Нема јавна набавка за опрема за препознавање лица во училиштата и државните институции

Средно училиште „Јосип Брзо Тито“ | Фото: Архива на Мета.мк

Од Владата демантираат дека ниту Владата, ниту Министерството за внатрешни работи ниту Министерството за образование и наука во своите буџети не планирале набавка за опрема за препознавање лица во школи. Исто така, дојавите за бомби на ниеден начин не се во корелација со измените на Законот за заштита на населението од заразни болести. Со законските измени предложено е додавање на уште една времена мерка – забрана на влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест, којашто не е на сила постојано, не се знае дали воопшто ќе стапи на сила и кога, но дадена е како опција во случај на епидемија. Ако се исполнат претходни услови, мерката треба да ја одобри Владата на предлог на експерти од Комисијата за заразни болести, во случај на епидемија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се изнесува тврдење поврзано со исклучително сериозна безбедносна тема којaшто ги засега сите граѓани на С. Македонија, односно за дојавите за експлозивни направи во повеќе училишта, државни институции, објекти на јавни простори,  кои се случуваат изминатиот период.

Во постот, повикувајќи се на анонимни, неодредени, наводни независни експерти за безбедност, авторот вели дека „дојавите за бомби служат единствено за набавка на скапа опрема за надзор во училиштата и другите јавни установи”.

Истата скапа опрема не вклучува само камери (ефтино е само камери) туку и хардверско-софтверски решенија што користат вештачка интелигенција за препознавање на лица.
 Не е случајност што баш сега имавме небулозен закон за контрола на небоцнатите. И нема да биде случајност истиот закон малку изменет во иднина пак да се појави после имплементирањето на овој ,,надзорен систем”.
За да не испадне дека тресам зелени (искрено се надевам дека се), очекувам периодов објава на тендер за набавка на скапа опрема за надзор. Но времето ќе ни ја каже вистината, до тогаш бидете будни, се вели во постот што го рецензираме.
Вистиномер се обрати до повеќе државни институции со прашање околу буџетски планирања за опрема за препознавање лица, како што се опишува во постот. Од Министерството за образование и наука ни одговорија дека МОН нема предвидено спроведување на набавка каква што се посочува во нашето прашање.
Истото прашање го упативме до канцеларијата на Владата за односи со јавност од каде ни изјавија:
Ве известуваме дека ниту Владата, ниту Министерството за внатрешни работи ниту Министерството за образование и наука во своите буџети не планирале набавка за опрема за препознавање лица во школи. Информацијата ја демантираме во целост.
Понатаму во постот се вели „дека не е случајност што баш сега имавме небулозен закон за контрола на небоцнатите“ и притоа се алудира  на предложените измени на Законот за заштита на населението од заразни болести.
Како што Вистиномер веќе пишуваше, измените на Законот за заштита на населението од заразни болести, воопшто не предвидува контрола на „небоцнатите“ – невакцинираните. Од Министерството за здравство кое е предлагач на законските измени, за Вистиномер рекоа дека со членот 10 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на населението од заразни болести, се предлага дополнување на постојниот член 28 став 6 во точката 1, со која се уредени времени мерки за спречување на ширењето и сузбивањето на заразната болест предизвикана од ковид-19.
Согласно овој став, надлежните можат да ги спроведат следните времени мерки: носење лична заштита на лицето, респираторна маска, хируршка маска за еднократна употреба, текстилна маска за повеќекратна употреба, свилена марама или шал, памучна марама бандана или слично. Понатаму, маска може да се предложи да се носи при излегување надвор од домот, односно при движење на јавни места и површини од отворен и затворен тип, на пазари, во јавен превоз и при влез во затворени простори на оператори кои поради нивната природа на дејноста претставуваат место на собирање на повеќе лица, а тоа се државните институции, маркети, продавници, банки, пошти, чекални, здравствени установи и слично. Исклучоци од ова се случаите при спортување на отворен простор или на затворено со почитување на протоколи за заштита, при возење приватно возило ако возачот е сам или со лица со кои живее во заедница, при престојување на двор во семејна куќа, при седење во угостителски објект со почитување на дистанца и дезинфекција, ако се користи друг тип заштита, ако лицето е помладо од 6 години, ако има специфична здравствена состојба, ако е лице со посебни потреби или со пречки во развојот поради што носењето заштита на лицето би било контраиндицирано.

Покрај овие времени мерки, со Предлог-законот се предлага дополнување со уште една времена мерка: забрана на влез во објекти на лица кои не се имунизирани или не поседуваат потврда за прележана болест.

Овие времени мерки согласно членот 6, како што објаснуваат од Министерството за здравство, се токму поради заштита на здравјето на луѓето, додека постои опасност од ширење на епидемија.

За тоа кои од наведените мерки ќе се применуваат, случаите во кои ќе се применат и за кој временски период одлучува Владата на предлог на Министерството за здравство, врз основа на стручно мислење и предлози од комисијата за заразни болести, велат од МЗ за Вистиномер.

Значи, со законските измени предложено е додавање на уште една времена мерка којашто не е на сила постојано, не се знае дали воопшто ќе стапи на сила и кога, но дадена е како опција во случај на епидемија. Ако се исполнат претходни услови, мерката треба да ја одобри Владата на предлог на експерти од Комисијата за заразни болести, во случај на епидемија.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека дојавите за бомби служат за да се набави скапа опрема за надзор во училиштата и другите јавни установи, не е точно дека се планира набавка на опрема за препознавање лица и дојавите за бомби на ниеден начин не корелираат со измените на Законот за заштита на населението од заразни болести.