Нема никакви докази дека некој намерно го подметнал пожарот во дискотеката во Кочани, уште помалку дека тоа било направено со бензин, како што тоа се тврди во објавата. Постојат видеоматеријали кои јасно покажуваат дека до моментот на пожарот дошло откако пиротехничките прскалки поставени на сцената, го запалиле таванскиот простор на објектот, по што следувал трагичен епилог. Објавата уште и спомнува некаква длабока држава која наводно стоела зад пожарот и протестот, што е уште една потврда дека шири дезинформации и сака да ја манипулира јавноста со непотврдени информации и со некакви теории на заговор, пишува „Вистиномер“.
Во продолжение ви го пренесуваме текстот во целост:
Анализираме објава на Фејсбук која споделува фотографии од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и која вели:
Истрагата треба да оди во правец на откривање и санкционирање на извршителите на подметнувањето на пожарот! Нема сомнение дека пожарот е подметнат. Не може една дрвена конструкција да изгори за неколку минути! Горењето е подпомогнато, најверојатно со бензин …
Потоа треба да се истражи и уништи целата паралелна скапана и корумпирана струкутура во државата! Однесувањето на мегафоните на “длабоката држава“ уште рано утрото, нивното упорно дефокусирање и обиди за предизвикување на масовни нереди, недвосмислено укажува на подметнат пожар и на целосна конструкција на настаните.
Тоа особено го потврдуваат настаните на демолирањето на објектите низ кочани, каде помеѓу кочанчани “се најдоа“ и непознати лица за кочанчани, а антимакедонските пароли што ги извикуваше толпата додека дивееше низ кочани недвосмислено укажува на антимакедонскиот карактер на настаните! Се укажува дека катастрофата е предизвикана од структурите на “длабоката држава“ во македонија, се со цел да се смени власта и да се врати на власт старата коалиција сдс-дуи, за да не бидат судени за сторениот невиден криминал!
Нема никакви докази дека некој намерно го подметнал пожарот во дискотеката во Кочани, уште помалку дека тоа било направено со бензин, како што тоа се тврди во објавата. Постојат видеоматеријали кои јасно покажуваат дека до моментот на пожарот дошло откако пиротехничките прскалки поставени на сцената, го запалиле таванскиот простор на објектот, по што следувал трагичен епилог.
Дополнително, и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, официјално на прес-конференција извести дека пожарот настанал од пиротехниката. Министерот рече дека пожарот избувнал околу 2 часот и 30 минути во неделата изутрина, како последица на искри од пиротехнички средства за светлосен ефект на концертот на групата ДНК.
И државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски рече дека употребата на пиротехничките средства за време на концертот е еден од фокусите на истрагата што ќе следува во врска со овој трагичен настан.
Што се однесува до тврдењето дека на протестот во Кочани што се одржа на 17 март, а за време на кој се случија и неколку инциденти, „се нашле и непознати лица за кочанчани“, не е точно.
Имено, во медиумските извештаи за протестот никаде не можеше да се сретне информација дека на протестот имало непознати лица или некакви провокатори. Напротив, не протестот беа присутни и роднини и блиски на загинатите во пожарот кои држеа нивни фотографии. На протестот немаше никакви антимакедонски или политички пароли, како што тоа сака да го прикаже објавата, манипулирајќи дека протестот бил политички организиран. Тоа што луѓето го искажаа својот бес за трагедијата која ги снајде, не може да се нарече „антимакедонски карактер на настанот“.
Објавата уште и спомнува некаква длабока држава која наводно стоела зад пожарот и протестот, што е уште една потврда дека шири дезинформации и сака да ја манипулира јавноста со непотврдени информации и со некакви теории на заговор. За теоријата на заговор за постоењето на некаква лабока држава, Вистиномер има пишувано во повеќе наврати.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата е невистинита.