Здружението за промоција на документаристика, по реализацијата на јубилејното 15 издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ и Патувачкото кино, своите активности ги продолжува со серија проекции распоредени во четири блокови во рамки на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“.
Како што информираат организаторите, првиот блок проекции ќе се одржи на 11 и 12 ноември, со почеток во 20 часот, во Кафе и кино „Котур“.
„На програмата се документарните филмови „Акаса, нашиот дом“ (Романија, Германија, Финска/2019/86’) на режисерот Раду Чорничук и „Нема да исчезнеме“ (Украина, Франција, Полска/2023/100’) на Алиса Коваленко. Филмот „Акаса, нашиот дом“ носи трогателна и внимателно осмислена приказна за гентрификацијата, видена низ очите на семејство кое се обидува да се приспособи на нов наметнат живот“, информираат организаторите.
Во документарниот филм „Нема да исчезнеме“ се работи за група тинејџери од Донбас, кои се на прагот на зрелоста и имаат сон да го освојат светот. Среде пукотници и експлозии, тие не губат надеж и решаваат да го следат својот сон да патуваат, кој на крај се претвора во реалност.