Зоран Заев и Христијан Мицкоски по средбата кај претседателот Пендаровски | Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

По повеќе од два и пол часа во претседателскиот кабинет на Водно, лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски не постигнаа договор за нов датум за одржување на предвремените парламентарни избори, кои пред почетокот на коронавирус пандемијата беа закажани на 12 април.

Иако новинарските екипи за целото времетраење на средбата во претседателската Вила Водно чекаа изјави од лидерите, тие се обидоа да го избегнат соочувањето со јавноста. На крајот, сепак, двајцата лидери дадоа кратки изјави во кои посочија дека било усогласено да не одговараат на прашања на новинарите.

Христијан Мицкоски | Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

„Во интерес на процесот, во интерес на сложеноста на целата ситуација, донесовме заеднички заклучок претседателот преку соопштение да ја информира јавноста за тоа што денеска се случуваше. Во деновите што следат, ќе имате дополнителни информации за тоа како ќе се развиваат настаните“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Лидерот на Социјал-демократскиот сојуз, Зоран Заев, исто така кратко изјави дека не е постигнат договор, „со тоа што оставивме можност во текот на утрешниот ден доколку една од страните заклучи дека треба да се слушаме, се слушаме“.

Зоран Заев | Фото: Арбнора Мемети, Мета.мк

„Остануваме на соопштението и нема да дадеме дополнителни коментари ниту да одговараме на прашањата. Тоа е усогласен став и со претседателот на државата Пендаровски и со господинот Мицкоски “, рече Заев.

Кабинетот на претседателот Стево Пендаровски, за волја на вистината, испрати соопштение за медиумите, во кое само на кратко беше напоменато дека не е постигнат договор но ќе продолжи комуникацијата меѓу двајцата лидери на партиите.

„На средбата се разговараше за различни аспекти на изборниот процес, при што и двете страни понудија аргументи во прилог на нивните позиции. На средбата не беше постигнат договор за одредување датум за предвремените парламентарни избори. Двајцата лидери се договорија да ја продолжат комуникацијата меѓу себе“, гласи соопштението на Кабинетот на Пендаровски во целост.

Ова е трета средба на лидерите на политичките партии во врска со предвремените парламентарни избори која завршува со неуспех. За разлика од претходните две средби, овој пат не учествуваа лидерите на политичките партии од албанскиот блок. На претходните средби лидерот на владеачката ДУИ, Али Ахмети не посочи конкретен датум, но побара решението да биде донесено со консензус.

Инаку, изминатиот период владејачката СДСМ се погласно бара изборите да се одржат на 5 јули, додека ВМРО-ДПМНЕ, која исто така е дел од техничката влада чија единствена задача требаше да биде одржување избори, јавно бара изборите да се одржат кон крајот на летото.

Со почетокот на изборниот процес оваа пролет беше формирана техничка преодна влада според Пржинскиот модел која додека беше на власт ја затекна коронавирус пандемијата поради што се воведе вонредна состојба, а изборниот процес беше паузиран.

Претседателот Пендаровски, претходно во текот на денешниот ден донесе одлука да не ја продолжува вонредната состојба која завшува овој викенд.

Амбасадорката на САД во Северна Македонија Кејт Мери Брнз, како и евромбасадорот во земјава Семјуел Жбогар пред почетокот на средбата, дадоа изјави за медиумите во кои посочија дека е добро лидерите на политичките партии да постигнат договор за одржување на избори.