fbpx

Нема докази дека ЦИА се обидела да собори над 50 легитимно избрани влади од 2003 до 2014

Она кое што е евидентно за сите наведени држави е тоа што во секоја од нив имало или политички или економски причини (изборни нерегуларности или економски проблеми, слаб животен стандард, недостиг на демократија и ускратување на човековите права), кои водат до внатрешни немири, односно граѓански отпор

-

Не е вистина дека САД и ЦИА собориле демократски влади избрани во овие држави. Во сите овие револуции има голем број на фактори кои придонеле за нив, вклучително опозицијата во државите, невладиниот сектор, интернетот, младите.., но главните протагонисти се секогаш домашни актери од државата каде се случува револуцијата и не може да бидат САД и ЦИА. Точно е дека САД има финансирано невладини организации кои што се борат за демократизација, за владеење на правото, но тие исто така, не се ексклузивен фактор кој влијае една власт да падне или да се појават немири. Во постот кој го рецензираме, едноставно се потценува и анулира влијанието на граѓаните на секоја засебна држава да одлучуваат за своите демократски процеси, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук  во кој се вели:

Обоените револуции на ЦИА од 2003 до 2014. Не е вклучена Шарената револуција во Македонија. За 20 години САД и ЦИА соборија или се обидоа да соборат 50 легитимни влади.

Во списокот во постот се наведени наводни револуции кои што ги организирала ЦИА и меѓу нив се набројани револуцијата во Грузија од 2003, портокаловата револуција во Украина од 2004, револуции од 2005 во Киргистан, Азербејџан и Либан, револуција во Белорусија од 2006, револуцијата во Мјанмар од 2007, од Иран и Молдавија во 2009, Киргизстан и Тунис од 2010, револуции во Египет, Бахраин и арапската пролет од 2011, како и револуциите во Украина и Тајван од 2014 година. Во постот се вели дека ЦИА со своето дејание урнала 50 легитимно избрани влади во изминатите две децении од 2003 до денес. Но, ваквите тврдења не се втемелени на докази, ниту пак во анализата се земени предвид сите факти и фактори.

Револуцијата на розите во Грузија од 2003 година 

Во Грузија, револуцијата на розите се случи во 2003 година, со протести во кои граѓаните ги оспоруваа резултатите од изборите и тие протести кулминираа со оставка на тогашниот претседател Едуард Шеварднадзе. Револуцијата го носи името поради тоа што демонстрантите влегоа во парламентот со црвени рози во рацете. Оваа револуција не ја водеше ЦИА, туку поранешните политички сојузници на Шеварднадзе, и таа се состоеше од протести од 3 до 23 ноември 2003 година. Овие протести испровоцираа нови претседателски и парламентарни избори во Грузија кои на власт го донесоа „Националното движење демократи“.

Не ефективноста на владата на Шеварднадзе натера повеќе парламентарци да излезат од владејачката партија уште во 2000 година. Прво тоа го стори бизнис заедницата и формираше нова партија во 2001, „Партија на новите права“. Со ова почна колапсот на партијата, бидејќи таа се расцепка. И самиот Шеварднадзе си даде оставка од претседател на партијата во септември 2001 година. И тогашниот министер за правда во септември ја напушти владејачката партија за да си формира своја.

Во наредните две години расцепкувањето продолжи, а владините функционери што останаа на позиции беа познати по акумулација на нелегално богатство преку своите позиции во владата. Во меѓувреме, бројни нови партии и независни платформи беа формирани. По катастрофалните резултати на владејачката партија на локалните избори во 2002 г., Шеварднадзе направи обид за политичка коалиција која би го поддржувала. Неговата партија беше обновена пред парламентарните избори во 2003 година, но неговиот рејтинг беше 5 проценти. Точно е дека бројни невладини организации финансирани од надвор, постоеле во ова време во Грузија и токму тие имаат една од улогите за револуцијата на розите од 2003 г. Но, помошта во пари била и за ОБСЕ за да има надворешни набљудувачи на изборите, како и на демократски организации. На крајот, после сите тензии предизвикани од незадволството од политичарите на власт, грузиските граѓани гласаа.

