fbpx

Нема докази дека мозокот на бебињата запира со развој поради вакцинирањето

Според  информациите на Министерството за здравство, вакцината е многу побезбедна отколку заболувањето со било која болест. Повеќето деца немаат никакви сериозни проблеми по вакцинацијата

-

Науката не располага со докази дека вакцинирањето кај децата е поврзано со развојот на мозокот или со когнитивните функции. А постот што го рецензираме токму тоа го тврди, што е класична лага поврзана со антиваксерските кругови во земјава и во светот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Одбивајте вакцини за вашите бебиња. Мозокот сопира со развој. Имате глупави деца. Q.

Министерството за здравство пред неколку недели промовираше нова електронска платформа на која се објавени сите релевантни и потврдени информации за детските вакцини (вклучително и за тие наменети за бебињата).

Наспроти наведеното во постот кој го рецензираме, придобивките од имунизацијата се бројни – таа обезбедува здраво поколение, придонесува за колективен имунитет, го спречува ризикот од заболување и ги намалува трошоците за боледување и лекување.

Редовните вакцини, вклучително и оние за бебиња кои во постот се вели да не се користат, односно се дава препорака да се избегнуваат, се безбедни и ефикасни. Тие се темелно тестирани и докажано спречуваат сериозни болести. Со редовната имунизација се развива долгорочна заштита и целта на редовната имунизација е да помогне во градењето здрав и квалитетен живот. Наспроти изнесеното во постот кој го рецензираме, не постои медицински докажана причинско-последична врска меѓу „глупави деца“ и вакцинација, ниту пак мозокот „сопира со развој“.

Редовните вакцини за деца само во последните 60 секунди спасиле пет животи. Тоа се уште пет деца што се заштитени од смртоносни болести и ќе можат среќно да растат и да водат здрав живот.

Здраво дете е поверојатно да оди во училиште, да постигнува подобри резултати во училиште и да го посетува подолго отколку дете кое е болно или има последици како резултат на болест, велат од Програмата на Интернационалниот центар за пристап до вакцини при „Џонс Хопкинс Блумберг“, Училиштето за јавно здравје.

„Во ова издание истражуваме како инфекциите што може да се превенираат со вакцини влијаат врз когнитивниот развој и врз образованието и презентираме докази за ефектите кои вакцините може да ги имаат во заштитата на детскиот невролошки развој, можностите за идна едукација и идната продуктивност“, велат оттаму.

Во нивното тематско издание се тврди дека некои вакцини се поврзани со подобри способности за учење и когнитивен развој. Некои докази во последните 10 години укажуваат на позитивен линк меѓу вакцинацијата во раното детство и соодветни придобивки подоцна во когнитивните и тестовите за учење во подоцнежното детство.

Мала студија од Филипините, покажува дека децата имунизирани со шесте основни вакцини, покажале подобри резултати на вербални, математички и тестови за јазик на 11-годишна возраст споредено со децата кои не ги примиле овие 6 вакцини. Анализа на анкетни податоци од 2019 година од Индија, Етиопија и Виетнам покажа дека децата вакцинирани против сипаници, имале подобри резултати на когнитивните тестови за развој на јазикот, математика и читање, споредено со децата кои не ја примиле вакцината против сипаници.

Вакцините може да превенираат неколку причинители кои предизвикуваат сериозни инфекции на мозокот, како што се менингитис и енцефалитис. Овие видови инфекции не само што се загрозувачки по живот, туку и се поврзани со влошено помнење и паметење, понекогаш до крајот на животот. Вакцините што ги превенираат овие инфекции помагаат да се заштити идната способност на детето да памети. Кај тие што ќе развијат енцефалитис, 1 до 4 не преживуваат. Од тие што ќе преживеат, до 50 проценти се со траен когнитивен или невролошки инвалидитет.

Најголемиот дел од најтешките инфекции на менингитис се предизвикани од три бактерии, пневмокока, ХиБ и мемингококни инфекции. Тие предизвикуваат значителни перманентни когнитивни проблеми. Во Гамбија, 58 проценти од децата кои преживеале пневмококен менингитис имале негативни здравствени долготрајни последици.

Придобивките од вакцините за децата се големи, тие спречуваат инвалидитет, спречуваат смртност од заболувањето, создава отпорност на организмот кон заболувањето и спречува појава на епидемии од заразни болести.

