fbpx

Нема докази дека прекумерната смртност е резултат на вакцинацијата

-

Како што за Ројтерс потврдуваат независни експерти, со доведувањето во корелација меѓу целосниот број дози вакцини администрирани во Европа и стапките на смртност за само еден месец, се пропушта да се детектираат и другите потенцијални причини за смртноста и не се даваат никакви докази дека прекумерната смртност настанала токму поради вакцините против ковид-19, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделуваат податоци од Еуростат, кои се погрешно интерпретирани, а се споделува и текст во кој се тврди дека прекумерната смртност во некои европски земји, претставува последица на вакцинацијата против ковид-19. Веќе подолго време, односно од почетокот на вакциналната кампања, наративот дека вакцините се убиствени и штетни по здравјето се пласира врз основа на погрешно или нестатистичко толкување на бази на податоци кои се испревртуваат и така погрешно се презентираат на јавноста.

Во постот што го рецензираме се вели дека „после масовното вакцинирање, Фејсбук се претворил во некролог, а дека новите бројки за вишок смртност продолжуваат да растат”.

Во моментов на социјалните мрежи кружи компилација која зборува за прекумерна смртност во европските земји во јули 2022 година – споредено со годишниот просек од 2016-2019 година. Треба да се стравува дека врските ќе бидат јасни на маса штом веќе не се спречуваат научните истражувања кои го поврзуваат текот на кампањите за вакцинација со текот на прекумерната смртност. Многу гласови моментално нечуени или поттиснати од мејнстримот долго време предупредуваат на фаталните несакани ефекти од големиот експеримент за вакцинација. Ако има други причини за прекумерната смртност од 2021 година, тие во секој случај би требало да бидат подобро оправдани отколку од идеолошкото чувство дека земјата дополнително ќе се загрее поради човечкото влијание. Бидејќи нашата планета ниту се загрева особено забележливо ниту брзо, вишокот на смртност нема никаква врска со климатските зони на кој било мерлив начин. Па, мора да има некоја друга причина, се вели во постот.
Дополнително, за да се посочи дека прекумерната смртност е резултат на вакцината, објавена е и фотографија од човек што доживува срцев удар, а до него има фотографија од медицинско лице што подготвува вакцина за администрирање. Додадена е и фотографија од Еуростат за прекумерната смртност во јули 2022.
Според фотографијата во постот што го рецензираме, највисока стапка за прекумерна смртност за тој месец, имаат Исланд (плус 55,8 проценти), а потоа следуваат Шпанија, Кипар, Грција, Португалија, Швајцарија, Италија, Австрија, Словенија, Ирска и Германија.

 

Прекумерната смртност не е резултат на вакцинацијата против ковид-19

Како што за Ројтерс потврдуваат независни експерти, со доведувањето во корелација меѓу целосниот број дози вакцини администрирани во Европа и стапките на смртност за само еден месец, се пропушта да се детектираат и другите потенцијални причини за смртноста и не се даваат никакви докази дека прекумерната смртност настанала токму поради вакцините против ковид-19.

Професорот Џефри Морис, кој е директор на одделот за биостатистика на Универзитетот Пенсилванија, за проверувачите на факти на Ројтерс вели дека ако вакцините предизвикувале прекумерни смртни случаи, тогаш тоа конзистентно би се гледало во земјите со високи стапки на вакцинација, а не само во неколку.

Понатаму, тој додава дека не се земени предвид сите држави, туку само неколку.

 

Постојат различни причини за прекумерна смртност

Може да има голем број причини поради кои во одредени држави има повисоки стапки на смртност и не се поврзани со вакцината. Не можат да се влечат валидни заклучоци од само еден фактор, како вакцинални стапки добиени од државите, затоа што државите се разликуваат по многу аспекти, а не само по стапката на вакцинација.

Портпаролот на Еуростат, за Ројтерс вели дека прекумерната смртност може да биде предизвикана од низа фактори како топлотни бранови и други случаи на екстремни временски услови и се согласува дека прекумерната смртност може да биде поврзана со топлото време, цитирајќи дека во Португалија и Шпанија во јуни 2022 година имало неколку такви бранови.

Професорот Морис вели дека за да се најде валидна врска меѓу вакцинацијата и прекумерната смртност во земјите, би биле потребни податоци од индивидуалните случаи, како што се причината за смртта, вакциналниот статус на лицата и споредба меѓу вакцинираните и невакцинираните. Тоа не го содржи постот што го рецензираме. Не се знае ниту колку од вакцинираните / невакцинираните лица починале.

Дополнителните податоци исто така би требало да вклучуваат дополнителни фактори поврзани со вакциналниот статус и ризикот од смрт, како на пример возраста, полот, социоекономскиот статус, претходни болести, професија, бидејќи сето тоа е поврзано со ризикот да се заразите со ковид-19. Треба да се земат предвид и историјата на ковид инфекцијата, преку аналитички пристапи, додава Морис.

На страницата на Еуростат се вели дека меѓу март 2020 и јули 2022 година, ЕУ регистрирале четири различни бранови на прекумерна смртност со највисоки врвови во април 2020 година, ноември 2020 година, април 2021 година и ноември 2021 година.

Од Еуростат додаваат дека во јули 2022 година смртноста продолжила да варира ширум Европа. Латвија немала прекумерна смртност, додека најафектираната Шпанија имала стапка на прекумерна срмтност од 36,9 проценти. Другите земји со стапки повисоки од 15 проценти се Кипар, Грција, Португалија, Малта, Италија, Австрија, Словенија, Ирска и Германија.

Прекумерната смртност се одредува кога се зема бројот на починати од било која причина во даден временски период и тој број се споредува со основата од претходните години, во период кој не бил афектиран со пандемијата. Во овој случај, таа основа се состои од просечниот број смртни случаи што се случиле во секој месец од 2016 до 2019 година.

Со оглед на тоа што и самиот Еуростат наведува дека смртта може да настапила од било која причина, не може да се тврди дека таа е предизвикана од вакцинацијата, како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме. Еуростат потенцира дека се дозволени дополнителни анализи за прекумерната смртност, за да се утврдат причините, наспроти она што се презентира во постот кој го рецензираме.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит. Нема докази дека во одредени држави прекумерната смртност е резултат на вакцинацијата против ковид-19.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...