Оваа револуција беше поради корупција, клептократија, автократија, изблици на моќ, економски потешкотии, немаше перспектива. Младата генерација сакаше да го промени текот во кој што одеше државата. Немаше надеж, чувство за правец, се беше некако магловито. Но имаше чувство дека луѓето имаат моќ и дека можат да променат нешто и дека тие на власт, мора да слушаат, изјави во 2018 г. новинарката Натиа Замбакиџе за Радио Слободна Европа.

Портокалова револуција во Украина од 2004

Украинската портокалова револуција беше серија на демонстрации претежно во Киев кои траеа од ноември 2004 до јануари 2005 г., како одговор на изборна измама. Откако излегоа извештаи дека претседателските избори во ноември 2004 се наместени во полза на Виктор Јанукович за сметка на Виктор Јушченко, масовни протести се случија во Киев во центарот, како и во други градови од државата. За само неколку денови околу половина милион демонстранти се собраа во Киев мавтајќи портокалови знамиња и носејќи портокалова облека, која беше и бојата на кампањата на Јушченко.

ЕвроМајдан. Фото: Википедија

Кратко откако почна револуцијата се појави и шатор на плоштадот Независност познат како Мајдан. Демонстрантите беа многу мирни и полицијата не употреби сила. На почетокот на декември Врховниот суд на Украина пресуди дека нивото на измама во изборите, ги анулира истите, правејќи да е невозможно да се знае победникот, па затоа треба да има нови избори. Тогаш победи Јушченко и со неговата инаугурација заврши револуцијата. Во руските националистички кругови портокаловата револуција беше искористена за да се претстави како организирана од ЦИА, со главен изговор дека жена му на Јушченко, родена во САД – Катерина Јушченко беше вклучена во демонстрациите, како и зашто меѓу демонстрантите имаше луѓе и со украинско и со американско државјанство.

Револуции во Киргизстан, Азербејџан и Либан од 2005 година

Што се однесува на револуцијата во Киргистан од 2005 година, САД имаат дадено поддршка за медиумите откако тамошната влада им ја исклучила струјата, па амбасадата на САД во Киргизстан има дадено генератори за користење, како и финансиска помош на единствениот во тоа време преостанат весник кој бил опозициски. Тоа повторно не докажува вмешаност на ЦИА во организирањето на револуцијата, туку помош од САД за демократски процеси, по што САД се познати и во други држави. Со „револуција на лалињата во Киргизстан“ во 2005 година, од власт беше сменет долгогодишниот претседател Аскар Акаев. Револуцијата почна после парламентарните избори на 27 февруари и на 13 март 2005. Демонстрантите наведуваа корупција и авторитарно владеење од страна на Акаев неговото семејство и поддржувачите. Акаев избега во Казахстан и потоа во Русија.

Револуциите во Киргизстан, Украина и Грузија имаа поддршка од невладини организации, но во контекст на демократизација.

Револуцијата во Либан од 2005 (Cedar revolution) беше бран демонстрации во Либан особено во Бејрут испровоцирани од убиството на поранешниот премиер на Либан Рафик Харири. Движењето беше без насилство, со мирен пристап и со употреба на методи на граѓански отпор. Примарната цел на активистите беше да се повлечат сириските трупи од Либан и да се замени владата која беше под тешко влијание на сириските интереси, како и да се организираат слободни парламентарни избори. Со демонстрациите се бараше крај на сириското влијание врз политиката на Либан. После овие демонстрации сириските трупи целосно се повлекоа од Либан на 27 април 2005.

Наспроти изнесеното во постот кој го рецензираме, не ЦИА, туку главните политички партии во Либан во тоа време се учесници во демонстрациите: Демократско движење за обнова на Насид Лахуд, Демократска левица на Елиас Аталах, Слободно патриотско движење на Михаел Аун, Движење за иднината на Саад Харири, Либански сили на Самир Геагеа, Либански национален блок на Карлос Еде, Националната либерална партија на Дори Чамун (син на екс претседателот Камил Камун), Прогресивната социјалистичка партија итн.

И протестите во Азербејџан во 2005 беа поради гласини за наместени избори.

Лидерите на опозицијата и странските набљудувачи истакнаа дека гласањето не ги исполнува демократските стандарди. Но, ЦИА не може да ги намести изборите во некоја држава, ниту пак, да ги мобилизира граѓаните на таа држава да протестираат за демократија, како што без никакви аргументи се тврди во постот кој го рецензираме.