Националниот календар за редовна имунизација ги содржи сите потребни вакцини за заштита. Според Министерството за здравство календарот за имунизација треба да се следи и да не се пропушта препорачаниот редослед. Пропуштање и одложување на вакцинацијата го зголемува ризикот од инфекција која може да предизвика сериозни последици и хоспитализација. Доколку некоја вакцина е пропуштена, треба да се прими во најскоро време, според календарот за „примање пропуштена доза вакцина“ објавен на сајтот.

Во календарот е наведено дека во земјава деца на возраст од 0 до 18 месеци примаат вакцини против туберкулоза и хепатитис б. Потоа, во точно определени периоди до 18-от месец, бебето прима вакцини против хепатитис б, хемофилус инфлуенца, ротавирусни инфекции, пневмококни инфекции, дифтерија, тетанус, полиомиелитис, морбили, рубеола и паротит.

Без вакцина детето може да биде добро, но може и да се зарази, што може да доведе до тешка болест, неплодност, попреченост, а дури (ретко) и до смрт. Детскиот имун систем не може со сигурност да се избори со овие болести, па затоа треба да прими вакцинa, пишува на сајтот Е-здравство како одговор на прашањето дали вакцинирањето е навистина потребно.

Вакцинирањето на децата е исклучително важно заради заштита од опасни болести. Колку повеќе вакцинирани деца, толку помалку опасни болести во заедницата. Вакцинацијата на детето се одвива според утврдени постапки кои обезбедуваат сигурна и безбедна примена на вакцината. Процесот на вакцинација се одвива во неколку чекори и зависи од возраста на детето. Пред да се вакцинира, се прави проценка за вакцинација со преглед на вакциналниот картон и одредување на тоа кои вакцини треба да ги прими детето согласно возраста и календарот за имунизација. Утврдувањето на здравствената состојба на детето со општ преглед и разговор со родителот за тоа дали детето има некој здравствен проблем, дали прима некоја терапија и дали постојат контраиндикации или други состојби на претпазливост. Лекарот информира која вакцина ја прима детето и одговара на сите прашања во врска со вакцината, болеста што таа ја спречува и очекуваните реакции.

Вакцинацијата на детето се реализира според видот на вакцината и возраста на детето како и според соодветен протокол за вакцинација. Доколку се даваат истовремено повеќе вакцини, вакцините се аплицираат на различни места и детето се поставува во соодветна положба во зависност од начинот на апликација на вакцината. Очекувано е при давање на вакцина детето да почувствува болка. Во период од 15 минути по примањето на вакцината треба да се остане во здравствената установа каде е вакцинирано.

Невакцинираните мали деца се изложени на најголем ризик од морбили и компликации вклучително и смрт.

Навремената вакцинација е најдобриот начин за заштита на децата од морбили. Според Е-здравство, штом навршат 12 месеци сите деца треба да примат прва доза од вакцината против морбили, заушки и рубеола. Без неа децата се изложени на ризик и може да се разболат од овие сериозни болести. Вакцината против морбили е докажано безбедна, се користи повеќе од 60 години и безбедно ја примиле милиони деца во целиот свет. Со вакцинацијата на децата се јакне колективниот имунитет, се штитат децата помали од една година и децата што не смеат да се вакцинираат (децата болни од карцином на пример).

Според  информациите на Министерството за здравство, вакцината е многу побезбедна отколку заболувањето со било која болест. Повеќето деца немаат никакви сериозни проблеми по вакцинацијата. Вакцините, како и секој лек, може да имаат несакани ефекти. Чести несакани ефекти се болка во раката од боцкањето, температура и благо исипување. Многу ретки несакани ефекти се алергиска реакција или грчеви. Вистиномер и претходно рецензираше слични постови во кои антивакцинални кругови шират дезинформации за детските и вакцините за бебиња.

Според се погоре изложено, нема докази дека мозокот запира со развој поради вакцинирањето на бебињата и дека децата кои се вакцинирани имаат послаб когнитивен развој. Затоа, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Деновите од изборите ќе се одработат, учениците подолго ќе престојуваат во училиште

Министерството за образование и наука информира дека наставата од деновите на гласање - 24 април и 8 мај, како и од 30 ноември кога беше организиран Самитот на ОБСЕ...