Средствата кои се донирани во солидарниот фонд на Министерството за здравство за собирање средства за справување со корона вирусот, се ослободуваат од ДДВ, одлучи Владата на последната седница.

„Со цел поголемо стимулирање на потенцијалните даватели на донации кон буџетските корисници, прометот остварен кон примателите на донации – буџетски корисник, се ослободува од данокот на додадена вредност со право на одбивка од претходен данок, под услов давателот на донацијата да поседува потврда за примена донација од страна на примателот на донацијата“, соопшти Владата.

Прометот на добра и услуги кој се реализира од донирани финансиски средства се ослободува од ДДВ доколку примателот на донацијата – буџетски корисник, достави изјава дека прометот се реализира со донирани финансиски средства. Вршителот на прометот односно давателот на донацијата од оваа предлог уредба, е должен да води евиденција за прометот на добра и услуги кон буџетскиот корисник-примател на донацијата.