Револуција во Белорусија од 2006 година

И оваа револуција е организирана од опозицијата во Белорусија, незадоволна од изборни резултати во 2006 година. Оваа револуција не донесе радикални промени во општеството или политиката во Белорусија. Демонстрантите не беа задоволни од изборните резултати од изборите на 19 март и првично десет илјади луѓе се собраа на плоштадот. Секој следен ден имаше помалку и помалку луѓе и до 23 март само 200 претежно млади луѓе останаа во шаторот на опозицијата.

Револуција во Мјанмар од 2007 (Saffron revolution)

Овие протести кои беа политички и економски почнаа во 2007 во Мјанмар зашто владата која беше единствениот добавувач на гориво, донесе мерки со кои цената на дизелот и горивото се покачија за 66 до 100 проценти, а цената на компресиран природен гас се зголеми за 500 проценти во период помал од една недела. Протестите беа организирани од студенти, политички активисти меѓу кои и жени, будистички калуѓери и ја имаше формата на ненасилен отпор или граѓански отпор. Меѓутоа, многу демонстранти беа уапсени и околу 31 смртен случај беа пријавени во еден момент од демонстрациите. И после протестите Тан Шве остана на власт додека не се пензионираше во 2011 г. на 78-годишна возраст. Уште пред демонстрациите граѓаните беа во се потешка финансиска состојба, а државата беше рангирана меѓу 20-те најсиромашни во светот според ОН.

Насилниот одговор на власта на овие протести ја натераа САД преку Стејт Департментот да соопшти дека бара властите веднаш да ги ослободат од затвор на учесниците во протестот.

САД, ЕУ и Канада воведоа санкции за Мјанмар, меѓу кои и замрзнување на банкарските сметки и рестрикции за увоз на драгоцени камења. Министерството за финансии на САД (US Department of Тreasury), воведе санкции против 14 високо позиционирани членови на власта на Мјанмар, меѓу кои и лидерот Тхан Шве. Со ова се замрзнати и нивните банкарски сметки во САД, а на американските државјани им беше забрането да имаат бизнис релации со него.

Дури и добитникот на Нобелова награда Десмонд Туту ја замоли Кина да интервенира и да им сугерира на бруталните власти во Мјанмар да престанат со нивната неселективна употреба на силат. Туту тогаш рече дека ако Кина не се спротивстави на владетелите во Мјанмар, тој ќе се придружи во кампањата за бојкот на тогаш добиената Олимпијада во Пекинг. Повиците за овој бојкот беа силни, зашто се повеќе луѓе веруваа дека само притисок од Кина е најдобриот начин да се поддржат луѓето на Мјанмар (Бурма).

Револуции во Иран и Молдавија од 2009

Во Иран причината за протестите во 2009 година беше повторно – незадоволство од изборните резултати односно недемократски претседателски избори. Демонстрантите бараа да биде отстранет од власт Махмуд Ахмадинеџад поради нерегуларните избори. Стотици беа уапсени, а имаше и жртви за време на овие протести. Движењето спласна, но демонстрантите нотираа проблеми со човековите права, како и нерегуларни избори како причина за демонстрациите. Особено движењето имаше поддршка од младите во Техеран.

И во Молдавија причината за протестите беше незадоволство од изборните резултати од парламентарните избори, односно изборни нерегуларности. Барањата беа пребројување на гласовите и нови избори или оставка на владата. Некои од демонстрантите се организираа на Твитер. Опозицијата тврдеше дека има 300 илјади повеќе гласачи на избирачкиот список споредено со минатите избори, а населението на Молдавија се намалува по бројност. Откако протестите ескалираа претседателот на Молдавија побара западот да интервенира да ја смири состојбата, со оглед на тоа што демонстрантите беа против социјалистичката власт и бараа про-европска власт. Имаше пребројување на гласовите дозволено од уставниот суд, но тоа не покажа сериозни грешки. Опозицијата остана на ставот дека изборите се нерегуларни.

Револуциите во Киргизстан и Тунис од 2010 година

Револуцијата во Тунис беше интензивен 28-дневен цивилен отпор кој вклучуваше улични демонстрации и резултираше со отстранување од власт на долгогодишниот претседател Зин ел Абдин Бенн Али во јануари 2011. Овие демонстрации водеа кон сериозна демократизација на земјата и слободни и демократски избори. Демонстрациите беа предизвикани од висока невработеност, инфлација на цената на храната, корупција недостиг на човекови права и слобода на говор и слаби услови за живот.

