Заеднички именител на најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија кон ЕУ е фразата „нема напредок“. Од комисијата констатираат дека земјата нема напредок во главната пречка за продолжување на евроинтегративниот процес, односно уставните измени, но тоа е само мал дел од целиот извештај. Зборот нема напредок се повторува повеќе од 30 пати, при што како главен фокус се наведува дека нема напредок во изборните реформи според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, односно регулацијата на финансирањето на медиумите и онлајн кампањите што овозможува изборни дезинформации, нема напредок ниту во борбата против корупцијата, ниту во слободата на говор и слободата на медиумите, ниту во јавните набавки.

Уште на почетокот на извештајот за 2026 година, Еропската комисија предупредува дека изборните дезинформации и странското мешање и манипулации со информации сè уште не се соодветно адресирани.

„Нема напредок во усогласувањето со стандардите на ЕУ и во спроведувањето на преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР и на Венецијанската комисија во однос на Изборниот законик. Справувањето со изборните дезинформации и странските манипулации со информации и натаму е недоволно“, се вели во извештајот.

Кампањи на социјалните мрежи без никаков надзор

Комисијата ги опишува локалните избори во 2025 година како натпреварувачки, со реален избор за гласачите, но одржани во поларизирана атмосфера и со процедурални недостатоци.

Од ЕК потенцираат дека е потребна отворена и инклузивна ревизија на Изборниот законик доволно рано пред следните избори, рамноправен пристап до медиумите, правила за известување и надзор над онлајн кампањите, поинаква распределба на платеното политичко рекламирање, поефикасно решавање на изборните спорови и посилен механизам за санкционирање на прекршувањата. Комисијата бара и усогласување со Регулативата на ЕУ 2024/900 за транспарентност и таргетирање на политичкото рекламирање.

Овие препораки се повторуваат низ повеќе извештаи во годините наназад. Во 2023 година ЕК забележа дека работната група за изборни реформи сè уште нема значаен резултат. По претседателските и парламентарните избори во 2024 година Комисијата оцени дека е постигнат ограничен напредок во спроведувањето на препораките на ОДИХР. Во 2025 повторно констатираше дека нема напредок по преостанатите препораки, а годинешниот извештај изречно ги издвојува и ризиците од нерегулираните кампањи на социјалните мрежи.

Извештајот ја посочува и слабата застапеност на жените на локалните избори. Од 309 кандидати за градоначалници, само 32 биле жени, а избрани биле само четири градоначалнички. Кандидатките имале ограничена видливост и биле изложени на родово мотивирани напади, особено на интернет, додека прашањата за родовата еднаквост речиси отсуствувале од кампањата. ЕК препорачува поголемо учество на жените во изборниот процес, особено во политичките партии, како и во донесувањето политички одлуки, вклучително и преку квоти.

Нема напредок ниту во слободата на медиумите

ЕК за 2026 година дава оценка „нема напредок“ и во слободата на говор и слободата на медиумите. И во тој дел посочува дека структурните проблеми во медиумската средина и во независноста на институциите опстојуваат.

Македонија, констатира ЕК, презела некои чекори за усогласување на законодавството со Европскиот акт за слобода на медиумите, но само делумно ги спровела препораките. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и јавниот радиодифузен сервис и натаму се соочуваат со проблеми, пред сè поради „ограничената финансиска и административна автономија и нередовното финансирање“, наведува ЕК.

Комисијата бара државата да продолжи да го усогласува медиумското законодавство со правото на ЕУ и европските стандарди. Таа посочува на потребата од целосна транспарентност на медиумската сопственост и на распределбата на јавните средства за државно рекламирање, како и од усогласување на правилата за конкуренција, државна помош и права на интелектуална сопственост. Меѓу препораките се и спроведувањето на стратегијата за реформа на јавниот сервис и навременото постапување по сите закани и акти на насилство врз новинари, со цел сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата.

„Земјата сè уште нема посебна законска заштита усогласена со рамката на ЕУ против стратешки тужби против јавното учество (SLAPP)“, наведува ЕК.

Советот за етика во медиумите, според извештајот, примил рекордни 244 жалби, претежно за содржини на интернет портали. ЕК како проблеми за онлајн медиумите ги посочува говорот на омраза и дезинформациите поврзани со родот и идентитетот. Комисијата ги издвојува и ниските плати и неплатената прекувремена работа, како и фактот што во 2025 година не бил склучен општ колективен договор за приватните медиуми.

