пак „Скитите го добиле своето име затоа што постојано скитале“, што е крајно несериозно и аматерско толкување.

За разлика од Скитите, Хазарите се дел од турските племиња, кои својот врв како држава го имале од 7 до 11 век, односно речиси 1.000 години после Скитите. Единствено што ги поврзува е делумното совпаѓање на нивната територија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ниту едно од поглавјата за преговорите со ЕУ не е отворено

Во својата програма за парламентарните избори во 2020 година, СДСМ вети дека 80 отсто, односно 25 од 33 поглавја за влез во ЕУ, ќе бидат отворени до крајот на нивниот...