Киргистанската револуција од 2010 година започна во април таа година со соборувањето на киргистанскиот претседател Курманбек Бакиев во главниот град Бишкек. Причините се општо незадоволство со државната економска политика, притисок врз опозициските групи, напади на независните медиуми како и воздигнувањето на синот на претседателот на една од најважнните државни функции.

Револуции во Египет и Бахраин од 2011 година

Египетската опозиција, без сомнение инспирирана и од револуцијата во Тунис која се случи во 2010, почна демонстрации и работнички штрајкови во цела држава што кулминира со тоа претседателот Хосни Мубарак да биде соборен во 2011 г. Револуцијата во 2011 година почнува против полициска бруталност, која е екстензивна во времето на владеењето на Хосни Мубарак. Се организирале демонстрации, маршови, заземање на плоштади, ненасилен граѓански отпор и штрајкови. Милиони демонстранти со различни социо-економски и религиозни позадини бараа Хосни Мубарак да отстапи од претседателската функција. Во протестите имаше 846 мртви и над 6 илјади повредени лица, а демонстрантите запалија 90 полициски станици ширум државата. Демонстрантите во Египет се жалеа на политички прашања, немање владеење на правото, полициска бруталност, недостиг на политичка слобода, цивилни слободи, слобода на говор, корупција, висока невработеност, инфлација на цената на храната и ниски плати. Примарно бараа да заврши режимот на Мубарак. Штрајкови организирани од синдикатите дополнително ги зајакнаа протестите. Каиро беше опишуван како „воена зона“. Безбедносните сили на Египет, кои му беа верни на Хосни Мубарак беа заменети со војската. На 11 февруари 2011 г. Мубарак си даде оставка.

Од востанието во Бахраин. Фото: Википедија

Протестите во Египет и Тунис ги инспирираа и протестите во Бахраин, примарно насочени за политичка слобода и за религиозна слобода.

Револуции во Тајван и Украина од 2014 година

На 18 март 2014, група на студенти од Тајван почнаа демонстрации против договорот за слободна трговија со Кина и нивните протести траеа 24 дена. Стотици демонстранти кампуваа на улиците, но владата не ги прифати нивните барања да го одложи договорот. Студентите самите се повлекоа од протестот.

За Евромајдан протестите од 2014 година веќе пишувавме овде.

***

Она кое што е евидентно за сите наведени држави е тоа што во секоја од нив имало или политички или економски причини (изборни нерегуларности или економски проблеми, слаб животен стандард, недостиг на демократија и ускратување на човековите права), кои водат до внатрешни немири, односно граѓански отпор. Не е вистина поткрепена со докази дека САД и ЦИА собориле демократски влади избрани во овие држави. Во сите овие револуции има голем број на фактори кои придонеле за нив, вклучително опозицијата во државите, невладиниот сектор, интернетот, младите, но, главните протагонисти се секогаш домашни актери од државата каде се случува револуцијата и не може да бидат САД и ЦИА.

Точно е дека САД има финансирано невладини организации кои што се борат за демократизација, за владеење на правото и слично, исто како што е точно дека реално е да има присуство на ЦИА во многу земји во светот, вклучително и споменатите,  но тие исто така и најчесто, не се ексклузивен фактор кој влијае една власт да падне или да се појават немири.

Во постот кој го рецензираме, едноставно се потценува и анулира влијанието на граѓаните на секоја засебна држава да одлучува за своите демократски процеси. Поради сите горенаведени факти постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит. Нема докази дека ЦИА се обидела да собори над 50 легитимно избрани влади. Впрочем, најголем дел од демонстрациите почнуваат поради нерегуларности во изборите, односно опозициски тврдења дека станува збор за наместени нерегуларни избори, после што разни групи и поединци во државите го изразуваат своето незадоволство од таквата состојба.

 

***

Овој напис е изработен во рамките на проектот Промовирање на пристап до веродостојни вести за борба против дезинформации, имплементиран од Фондацијата Метаморфозис. Написот, кој е првично објавен во Вистиномер, e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација NED (National Endowment for Democracy). Содржината на написот е одговорност на авторот и не секогаш ги одразува ставовите на Метаморфозис, НЕД или нивните партнери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...