Комисијата бара натамошно усогласување со Европскиот акт за слобода на медиумите, целосна транспарентност на медиумската сопственост и на распределбата на јавни пари за државно рекламирање, спроведување на реформата на МРТ и навремени постапки за заканите и нападите врз новинари.

„Одреден напредок“ во правосудството

Оценката за функционирањето на правосудството се подобрува од „нема напредок“ во 2025 на „одреден напредок“ во 2026 година. Новиот Закон за Судскиот совет, усвоен во декември 2025 и дополнет во јуни 2026 година, во голема мера ги адресира препораките на Венецијанската комисија и на оценската мисија на ЕУ од 2023 година. Усвоени се и нов Закон за Советот на јавните обвинители и Закон за парничната постапка. Измените на Законот за јавното обвинителство сè уште се очекуваат, меѓу другото за да се разјаснат основите и постапката за разрешување на државниот јавен обвинител.

„Независноста на правосудството во целина и неговата финансиска автономија се поткопани од континуираното мешање на другите гранки на власта и од драстичниот недостиг на финансиски и човечки ресурси“, оценува Комисијата.

Сепак, ЕК ги оценува јавните настапи на високи политичари, вклучително и личните критики упатени кон судии и обвинители, како несоодветно влијание и заплашување. Во ноември 2025 година Врховниот суд, Судскиот совет и Здружението на судии заеднички реагирале на, како што пренесува Комисијата, континуираните и непоткрепени јавни критики од највисоките нивоа на власта. Иако не е изрично наведено, тоа се однесува на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски кон поранешниот јавен обвинител, како и кон обвинителката Ленче Ристоска, која си даде оставка по политички притисок од врвот на власта. Во извештајот се наведува и дека постапката за разрешување на поранешиот државен јавен обвинител, Љупчо Коцевски, кој поднесе оставка пред гласањето во Собранието, ги покажала слабостите на постапката и можноста за политизација. На негово место беше избран Ненад Савески, кој е наклонет кон владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Предметите за висока корупција и натаму застаруваат

Овој е чеврти извештај по ред на Европската комисија каде се бележи дека нема напредок во борбата против корупцијата. ЕК оценува дека јануарските измени на Кривичниот законик од 2026 година за злоупотреба на службената положба и злосторничко здружување не ги отстраниле последиците од измените од 2023 година и придонеле за правна несигурност. Повторно е воведена посебна одредба за злоупотреба на службената положба при јавни набавки, но со потесен опфат од оној пред 2023 година. Комисијата смета дека новите измени не го решаваат соодветно ни проблемот со роковите за застарување.

„Предметите за висока корупција и натаму се соочуваат со одолжувања и често застаруваат, што придонесува за перцепцијата на неказнивост“, се наведува во извештајот.

ЕК препорачува да се донесе нов Кривичен законик и нов Закон за кривичната постапка, да има навремени истраги, обвиненија и правосилни пресуди, како и поефикасна конфискација на имот стекнат со кривични дела. Од Државната комисија за спречување на корупцијата се очекува поактивно да открива можни злоупотреби, вклучително и при јавни набавки. Проверката на анкетните листови е ограничена од недостиг на експертиза и недоволна поврзаност на базите на податоци, а надзорот на финансирањето на изборните кампањи и натаму се потпира на рачна обработка на податоци. Предлог-стратегијата за спречување на корупцијата и судирот на интереси за 2026–2030 е доставена до Собранието, но до крајот на извештајниот период не била усвоена.

Во однос на фундаменталните права, Комисијата констатира дека законската рамка во голема мера е усогласена со правото на ЕУ и со европските стандарди, но главниот проблем е примената. Тие констатираат дека Собранието избра нов народен правобранител, но не и осумте негови заменици. И Народниот правобранител и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација сè уште немаат финансиска автономија, се вели во извештајот.

Родово базираното насилство, вклучително и семејното, психолошкото, економското и сајбернасилството, како и фемицидот, останува сериозен проблем. Во јануари 2026 година е усвоен Националниот акциски план за родова еднаквост, но Законот за родова еднаквост сè уште се чека. ЕК бара подобра заштита на жените што преживеале насилство, на децата жртви на насилство, на децата Роми и на децата со попреченост. Институциите сè уште не собираат систематски податоци за говорот на омраза и за делата од омраза, додека граѓанските организации ги документираат случаите.