fbpx

Нема дилеми, корона вирусот ќе има драматични последици врз економијата

-

Негативните ефекти од вонредната состојба со корона вирусот се прелеваат од еден во друг сектор и тие ќе се одразат на сите компании, а последиците врз македонската економијата најмногу ќе се почувствуваат во вториот квартал од годинава. Резултатите на економски план годинава ќе бидат можеби и најлошите во однос на сите досегашни кризи на кои беше изложена нашата економија, од осамостојувањето досега, оценуваат економски експерти.Додека трае пандемијата, многу фирми, главно, ќе се соочат со намалена ликвидност, поради намалување на производството, што пак, ќе донесе намалени плати, помалку работни часови и намален број на вработени.

Додека во многу држави во светот секојдневно се затвораат компании и се отпуштаат работници, а светските експерти калкулираат дека корона кризата ќе „изеде“ над 20 милиони работни места во светот, во Македонија во моментов не може да се посочат конкретни бројки на лицата кои ќе останат без работа и од кои дејности би ги имало најмногу. Досега само угостителските здруженија излегоа со податокот дека се загрозени 29.000 работни места, а поголем дел од компаниите веројатно очекуваат дека со кредитната помош од Владата ќе успеат да ја пребродат кризата. Сепак, додека траат пресметките за последиците, извесно е дека ќе има значително намалување на бројот на вработените, односно ќе дојде до зголемена невработеноста во државава, проценуваат економски експерти. Таа за 2019 година изнесува 17,3 отсто, според Државниот завод за статистика.

„Како мала и отворена економија ние сме изложени на глобалните влијанија, а во која мера тие ќе се одразат врз домашната економија, зависи од тоа колку брзо ќе се стави под контрола пандемијата од корона вирусот и колку брзо ќе се ревитализира, пред се кинеската економија, а потоа и економиите на нашите доминантни трговски партнери. Сепак, првичните проценки на „Фајненс тинк“ се дека економската активност во вториот квартал ќе падне многу поостро во споредба со било кој период од независноста на државава. За надминување на економските последици од Ковид-19 треба е да се обезбеди циркуларен тек на средствата, за да можат компаниите да исплаќаат плати, вработените да имаат минимум средства за живот, другите граѓани да продолжат непречено да добиваат социјална заштита, а буџетот да може континуирано да го финансира здравствениот и безбедносниот сектор“, вели Благица Петрески директорката на Институтот за економско истражување и политики, „Фајненс Тинк“, и додава дека економските мерки на Владата се во линија на препораките на Институтот, а тоа е, пред се, да се одржи ликвидноста во економијата и да се заштитат работните места.

Петрески објаснува дека, генерално, економскиот шок од корона вирусот, влијае преку два канала, пад на побарувачката за стоки и услуги, поради зголемена неизвесност, воздржаност од инвестирање и внимателно однесување во потрошувачите, и пад на понудата на стоки и услуги поради нарушени синџири на добавување, предизвикано од затворени фабрики или намалено производство. И двата канала негативно ќе се одразат врз вработеноста, посебно во секторите кои поради намалената мобилност и почитување на мерките, се целосно затворени или нефункционираат, угостителство, трговија и туризам.

„Ефектите би се движеле во неколку сценарија, пред се, краткотраен и секторски шок, главно врз директно погодените сектори од намалениот обем на работа од пореметените текови на понудата и побарувачката. Значи, нарушената ликвидност е првиот сериозен ризик. Тоа понатаму ќе го зголеми ризикот од отпуштање на работници, а најмногу на оние со краткорочни договори, потоа ќе следи намалување на работни часови, на платите…Сепак, во моментот е тешко да се направи проценка колкав ќе биде бројот на лицата кои ќе останат без работа и од кои дејности. Јасно е дека економскиот шок ќе се прелева од еден на друг сектор, поради ширење на ефектот од прекинатите синџири во снабдувањето, општата намалена побарувачка и намалена ликвидност. Ќе има и натамошни нарушувања во производството, најмногу зато што тоа не може брзо и лесно да се рестартира, поради неможноста за лесна набавка на инпути и репроматеријали, или затоа што тие ќе бидат со значително повисоки цени“, вели Петрески.

Според заменик министерот за економија, Кирил Колемишевски, од вонредната состојба со корона вирусот први на удар беа секторите угостителство, туризам и транспорт, бидејќи тие директно зависат од секојдневните животни активности на граѓаните. Сепак, според него, имаме и дефанзивни сектори, како што е прехранбениот и фармацевтскиот, кои не би требало да претрпат загуби во ист обем како угостителскиот сектор, туку напротив, треба да останат стабилни, па дури и да прикажат одреден процент на раст.

Во врска со намалувањето на вработеноста што и се заканува на економијата, Колемишевски не сака да шпекулира околу бројката на отпуштања на рабтниците.

„Владата се бори за секое работно место и нема да се дозволат злоупотреби од страна на работодавците. Во моментов се прават пресметки и многу се внимава околу користењето на буџетските средства, за тие да бидат употребени во правилна насока и да нема масовни отпуштања. Солидарноста како принцип ќе мора да се примени, бидејќи со ваква криза, никој и не знае како точно да се справи. Ова го нема во учебниците или во веќе поставените модели. Затоа треба да бидеме крајно внимателни и да не се злоупотребува кризата за лично профитирање, а на грбот на работниците“, вели тој.

Колемишевски додава дека во моментов не може да се зборува кога би биле првите негативни сигнали врз економијата, затоа што сѐ уште и нема конкретни реални бројки од секторите, кои би можеле да се проверат од повеќе извори. Веќе во првата недела на април, според него, би можело да има некакви кредибилни информации, врз основа на кои понатаму ќе се развиваат други модели на државна помош.

„Треба прво да се видат економските и финансиските загуби по одредени сектори, па потоа да се разгледуваат други модели. Ваква криза досега во светски рамки не е видена. Ќе треба да се види колкав ќе биде ефектот на приходната страна на буџетот, да се рационализираат трошењата на државата, и сите сили да се насочат кон зачувување и штитење на македонската економија. За очекување е дека БДП во вториот квартал од годинава ќе има пад. Треба сите да работиме БДП во третиот квартал да се стабилизира, а во четвртиот квартал да покаже пораст“, посочува Колемишевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Донбас. Вчера, денес, утре“ – документарец во најдобрата пропагандна традиција на Кремљ

Руската амбасада деновиве го сподели на Фејсбук документарецот „Донбас. Вчера, денес, утре“ (2021), во кој се користи една честа манипулација, а тоа е правење збрка во редоследот на настаните, за...