fbpx

Нема докази дека вакцината против ковид го уништува здравјето

-

Во оваа објава доминираат шпекулативните наративи, непоткрепени со конкретни факти и со статистички податоци. За сметка на тоа, презентирани се субјективни перцепции кои се искористени да се искреира тезата дека после вакцинацијата има некаква промена во степенот на разболување кај населението, односно генерално влошување на здравствената состојба. Наспроти изнесеното во постот,  Светската здравствена организација посочува дека вакцините не го ослабуваат имунолошкиот систем. Исто така, од Европската агенција за лекови (ЕМА) која ја мониторира безбедноста на вакцините против ковид-19  укажуваат дека одобрените вакцини против ковид-19 се безбедни и ефективни, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој, меѓу другото, се вели дека вакцините го уништиле здравјето на вакцинираните, но дека тие молчат за лошата здравствена состојба во која наводно се наоѓаат по примањето на вакцината, се лекуваат низ болниците без да обвинат некого, бидејќи и самите се плашат дека ќе бидат осудени што решиле да се вакцинираат.

Чувствително погодени од магичниот серум, тие претпочитаат да молчат и да се обидуваат да се лекуваат низ болниците, а потоа земаат грст лекови, понекогаш и доживотно, но во никој случај не би им паднало на памет да обвинат некого. Тоа е, на некој начин, синдромот на вина на силуваната жена, која стравува дека и таа згрешила или дека јавното мислење ќе ја осуди. Молкот на вакцинираните сега е поинаков, колку и да е потешко. И тоа е затоа што ненадејните смртни случаи, кои веќе никој не може да ги сокрие или оправда, почнуваат да кружат. Речиси не поминува ден без да слушнеме, од соседи, познаници, роднини, па дури и од некои луѓе на улица или на пазар, какви катастрофални ефекти има вакцината против Ковид за нив или нивните роднини. Она што ме погоди е дека на овие луѓе не им паѓа на памет сите овие последици да ги поврзат со вакцината. Зошто? Едноставно. Здравствените проблеми им започнале веднаш по вакцинирањето, особено со втората или третата доза, се вели во постот што го рецензираме.

Притоа, како што пишува во објавата, само оние кои се кријат и одбиваат да веруваат дека си наштетиле со вакцините, се преправаат дека се добри, додека останатите кажувале дека не се како порано, дека брзо се заморуваат, имаат вртоглавици, почнале да ги мачат и разни тегоби, проблеми со црниот дроб, бубрезите…

И сите се млади, и онака под 50 години. Би рекле дека вакцината влијаела само на младите, не и на постарите. Но, да не заборавиме дека најголем процент на одбивање вакцина имало кај постарите лица. А кога некој вакциниран постар ќе се разболел или умрел, тој автоматски влегувал во категоријата на нормалност, дури и ако лицето дотогаш немало поголеми здравствени проблеми, се додава во постот.

Потоа се продолжува со тврдење дека на вакцинираните им опаѓал имунитетот и се разболувале на секои три месеци од различни вируси кои пред вакцината ги немале., при што се изнесува и следниот заклучок:

Кога умираат 14-годишни, 16-годишни, 18-годишници без никакво медицинско објаснување, врската со вакцината е очигледна. 

Во оваа објава доминираат шпекулативните наративи, непоткрепени со конкретни факти, ниту, пак, со статистички податоци. За сметка на тоа, презентирани се субјективни перцепции кои се искористени да се искреира тезата дека после вакцинацијата има некаква промена во степенот на разболување кај населението, односно генерално влошување на здравствената состојба. Потоа се презентира конспиративниот наратив дека вакцинираните за тоа молчат, бидејќи им е срам да признаат дека се вакцинирани, за на крај да се заклучи  дека умираат млади луѓе од вакцините. За ништо од горенаведеното во постот што го рецензираме нема докази.

 

Дали вакцината против ковид-19 го ослабуваат имуниот систем?

Наспроти изнесеното во постот,  Светската здравствена организација вели дека вакцините не го ослабуваат имунолошкиот систем.

Вакцините го подготвуваат имунолошкиот систем за да се бори со вирусот. Милиони дози вакцини против ковид 19 се администрирани ширум светот и од нив покажано е дека се многу ефективни во превенцијата на сериозни случаи на ковид 19. Ако вакцините против ковид 19 навистина го ослабнуваа имунолошкиот систем, тогаш луѓето кои се вакцинирани против ковид 19 ќе имаа потешка болест. Ова не е случајот. Во европскиот регион, неодамнешна студија покажа дека 500 илјади животи се спасени преку вакцинацијата кај возрасните над 60 години, во 33 држави. Најголемиот дел од луѓето на кои им требаше интензивна нега во болниците поради ковид-19, беа невакцинирани, велат од СЗО.

