Објавата произволно и без никакви докази тврди дека државата ги труе граѓаните преку воздух и вода, како и со вакцини, 5Г антени и ХААРП. Ваквите тврдења, кои се доста сериозни, се пласираат без апсолутна никаква поткрепа и без никакви факти. Реалноста говори поинаку, пишува „Вистиномер“

Во продолжение ви ја пренесуваме објавата во целост:

Анализираме објава на социјалната мрежа Фејсбук која вели:

Не’ трујат преку храна, преку воздух, преку вода, преку земја, преку лажни вакцини, ни’ пуштаат отрови од авиони, не’ трујат со електромагнетни фреквенции од 5Г-антени и ,,ХААРП,,-антенски системи, а сите ние во тишина си ги бркаме нашите работи, кулираме, не се бунтуваме и глумиме дека се е во ред иако се повеќе личиме на експериментални глувци, а не на луѓе.

Објавата произволно и без никакви докази тврди дека државата ги труе граѓаните преку воздух и вода, како и со вакцини, 5Г антени и ХААРП.

Ваквите тврдења, кои се доста сериозни, се пласираат без апсолутна никаква поткрепа и без никакви факти. Реалноста говори поинаку.

Државата во ниту еден случај не ги труе луѓето со вакцини. Со досегашните пронајдени вакцини против многу болести, спречени се голем број на епидемии и искоренети се опасни заразни болести, со што се спасени и се спасуваат многу животи. Здравствените експерти, пак, постојано упатуваат на придобивките и безбедноста на  вакцините.

Спротивно на изнесеното во објавата дека вакцините се отров, тие се многу безбедни. На веб-страницата на УНИЦЕФ посветена на вакцинацијата, во делот за прашања и одговори е наведено дека сите вакцини минуваат низ ригорозни безбедносни тестови, вклучително и клинички испитувања, пред да бидат одобрени за јавноста. Земјите регистрираат и дистрибуираат само вакцини кои ги исполнуваат ригорозните стандарди за квалитет и безбедност. Вакцините се исклучително безбедни, а сериозните несакани ефекти се ретки. Речиси сите реакции или непријатности по вакцинацијата се мали и привремени, како што е болка на местото на инјектирање или блага треска.

Вакцините спасуваат животи. Се проценува дека само вакцините против сипаници спречиле над 21 милион смртни случаи помеѓу 2000 и 2017 година.

Вакцинацијата помага да се стават под контрола над 20 болести како туберкулоза, дифтерија, детска парализа, сипаници, заушки и многу други, кои без вакцините би биле смртоносни за многу луѓе ширум светот. Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека вакцинирањето спречува два до три милиони смртни случаи од болести во светот секоја година.

Во објавата која е предмет на нашата анализа се афирмира и добро познатата теорија на заговор за „кемтрејлс“ (chemtrails), според која влади и разни други неименувани фактори од разни држави, се ангажирани во тајна програма за распрскување отровни хемикалии во атмосферата со помош на авиони. Според заговорниците, долготрајните траги на небото што остануваат по прелетувањето на некои авиони се исполнети од хемикалии, и кога тие ќе паднат на земјата, предизвикаат здравствени последици по сите граѓани. Главниот аргумент што поборниците на оваа теорија на заговор се обидуваат да го претстават како доказ, се трагите што зад себе ги оставаат авионите, иако станува збор за обична физичка појава на кондензација, а не заговор против човештвото и тајна програма за распрскување отрови.

Според истражувачите од Универзитетот Харвард од САД, кои проучувале вакви заговорнички теории, не е најден ниту еден веродостоен доказ дека кемтрејлс постои“.

Во врска со истата тема „Форбс“ објави студија, според која панел од 76 хемичари и научници од Универзитетот Ирвин, Калифорнија, изјавиле дека никогаш не дошле до докази оти постојат големи програми за хемиско прскање од авиони, со цел да се наштети на здравјето на граѓаните и со цел да се влијае на атмосферата. 

Според оваа студија, причината поради која трагите од авионите остануваат видливи е бидејќи тие летаат на поголеми височини отколку порано, што резултира со кондензациски траги, кои траат подолго време. Тоа што трагите од авионите се вкрстуваат е само и единствено доказ дека има зголемена фреквентност на авиосообраќајот, што е и примарната причина некои од нив да мораат да летаат и на поголеми височини.

Објавата шири и друга позната теорија на заговор поврзана со 5Г мрежите. Нема докази дека овие мрежи имаат влијание врз имунолошкиот систем. 5Г мрежите на мобилните провајдери, кои ветуваат побрзи врски, долго време се мета на скептиците и теоретичарите на заговори кои велат дека овие мрежи имаат негативни здравствени ефекти. Вистиномер веќе пишуваше за тоа дека 5Г технологијата не е опасна по здравјето.

Во телекомуникациите, 5Г е петта генерација на мобилна мрежа. Таа користи радио бранови со висока фреквенција и поблиску дистрибуирани безжични пристапни точки за да создаде побрзи и посигурни интернет конекции.

Радио брановите се форма на електромагнетно зрачење. Експерти во изјава за Ју-ес-еј Тудеј велат дека терминот опишува неколку различни видови на енергија на електромагнетниот спектар.

Експертите во изјава за Ју-ес-еј Тудеј велат дека, иако се потребни повеќе истражувања за здравствените ефекти на технологијата 5Г, тврдењето дека таа влијае врз имунолошкиот систем на луѓето е недокажано.

Тврдењето дека ЕМФ зрачењето од 5Г има и ќе има огромно влијание врз вашиот имунолошки систем е неточно и без никакво научно оправдување, вели д-р Марвин Зискин, почесен професор по радиологија и медицинска физика на Медицинскиот факултет на Универзитетот Темпл.

Светската здравствена организација, на својата веб-страница вели дека „ниту еден негативен ефект врз здравјето не бил каузално поврзан со изложеноста на безжични технологии“.

Австралиската агенција за заштита од радијација и нуклеарна безбедност вели дека „нема утврден доказ дека изложеноста на ниско ниво на радио бранови од 5Г влијае на имунолошкиот систем“.

Објавата неосновано тврди и дека државата на труе со ХААРП. И ова тврдење не е точно. Прво, затоа што во нашата држават нема ХААРП. Само САД имаат ХААРП.

ХААРП е високофреквентна активна истражувачка програма на поларната светлина, кој е заеднички проект од различни партнери: индустријата, американското министерство за одбрана и бројни универзитети ширум САД. Научниците направија лабораторија во Гекона, Аљаска, и инсталираа 180 високофреквентни антени, кои заедно можат да емитираат 3.600 киловати радиобранови на фреквенциите од 2.8 до 10 мегахерци (високфреквентен ранг), што им овозможува на особено чувствителните инструменти да ги измерат физичките процеси кои се одвиваат во тој појас.

Работата на истражувачкиот објект беше префрлена од Воздухопловните сили на САД на Универзитетот Фербенкс во Алјаска, на 11 август 2015 г., дозволувајќи му на ХААРП да продолжи со истражување на јоносферската феноменологија преку договор за соработка за истражување и развој за користење на земјиштето.

Поради вградени нови технологии, САД овие антени ги употребуваат и во комуникациите и во особено длабоките делови од морињата или земјата. Нема никакви научни докази дека овие антени влијаат врз здравјето на луѓето.

Од сето погоре можеме да заклучиме дека објавата која ја анализираме е невистина.