Нема лекови на рецет во аптеките, реагираат Скопјани, тврдејќи дека со денови бараат лекови, но не можат да ги набават освен ако не ги купат „приватно“.

Како што велат тие за „Мета“, станува збор за антибиотици и за лекови за луѓе болни од рак, кои никаде низ Скопје ги нема на рецепт.

Од аптеките низ градот тврдат дека тие работат со квоти на лекови што можат да ги издаваат на рецепт и кога ќе им заврши предвидениот број, мора да се чека нов месец. Велат дека проблемот не е кај нив, туку до правилата востановени од Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ).

Томица Новаковски, од скопски Аеродром, цел ден барал антибиотик на рецепт поради тоа што лекарот му констатрал воспалување на белите дробови. Но, како што тврди, никаде не можел да најде на рецепт, туку можел да си ги купи само по редовна цена.

– Цел град го поминав да го најдам антибиотикот и ништо. Веднаш им пишав и во Министерството за здравство, ама оттаму само ми рекоа дека наредните денови ќе има. Истото ми го тврдат и во аптеките. И сега, што треба да правам? Да чекам да дојде први? А моето здравје? Што ако немам пари да ги купам по редовна цена – прашува Новаковски.

Со истиот проблем се соочува и Соња Миленковска, која е болна од рак и прима редовна терапија од лекот „тамоксифен“.

– Никаде го нема на рецепт. Во аптеката им реков дека овој лек ми е многу важен, но тие креваат раменици и тврдат дека не е до нив. Не знам каде е проблемот, само вака не може да се живее. За некои луѓе лековите се побитни и од храната – вели Миленковска.