Скопје на 9 април 2020 година беше во карантин | Фото: Арбнора Мемети

Изминатата недела, секој ден имало прекршувања на мерката изолација и самоизолација, покажуваат податоците од Министерството за внатрешни работи. Од минатата среда, заклучно со денес, 19 лица не ја почитувале оваа мерка. Најмногу од нив (шест) се евидентирани во петокот, на 12 јуни. За викендот имало четири прекршувања по овој основ.

Ваквото непочитување на мерките за спречување на ширењето на корона вирусот доаѓа во идентичниот период кога беа регистрирани 1.059 новозаразени со ковид-19, а починаа 44 лица. Министерот за здравство Венко Филипче веќе се закани дека јавно ќе се објавуваат имињата на лицата кои треба да одат во самоизолација, а од владата уште минатата недела најавија дека секое лице што ќе ги прекрши одредбите од решението за самоизолација ќе оди во 14-дневен државен карантин што ќе треба самиот да си го плати.

И покрај заострувањето на мерките за несовесните граѓани, МВР во последното деноноќие евидентирало четири прекршоци за изолација и самоизолација. Дополнително, 633 лица не носеле заштитна опрема, за кои ќе следуваат парични казни.

Досега, во државата се регистрирани вкупно 4.289 лица заразени со корона вирус, бројката на оздравени пациенти е 1.757, додека од ковид-19 досега починале 201 лице, а во моментов бројот на активни случаи изнесува 2.331. Земјава веќе живее со вториот, засилен бран на ширење на корона вирусот, за кој властите соопштија дека е резултат на непочитување на мерките за заштита од страна на населението.