Нема информации кои се причините за онесвестувањето на новинарката на CBS Лос Анџелес, Алиса Карлсон Шварц за време на нашите вести во 7 часот наутро. Уште помалку некој потврдил или посочил дека тоа е последица на вакцина против ковид-19, како што е тоа претставено во постот што го рецензираме. Новинарката се огласи на социјалните мрежи, кратко заблагодарувајќи се за грижата за неа, без да изнесе детали за нејзината здравствена состојба и за тоа на што се должи колапсот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Пост на Фејсбук споделува видео од моментот кога на новинарката на CBS Лос Анџелес ѝ се слоши и се онесвести за време на вестите во живо. Притоа, постот ги наведува следбениците дека таа се онесвестила како последица на вакцината против ковид-19, иако за таквото тврдење не нуди никакви докази.
Оти вака не паѓаа пред ваксајните ???…, стои во објавата што ја анализираме.
На видеото е прикажан моментот кога новинарката Алиса Карлсон Шварц влезе во студио и се приклучи на тимот на KCAL на CBS Лос Анџелес за да ги објави вестите за временската прогноза рано оваа сабота, на 18 март 2023. Но, гледачите беа сведоци на страшна сцена во живо. Во еден момент, на Алиса ѝ станува многу лошо и колабира.
Потпретседателот на CBS Лос Анџелес и директор на вести, Мајк Дело Стрито, во изјава за TMZ ја потврди случката и даде информации за состојбата на неговата колешка.
На нашата колешка Алиса Карлсон нагло ѝ се слоши за време на нашите вести во 7 часот наутро. Сакам да им се заблагодарам на нејзините соработници кои презедоа итна акција за да ја утешат и смират Алиса и да се јават на 911. Алиса во моментов се лекува во болница. Се надеваме дека наскоро ќе знаеме повеќе за здравствената состојба. Во меѓувреме, Алиса ќе биде во нашите мисли и се молиме таа да се чувствува многу подобро наскоро, рече тој за TMZ.
Подоцна се огласи и Алиса на социјалните мрежи, кратко заблагодарувајќи се за грижата за неа и изрази надеж дека ќе биде добро.
Според TMZ, Карлсон имала уште една епизода која била слична во 2014 година. Тогаш таа за малку не се срушила на снимање додека известувала за времето, а дијагнозата била дека имала проблем со срцевиот залисток.
Но овојпат, како што и самата Карлсон напишала на Фејсбук, не било нејзиното срце во прашање.
Нема информации кои се причините за нејзиното колабирање. Уште помалку некој потврдил или посочил дека тоа е последица на вакцина против ковид-19.
И претходно се појавувале теории на заговор на социјалните мрежи кои ги поврзувале ваквите и слични ситуации со вакцините против коронавирусот. Вистиномер истите ги има дебанкирано.
Од сето погоре можеме да заклучиме дека не постои доказ за поврзаност меѓу вакцината и онесвестувањето на новинарката на CBS Лос Анџелес. Според тоа, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.