Новото законско решение не предвидува намалување на бројот на наставни денови. Сегашната состојба покажува дека нашите ученици до 14-годишна возраст добиваат над 900 часови помалку од нивните врсници во земјите членки на ОЕЦД, односно една и пол година образование помалку. Ова го истакна министерот Арбер Адеми на прес конференција, информирајќи за новините во Законот за основно образование, чија примена ќе започне од претстојниот септември.

– Ќе работиме на поквалитетно да се организира времето поминато на училиште со содржини и можности учениците да се вклучат во поголем број практични активности. И понатаму наставниот процес ќе се утврдува со календар на настава.

Адеми ги наброја следните новини:

  • Часови во сабота нема да има
  • Со закон да се регулираат неработните денови за време на зимскиот распуст на учениците, при што најмалку половина од траењето на зимскиот распуст на учениците се платени неработни денови за наставниците
  • Овие денови не се дел од годишниот одмор на наставникот и не се засметуваат во неговото траење
  • Се воведува нова надлежност на наставничкиот совет да дава мислење за распределба на часовите меѓу наставниците
  • Наместо досегашниот минимален број од 24 ученици, како минимален праг се утврдуваат 20 ученици
  • Бројот на ученици во паралелката може да се движи во распон од 20 до 30 ученици.
  • Комбинирана паралелка може да има најмногу до 10 ученици
  • По исклучок, паралелка може да се формира и со најмалку 15 ученици, само за наставата по изборните предмети

– Целиот закон се темели на принципите на недискриминација по сите
основи, спречување на насилството и други девијантни појави во училиштата, заштита од насилство и тоа во: воспитно – образовниот процес, процесот на запишување во основното образование, достапноста до услуги и придобивки, прилагодување и пристапност до и во објекти, вработувањето, кариерното напредување и престанок на вработувањето, ученичкото организирање, содржината на наставните програми и учебниците – додаде Адеми.