„Нема да биде крај на светот“ доби награда за најдобра претстава на фествал во БиХ

фото: Македонски народен театар (МНТ)

Претставата „Нема да биде крај на светот“ е прогласена за најдобра претстава од страна на новинарското жири на фестивалот „БиХ драма Зеница“ во Босна и Херцеговина. Копродукцискиот проект помеѓу Македонскиот народен театар (МНТ) и Сараевски ратни театар (САРТР) е на авторот Аднан Лугониќ, а во режија на Нина Николиќ.

„Претставата „Нема да биде крај на светот“ е една од трите претстави на овој фестивал што се занимава со семејството. Текстот на Лугониќ и одличната режија на Николиќ, како и одличната актерска изведба на сите три протагонисти – Дарја Ризова, Саша Ханџиќ и Џенана Џаниќ, беа доволна гаранција дека новинарското жири ќе ја прогласи оваа претстава за надјобра на 21-то издание на фестивалот“, велат организаторите на фестивалот.

Претставата се занимава со рушењето на интимните светови. Сите три лика од драмата под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет, односно, светот каков што го замислувала за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да му излезат во пресрет.

„Таа 2018-та година кога се создаваше текстот, крајот на светот го препознавав на секој чекор – додека шетам по улица, седам во кафеана или парк, се возам во автобус или воз, додека еуфорично скокам на концерт, танцувам во клуб или просто додека стојам и набљудувам. Крајот на светот ми се чинеше како постојан процес што оди паралелно со изградбата и напредокот. Секој од нас носи некој свој „крај““, вели авторот Аднан Лугониќ.

Од МНТ информираат дека следната изведба на „Нема да биде крај на светот“ е закажана за 22 јуни во 20:30 часот на сцената во МНТ, а во рамките на Скопско лето.