Оттаму посочуваат дека несаканите ефекти вообичаено се случуваат првите неколку денови по вакцинацијата. На веб-страницата на СЗО, во врска со несаканите ефекти од вакцините против ковид-19 пишува дека откако е почната програмата за масовна вакцинација во декември 2020 година,  администрирани се стотици милиони дози:

Имаше загриженост дека вакцините против ковид-19 ги разболуваат луѓето од ковид-19. Но, ниту една од одобрените вакцини не содржи жив вирус што предизвикува ковид-19, што значи дека вакцините против ковид-19 не можат да ве разболат од ковид-19.

После вакцинацијата на телото му се потребни неколку недели за да создаде имунитет против Сарс Ков 2. Така што можно е некој да се зарази со  Сарс Ков 2  непосредно пред или по вакцинацијата  и да се разболи од ковид -19. Тоа е така затоа што на вакцината ѝ треба време за да се активира и да обезбеди заштита.

Чувствуањето несакни ефекти после вакцината, значи дека вакцината функционира и дека имунолошкиот систем одговара на соодветен начин. Вакцините се безбедни и ќе ви помогнат да се заштите од ковид-19.

Во врска со ова доктор Ѓорѓе Крњевиќ од Клиничкиот центар во Црна Гора вели:

Вакцините против ковид-19 не може да предизвикаат долгорочни последици. Овие вакцини имаат поминато клинички тестирања коишто покажаа дека не се штетни за човековото тело.

Дополнително, Европската агенција за лекови (ЕМА) ја мониторира безбедноста на вакцините против ковид-19 што овозможува да се детектираат ретки несакани ефекти кои може да се појават откако се вакцинирани милиони луѓе.

Речиси 926 милиони дози вакцини се дадени на луѓе во ЕУ и Европската економска зона до октомври 2022 година. Одобрените вакцини против ковид-19 се безбедни и ефективни. Тие се евалуирани на десетици илјади учесници во клинички тестирања и ги исполнија научните стандарди на Европската агенција за лекови за безбедност, ефикасност и квалитет. Безбедноста на вакцините против ковид-19 постојано се следи и проценува. Најголемиот дел од познати несакани ефекти од вакцините против ковид-19 се краткотрајни. Сериозните безбедносни проблеми се исклучително ретки, пишува на страницата на ЕМА.

Дополнително, постот е паушален со оглед на тоа што не се споменуваат конкретни случаи на наводни сериозни несакани ефекти, туку се генерализира непоткрепено со факти. Во сите земји се мониторираат вакцините и нивните несакани ефекти и доколку стануваше збор за несакани ефекти од некоја вакцина коишто се во загрижувачка инциденца, тие несакани ефекти ќе беа посочувани во упатствата за користење на вакцината, или пак, таа вакцина ќе се забранеше. Меѓутоа, такво нешто нема.

На пример, во американската база ВАЕРС може се доставуваат пријави за несакани ефекти од вакцините против ковид-19, меѓутоа самите пријави не може да претставуваат основ за причинско последична поврзаност меѓу вакцината и несаканиот ефект. Дел од компликациите за кои во постот се тврди дека потекнуваат од вакцината, се сосема идентични со симптомите на долг ковид, како и на други дијагнози неповрзани со вакцината.

Вистината е дека не е докажана причинско-последична врска меѓу вакцината против ковид-19, опаѓање на имунитетот и разболувањето.

Научници од Мидан Хелт Деск, за Ројтерс велат дека истражувањата покажуваат дека мРНК вакцините се безбедни и ефективни, но без разлика на тоа погрешни тврдења на интернет шират паника за несаканите ефекти.

мРНК вакцините не предизвикаа ниеден смртен случај во клиничките тестирања и нема теоретска причина да се верува дека ќе предизвикаат смртни случаи или сериозна штета по здравјето на луѓето, велат оттаму.

Од почетокот на вакциналната кампања, вакцините против ковид-19 беа обвинувани за голем број на болести од страна на антивакциналните кругови. Вистиномер ги дебанкираше таквите невистинити тврдења и тоа може да го прочитате на следните линкови (овде, овде, овде, овде, овде)

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради изборите, Владата ги прогласи 24 април и 8 мај за неработни денови за сите граѓани

Владата на денешната седница заклучи дека 24 април 2024 година (среда) и 8 мај 2024 година (среда) да бидат неработни денови за сите граѓани на Република Северна Македонија, заради...