fbpx

Нема дозвола за обновата на конаците кај црквата „Света Богородица Захумска“

-

Возобновата на конаците кај црквата „Света Богородица Захумска“ на брегот на Охридско Езеро, во месноста Заум, кај Љубаништа, се изведува без дозвола за градба, потврди во изјава за „Супер радио“, директорката на Заводот за заштита на спомениците и Музеј од Охрид, Тања Паскали-Бунташеска.

Бунташеска вели дека на местото каде што се гради новиот манастирски конак и порано постоел таков објект, заради што пред неколку години Заводот изработил идеен проект за негова реконструкција. Бил изработен и елаборат за ревитализација на манастрискиот комплекс, а она што требало да се направи, но не било досега направено, е да се урбанизира просторот.

– Нема финален производ, односно нема дозвола за градба на манастрискиот конак, но во тек е процедурата за вцртување локација за конак. Дури откако ќе се урбанизира овој простор, може да се побара дозвола за градба и потоа да се гради по легален пат – додава Паскали – Бунташеска.

Од Општина Охрид, пак, не одговорија точно на новинарско прашање околу тоа дали има или нема дозвола за новиот објект што се гради непосредно до црквата.

– Ќе постапиме во согласност со законските ингеренции и можности. Тоа ќе го одговорат стручните служби по инспекцискиот надзор што го прават – изјави кусо секретарот на Општината, Димитар Спасески.

Од Дебарско-кичевската епархија велат дека е доставено барање до одговорните институции за да можат градежните активности да продолжат со запазените процедури, но појаснуваат оти на тоа место не се гради нешто ново, туку се возобновува манастирскиот конак којшто порано постоел токму на тоа место.

Црквата „Св. Богородица Захумска“ се наоѓа на источниот брег од Охридско Езеро, во непосредна близина на селото Трпејца. Според зачуваниот натпис, црквата е подигната и насликана во 1361 година од ќесарот Гргур, за време на деволскиот епископ Григорие. До неа се стигнува единствено по воден пат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...