Градот Скопје активно го следи проблемот за недостигот на паркинг места низ главниот град, но досега немаат направено анализа за тоа колку места за паркирање недостасуваат во Скопје иако скопскиот градоначалник Петре Шилегов пролетва изјави дека на главниот град му недостигаат околу 8.000 паркинг места. Градските власти изработиле физибилити сообраќајна студија за паркирањето на подрачјето на Град Скопје, но и во неа нема податоци колку паркинзи фалат.

Од Секторот за сообраќај при Град Скопје за „Мета.мк“ велат дека поради порастот на бројката на регистрирани автомобили во градот може да се очекува и зголемување на проблемот со недостиг на паркинг места, но тие немаат конкретни бројки во однос на ова прашање.

Во однос на изградбата на нови објекти за паркирање во наредниот период, градските власти посочуваат дека информации за ова прашање треба да се постават до ЈП „Градски паркинг“ – Скопје. Инаку, токму од ова претпријатие веќе ни изјавија тие немаат доволно финансии за да инвестираат во изградба на монтажни или катни гаражи во главниот град.

– ЈП „Градски паркинг“ – Скопје со моменталниот ценовник на услуги не обезбедува доволно финансиски средства за да инвестира во капитални објекти – информираат за „Мета.мк“ од ова јавно претпријатие.

Јавните претпријатија „Градски паркинг“ и „ПОЦ“ веќе информираа дека самите регистрирале поголем број на издадени повластени карти за паркирање или бесплатни дозволи за паркирање за станари во споредба со вкупниот број на паркинг места со кои тие располагаат во Скопје.