Предизборното ветување на Ѓорѓиевски за почеток на изградба на мега парк покрај кејот на реката Лепенец на површина од 300.000 метри квадратни не е исполнето во ветениот рок од 6 месеци. Иако се преземени конкретни финансиски и институционални чекори – обезбедено финансирање со 100 милиони денари за „Мега Парк Лепенец и 50 мали маалски паркови“ од страна на Град Скопје – а на просторот има и активности за тековно одржување и уредување, сепак тоа не значи и реален почеток на реализацијата на овој проект, пренесува Вистиномер.

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во предизборната програма за локалните избори што се одржаа на 19.10.2025, во вториот столб насловен „Здрава животна средина и биодиверзитет“ од неговата програма „Прво човек, потоа градоначалник!“ ја наведе и реализацијата на мега паркот Лепенец (стр. 33 од програмата), која треба да „го претвори запуштеното подрачје спроти паркот во Ѓорче Петров во современ зелен простор, уреден по европски стандарди. Со овој проект, не само што се враќа животот на заборавеното градско ткиво, туку се создава нова урбана оаза за рекреација, спорт и семејни активности“.

Во предизборното обраќање пред граѓаните на Карпош на 08.10.2025 Ѓорѓиевски меѓу другите проекти кои треба да го подобрат животот на жителите на оваа општина повторно го наведе мега паркот покрај кејот на реката Лепенец, со конкретен рок на реализација:

Кога сме кај проектите за Карпош, сакам да го истакнам мега паркот кај Лепенец, тоа беше барање од сите граѓани, така да во првите шест месеци ќе започнеме со изградба на овој мега парк каде што сите карпошани ќе можат да се рекреираат со своите семејства.

[Извор: Ѓорѓиевски од Карпош: За 4 години ќе успееме да го обновиме овој руиниран систем; Датум: 08.10.2025]

Образложение:

Актуелниот градоначалник на Скопје Орце Ѓорѓиевски во предизборната програма за минатогодишните локални избори на жителите на Oпштина Карпош, но и на Градот Скопје, им вети мега парк од околу 300.000 метри квадратни – со ботаничка градина и картинг-патека – долж реката Лепенец, што треба да ја смени мапата на Скопје, наменет за рекреација на граѓаните и семејствата. Рокот за започнување на изградбата е во првите шест месеци од неговиот мандат, но и по 10 месеци изградбата не е започната.

Ѓорѓиевски и во друго предизборно обраќање пред гласачите ја потенцираше важноста на мега паркот Лепенец:

Со изградба на мега парк Лепенец ќе го претвориме ова подрачје во современ зелен простор уреден по европски стандарди. Паркот ќе се простира по течението на реката Лепенец на потегот помеѓу Бардовци – Злокуќани – Даме Груев и ќе опфаќа површина од над 300.000 квадратни метри. Тој ќе биде првиот парк што ќе ги поврзува повеќето скопски општини и ќе биде наменет за сите граѓани на Скопје, не само за карпошани. Ќе создадеме нова урбана оаза за рекреација, спорт, семејни активности, со што ќе му го вратиме животот на ова заборавено градско ткиво, посочи Ѓорѓиевски.

Советот на Град Скопје донел одлука за субвенција кон ЈП „Паркови и зеленило“ за „изградба на мега Парк Лепенец и 50 мали маалски паркови“ во вкупен износ од 100.000.000 денари.

Иако средствата за реализацијата на овој проект се обезбедени – значи дека не станува збор за ветување без финансиска поддршка, туку е преземен конкретен институционален и финансиски чекор – сепак не е започната неговата реализација. И годишниот извештај на ЈП „Паркови и зеленило“ за 2025 година потврдува дека претпријатието добило субвенција од Град Скопје согласно оваа одлука. Односно, во финансиските документи на ЈП „Паркови и зеленило“ за 2025 година се наведува дека Град Скопје донел одлука да ја субвенционира изградбата на мега парк Лепенец и 50 мали маалски паркови, со обезбедени средства од 100 милиони денари.

Во ветениот рок за започнување на изградбата на мега паркот Лепенец во 2026 година на теренот се одвивале активности од страна на „Паркови и зеленило“, но тие спаѓаат во тековно одржување на просторот – како косење на тревата, собирање на откос и уредување на зелената површина – што е суштински различно од реален почеток на изградба на парк.

Од друга страна, пак, иако не е исполнет ветениот почеток на изградба на мега паркот Лепенец, Ѓорѓиевски на 04.09.2026 искажува ново ветување за жителите на општина Карпош – дека до крајот на годинава ќе биде завршен паркот во Карпош 4, покрај кејот на реката Вардар, чија реализација започна во мандатот на неговата претходничка, Данела Арсовска.

Поставуваме целосна хидрантска мрежа таму. Се проверува каде завршиле пари за овој парк. Таму ништо не беше направено, а сериозни пари биле потрошени. Паркот со површина од 72.000 метри квадратни ќе биде готов до крај на годинава, ќе има доста содржини и спортски терени, нешто што недостасува во тој дел. Со ова го заштитуваме просторот, на некој после нас да не му текне да нацрта маркици таму. Имаше шпекулации дека тука ќе имало „Скопје на вода“, но еве се виде дека нема да има згради туку парк, рече Ѓорѓиевски пред 4 дена на седницата на Советот на Град Скопје одговарајќи на советнички прашања, пренесе СДК.мк минатата недела (04.09.2026).

Сепак, не треба да се мешаат овие два проекта, бидејќи мега паркот Лепенец е на друга локација од паркот во Карпош 4 и се простира на многу поголема површина.

Мега паркот Лепенец е различен проект и од оној што Градот Скопје го започна во 2022 година, во општина Ѓорче Петров. Тој се простира на десет пати помала површина, покрај коритото на реката Лепенец и пречистителна станица Волково, како дел од тогашната идеја за изградба на пет мега паркови.

Како што сега стојат работите, ветувањето на Ѓорѓиевски за почеток на изградба на мега парк покрај кејот на реката Лепенец на површина од 300.000 метри квадратни не е исполнето во ветениот рок од 6 месеци. Иако се преземени конкретни финансиски и институционални чекори – обезбедено финансирање со 100 милиони денари за „Мега Парк Лепенец и 50 мали маалски паркови“ од страна на Град Скопје – а на просторот има и активности за тековно одржување и уредување, сепак тоа не значи и реален почеток на реализацијата на овој проект.

Извори:

Оценил: Стојан Синадинов

Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар