fbpx

Нема докази дека милениците го пренесуваат Ковид-19

-

Здружението за заштита на животните Анима Мунди поднесе барање до Владата за измени во полицискиот час. Воедно, тие бараат од министерот за здравство, Венко Филипче, јавно да соопшти дека милениците и бездомните кучиња и мачки не го пренесуваат корона вирусот.

„Бараме јавно да биде соопштено од министерот за здравство дека милениците и бездомните кучиња и мачки не го пренесуваат вирусот (COVID – 19), како што соопштува Светската здравствена организација, со цел да се избегне создавање паника кај населението и непотребно дефокусирање од потребните мерки за справување со понатамошно ширење на вирусот“ – велат од здружението.

Иако неодамна Светстката здравствена организација на својата страна во секцијата за разбивање митови објави дека не постојат докази дека животните односно кучињата и мачките можат да бидат заразени со вирусот, сепак оваа информација повеќе не е достапна во секцијата.

Реакции во јавноста за тоа дали милениците (кучиња и мачки) се носители и можат да заразат човек со Ковид-19, се појавија откако од медиумите се дозна веста за починатото куче во Хонг Конг. Кучето покажало позитивни резултати на вирусот откако било во присуство на својот сопственик, кој веќе бил заразен со Ковид-19.

Според извештајот на Светската организација за здравје на животните, кучето не покажувало клинички знаци на болест.

„Нема докази дека кучињата можат да ја шират болеста или дека болеста може да предизвика животно да се разболи. Иако понатамошните студии може да донесат нови откритија“ – велат од организацијата.

Тие ги советуваат сопствениците на миленичиња заразени или подложни на зарази со коронавирусот да избегнуваат близок контакт со своите миленици и грижата за миленикот да ја преземе друг член од домаќинството. Во случај ако мора да се грижат за своето милениче, да одржуваат хигиенски навики и да носат маска за лице.

Од ветеринарната комора на Македонија истакнуваат дека според сите релевантни стручни и научно потврдени информации во врска со Ковид-19 не постои можност овој вирус да се шири преку домашните миленици.

„Потенцираме дека не постојат никакви научно валидизирани докази за ширење на вирусот од миленик на човек. Следствено на ова, а по добиени информации за труење на кучиња во разни делови на државата, најостро ги осудуваме тие крајно нехумани и нерационални постапки“ – изјави претседателот на Комората, Томислав Николовски.

И ветеринарите во светот со слични размислувања. Тие велат дека кучињата може да бидат носители на вирусот, пример да го имаат на своето крзно, но не и да се заразат од него.

„Кучето никогаш не се разболело, па затоа и останува нејасно дали тестот е позитивен поради тоа што миленикот бил подолго време во средина со човек инфициран со Ковид-19 или навистина се заразило со вирусот“ објаснува Кристи Лонг, ветеринар и раководител на ветеринарна медицина при „Modern animal“.

„Бидејќи кучето живеело со заразен пациент, голема е веројатноста тестот да биде позитивен како резултат на тоа што кучето допрело површини со својот нос“ – додава ветеринарката Лонг.

Во меѓувреме, сѐ уште нема официјална информација од Владата дали ќе има исклучок за сопствениците на миленици за време на полицискиот час, кој за викендите предвидено е да трае од 16 до 5 часот наредниот ден.

Меѓутоа, премиерот Оливер Спасовски во вечерашното гостување на телевизија Канал 5 на прашањето дали ќе се прават исклучоци за сопствениците на домашни миленици за време на полицискиот час, изјави дека мерката треба да се почитува од сите, а граѓаните да се организираат во нејзините рамки.

„Мерката треба да се почитува од сите граѓани и врз основа на тоа што е донесено од Владата. Се знае што е вонредна состојба, се знае што значи рестрикција на движењето. Таа не е донесена затоа што некој сака, туку затоа што треба да се донесе за да се справуваме полесно со целата оваа ситуација. Секој еден граѓанин треба да се организира и да бидеме дисциплинирани во рамките на одлуките кои што се донесени“ – рече Спасовски.

Дваесет здруженија и активистички групи за заштита на животни од целата земја бараат измени во мерката. Потенцираат дека е од особено значење во најкус рок да се произнесат надлежните, бидејќи мерката спапува на сила за еден ден, поточно од 28 март 2020 година.

Тие бараат да биде дозволено изнесување на миленик во рамки на полициски час во радиус од 200 м од живеалиште/престојувалиште по примерот на сите европски земји каде што има воведено полициски час и ситуацијата е регулирана на истиот начин. Исто така, неопходна е и дозвола за посета на ветеринар/дежурна ветеринарна служба во рамки на полициски час во случаи на животозагрозувачка состојба на миленик, како и дозвола за изнесување миленик во рамки на полициски час како помош на лица кои се недоволно подвижни, во радиус од 200 м од живелиштето/престојувалиштето на тие лица.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

(АНАЛИЗА) Јавен сектор: вработени по етнички клуч и според образование

Во четири министерства застапеноста на етничките Македонци изнесува 70 отсто од вкупниот број на вработени. Во седум ресори застапеноста на етничките Албанци е над 30 проценти, пишува Порталб.мк. Во...